Дојде и новата 2021 година. Сите мислевме дека со отчукувањето на часовникот на полноќ, се ќе остане во претходната година - сите грижи, незадоволства, сите конфликти и недоразбирања, па дури за момент си помисливме и дека вирусот полека ќе згасне. Но, се некако почна да се провлекува и на почетокот на 2021 година, вклучително и вирусот кој е сеуште тука, грижите се се поголеми и кризите се неизбежни.
Во едно вакво време-невреме кога светот се соочува со пандемија од огромни размери и кога сечиј живот е загрозен, ние сеуште дозволуваме стариот товар од минатото да не надвладее и изолира повеќе од самото физичко дистанцирање.
Северна Македонија и Грција – два соседа со долга и за многумина комплицирана историја испреплетена со конфликти, негирања, антагонизми. Почнувајќи од античкиот период, па преку ,,Привремената спогодба” потпишана во 1995 година и затварањето на познатиот Спор околу името, овие две парчиња земја отсекогаш имале сложени билатерални и односи во меѓународните организации. Сите историски прашања, политичкиот антагонизам, недоразбирањата и споровите помеѓу двете страни беа формално - правно затворени со Преспанскиот договор потпишан на 17 јуни 2018 година. Иако овој договор според мене, а и според многумина граѓани на двете земји, е контроверзен, сепак тој може да биде добра појдовна основа за развивање на соработка, почит и пријателство помеѓу двете држави и двата народи.
Видете и ова: Апатијата кај младите како проблем во општествотоНие и нашите драги пријатели од Република Грција не можеме да ги земеме нашите држави и да ги преместиме на друга локација, одбирајќи ги соседите и опкружувањето, но можеме и мораме да научиме како заедно да живееме.
Со затварањето на границите, привремено се затвори и надежта за интензивна физичка соработка помеѓу младите од двете држави која е клучна за градењето на довербата помеѓу двете страни. Сепак, водени од 10 годишната работа на проектот „Контакти за заедничка иднина“ и идејата која прозилезе од истата за воспоставување на билатерална канцеларија за младинска соработка меѓу Северна Македонија и Грција, Младинскиот Сојуз, заедно со своите партнери и поддржувачи, секојдневно пронаоѓаат нови начини за поврзување и запознавање на младите. Секој испратен мејл, секој повик, секоја порака или пак состанок на ,,zoom”, остварен преку границите на двете држави, е чекор напред за оваа соработка. Нашите истражувања укажуваат дека околу 1 000 млади луѓе од различни региони на двете соседни земји биле директно вклучени во активностите за соработка и дијалог.
Тоа ни укажува дека младите сакаат соживот, но немаат соодветни механизми за остварување на истиот. Па затоа, неминовно е да се отворат нови можности за младите преку кои тие самите ќе започнат со градењето на силни и цврсти врски. На младите не треба да се гледа само како на информации и можности, туку тие исто така, треба да бидат производители на една широка идеја за единство и помирување.
Но што точно значат силни и цврсти врски – млади и млади? Дали под тоа разбираме заеднички активности како изложби, дебати, културни настани, кулинарски вечери или пак студиски размени, семинари, работилници и слично? Да, сите овие активности се клучни за соработката, меѓутоа она најсуштинското кое треба да ја претставува основата на овие врски е токму довербата помеѓу двете страни. А таа доверба се гради со искреност, меѓусебно почитување, взаемно делување и вложување.
Социјално претприемништво и креативно решавање на проблеми
Младите и младинските организации отсекогаш биле и секогаш ќе бидат дел од решението за градење и зајакнување на добрососедските односи кои се неминовни за добра и просперитетна иднина на луѓето од двете земји. За таа цел, клучно е: обезбедување на ресурси и информации за младите, кои во минатото не постоеле, доаѓале од помал број на извори и биле контролирани и обезбедени од неколку даватели на информации, потоа надминување на долгогодишните стереотипи, предрасуди, недоразбирања и незадоволства поттикнати од политичките конфликти кои неминовно се наметнуваат секогаш кога ќе се споменат имињата на овие две држави и најважно од се потребни ни се нови, амбициозни луѓе подготвени за градење на подобра, заедничка иднина со нови доверливи познанства и пријателства.
Едноставно, прогресивните сили треба да победат со свои идеи, дејствувања, стратегии и програмски определби, користејќи ги сите раположливи алатки за дејствување, било со непосредна физичка активност и присутство или со користење на социјалните медиуми. Само така, цврсто и одлучно ќе се каже едно големо НЕ на силите кои се приврзаници на ретроградноста или лажниот патриотизам кој во одделни сегменти ги има елементите на национализам, а кои сили мораме да признаеме дека не се за потценување во двете држави.
Затоа, на секој чекор, во секоја прилика неопходно е и треба кај младите да ја вратиме и негуваме довербата, љубовта кон соседите, поимот соработка да го доживуваат како нешто свое, доверливо, а не како нешто туѓо, неприродно. Граѓаните од ,,таа” страна на границата да ги гледаат како блиски, сигурни партнери со кои ќе градат подобра, попросперитетна, заедничка иднина.
Не неколку часови, малку ќе бидат и неколку денови и месеци да се говори на оваа тема, но ние треба сега и веднаш да започнеме со дела бидејќи ,,зборови без дела” е токму она што не доведе во оваа позиција. Јас верувам во младите и верувам дека тие не само што се самата иднина, туку тие се и креатори на истата. Затоа, ајде уште веднаш да започнеме со градењето на сигурни врски помеѓу младите во чии темели ќе бидат довербата, поддршката и синергијата. А кој друг го може тоа подобро од самите млади, од нас?
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.