Достапни линкови

Апатијата кај младите како проблем во општеството


Теа Мицевска, студентска правобранителка на УКИМ 2020 - 2022
Теа Мицевска, студентска правобранителка на УКИМ 2020 - 2022

Оваа апатичност која оди рака под рака со мислењето дека живееме во општество кое не може да се промени се искористува така што постојано се одржува во живот мислењето дека „системот” е создаден да угнетува, пишува студентската правобранителка при УКИМ Теа Мицевска.

Живееме во општество кое подлежи на постојани промени. Заради брзиот развој на технологијата и технолошкиот напредок секојдневно сме натрупани со бројни информации од различни области. Секако, секој од нас селектира кои од тие информации се блиски до неговите интереси и на тој начин ги надоградува истите.

Притоа, постојат серија извори на информации кои допираат на најразлични начини до сите од нас. Меѓутоа, во вакви околности неизбежно е да се постави прашањето: „Како младите остануваат апатични во општество кое секојдневно е гранатирано со безбројни податоци и информации?“

Апатијата како феномен на модерното општество би можела да се објасни како состојба на рамнодушност, „отапеност“ на чувствата или, пак, чувство на непостоње на цел во животот на индивидуата. Разгледувана како таква, може да се манифестира во различни сфери во животот на секој човек. Но, генерално гледано, апатијата претставува проблем кој може да го раслои општеството. Незаинтересираноста во поглед на битни прашања поврзани со самиот начин на управувањето со државата како и владеењето на правото може да биде искористена. Тоа е затоа што апатијата некому одговара.

Сè почеста појава е пасивното држење на младите особено кога станува збор за нивно социо-политичко активирање. Се поставува прашањето која е причината за таа неактивност, дали можеби разочараноста од функционирањето на ситемот или недовербата кон институциите?

Во голема мера влијае и корупцијата за која може да се каже дека е безмалку институционализирана во системот. Овој засебен проблем повлекува низа други проблеми како што се непостоење желба да се покрене инцијатива за изнаоѓање решение, едноставно помирување со моменталната состојба и заземање став дека живееме во држава која не може да се подобри. Сето тоа создава маса која нема волја да развие критичка мисла и на тој начин се става во позиција на мета која е лесна за манипулирање.

Постои и опција дека сепак во одредена мера се развива критичка мисла кај некои поединци кои сметаат дека дури и да го кренат гласот во ова општество тој нема да биде чуен и ќе биде „проголтан“ од системот. Ова е веројатно една од најтоксичните состојби која е апсолутна противречност на демократијата и која се коси за сето она за што се залага демократијата како облик на управување.

Оваа апатичност која оди рака под рака со мислењето дека живееме во општество кое не може да се промени се искористува така што постојано се одржува во живот мислењето дека „системот” е создаден да угнетува. Тоа е едно генерално мислење кое непрестајно се пласира, и колку и да звучи клише, луѓето сакаат некој да им го потврди она што сметаат дека веќе го знаат. На тој начин се спречува било каква стимулација на желба за промена.

Ваквото мислење е суштествено погрешно. Парадоксално е како честопати знаеме да кажеме дека проблемот е во општеството, а ние сме оние кои го чинат општеството. Дотолку повеќе, поимот „проблем“ не е ништо друго освен песимистички израз за „предизвик“.

По сè изгледа дека младите се најактивни и најмногу го креваат својот глас кога станува збор за говор на омраза. За некои е можеби конфузна дистинкцијата меѓу говор на омраза и слобода на говор па затоа и настанува проблем. Но, како што вели Волтер: „Не се согласувам со тоа што го кажувам, но до смрт ќе го бранам твоето право да го кажеш“. Ова е еден од основните темели на едно здраво демократско општество кое иницира плурализам на мислења и дебати во насока на унапредување на правата и животот на луѓето, а не нивно угнетување или држење во позиција на status quo.

„Проблем за кој не смее да се молчи“

За да се направат коренити промени, она што е извесно е дека е потребен многу труд и напор, едукација уште од најрани години и континуирано надоградување на луѓето во текот на целиот живот, за да не дозволиме да биде искористена генералната незаинтересираност кон општествените случувања. Иднината и ентузијазмот на младите не смеат да бидат уништени ниту од харизматични лидери, ниту од недостатокот на доверба и разочараноста која е во голема мера присутна. Нашите слободи и права, како и желбата за подобра иднина треба да се основни мотиви кои ќе не водат.

Слободите и правата ни се уставно загарантирани, на нас останува дали и колку ќе работиме на нивна заштита и унапредување.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG