Горивото ќе го „изгори“ џебот на тие што годинава ќе одат на одмор

Илустративна фотографија

Поскапувањето на горивата силно ќе го погоди буџетот планиран за годинешниот одмор. Само за пат до Охрид, годинава ќе треба да се одвојат илјада денари повеќе од лани. Најдоборо ќе минат тие што возат на плин.

На прагот на летото, како што растат температурите надвор, се повеќе граѓани почнаа да го планираат својот одмор. Но освен жешко време, годинава жешки се и цените на горивата, кои ќе бидат битна „ставка“ во планирањето на буџетот за годинешниот одмор.

Така, ако само за гориво до Скопје до Охрид (и назад), со автомобил на бензин биле потребни околу 2300 денари, годинава истото чини 3500 денари, или 1200 денари плус. Ако возилото е дизел, тогаш е нешто поевтино, па ако лани за пат во Охрид биле потребни 1600 денари, годинава за истото ќе требаат 2800 денари. Најдобро ќе поминат тие што патуваат со автомобил на плин. Ним лани за истата дестинација им требале 1000 денари, а годинава ќе треба да одвојат 1700. Слична е ситуацијата и за пат до другите туристички места, како Преспа или Дојран.

Пресметката ја направивме користејќи просечен автомобил кој троши 7 литри дизел на 100 километри, односно 9 литри плин или бензин за истото растојание. Помалите и понови автомобили ќе потрошат нешто помалку, поголемите и постари - значително повеќе.

Оние пак кои ќе се одлучат да патуваат надвор од земјава, за горивото ќе треба да „брцнат“ подлабоко во џебот. Од Скопје до Охрид има 180 километри, до Халкидики пак во Грција, кое е едно од најпосетуваните места од македонските граѓани, треба да се извозат речиси двојно повеќе. Така, ако лани за бензин за одмор во Грција ви требале околу 4500 денари, годинава само патот ќе ве чини околу 7000 денари.

Видете и ова: Македонските нафтени компании со милионски профит во нафтена криза

Оваа пресметка важи само ако бензинот се полни во Македонија, каде литрo ЕВРОСУПЕР 98 е 112 денари. Истиот во Грција чини 2,4 евра (околу 150 денари). На сето тоа секако треба да се додадат и патарините од околу 1000 денари во двата правци, од кои 720 денари за низ Македонија.

До Бечичи пак, во Црна Гора, каде што ќе оди скопјанката, Мери Стаменковиќ само за бензин би требале околу 8500 денари. Вели дека секоја година патуваат на Јадранското море. Годинава ќе одат со автобус, па уплатиле целосен аранжман со сместување преку агенција. Истакнува дека со сегашните цени на горивата, веќе е проблем е да се патува со автомобил.

„Ќе беше и тоа многу голем проблем, многу е скап бензинот. Така што не се исплати во град да го возиш, а не пак да излезеш надвор од нашава Македонија“, вели Стаменковиќ.

Поради високите цени, наспроти нискиот животен стандард годинава на одмор нема да оди Сашо Лусески кој останал без работа.

„Се гледа еве, бензинот скокна, лебот скокна, значи сите продукти се веќе скокнати. Така што, народов може ќе оди на одмор со две кила патлџан и калапче сирење. Ако мисли дека е тоа одмор, во ред е“ , додава тој.

Дома ќе остане и пензионерката Ленче Јанкуловска, но затоа пак нејзиното внуче ќе оди на одмор. Вели дека е добро тоа што имаат автомобил на плин.

„Ние пензионерите нигде, младите ќе одат. Моите се на плин, и е поевтино, ама и тој е рипнат, и плинот е рипнат“, загрижена е Јанкуловска.

Иако цената на плинот, односно ТНТ ( течниот нафтен гас) не ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, и тој е скоро двојно поскапен од лани. Така, лани ова време во просек чинел 30 денари за литар, сега е 53 денари.

Сузана Зелениковска, од туристичката агенција Фубула Ер Травел, вели дека и покрај инфлацијата летово има голем интерес за патување, препишувајќи го тоа главно на стивнувањето на пандемијата со Ковид 19. Голем дел од нивните клиенти годинава на одмор ќе одат со авион, но вели дека на поблиските места интерес има и за патување со автомобил и организирано, со автобус. Нивното искуство годинава не покажало дека раст на интересот за организиран превоз поради растот на цените на горивата. Тој е стандарден, вели Зелениковска додавајќи дека повозрасните почесто патуваат со автобус, помладите со автомобил.

Вели дека и превозниците со кои соработуваат се обидуваат да балансираат со цените, на сметка на заработката. Посебен проблем им претставува поскапувањето на авионскиот превоз.

Видете и ова: РКЕ апелира на разбирање, трговците против намалување на маржата на нафтените деривати

„Се трудиме да излеземе со цени коишто се нормални, со многу мала заработка, затоа што нас секојдневно ни ги менуваат цените на авионскиот превоз, цените растат. Проблем е. Имаме такви договори со коишто сме обврзани доколку барелот нафта расте, тогаш да прифатиме и повисоки цени“, нагласува Зелениковска.

Инаку вчера цената на суровата нафта падна за околу 7 долари во однос на минатата недела, а барел нафта на берзата во Лондон се тргуваше за околу 113 долари што е најниска цена од крајот на минатиот месец. Кај нас пак од полноќ цената на бензините се намали за 1,5 денар, ама цената на дизелот порасна за 0,5 денари. Како што информираше претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски новите цени на нафтените деривати се должат на притисокот кој го прави курсот на доларот, кој минатата недела се зголеми од 57 на 59 денари.

„Со последната методологија РКЕ ги презема податоците од Медитеранската берза, како што тоа го прават и Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска , Италија и Грција, за секој дериват посебно. Тоа што се случува на светски берзи за брент суровата нафта ние не го земаме во пресметките. Како земја која нема рафинерија ги земаме готовите производи, посебно за дизелот, посебно за бензините, посебно за екстра лесното масло и посебно за мазутот“, истакна Бислимоски.

Така, со последната промена дизелот и бензинот се изедначија на 110 денари за литар, односно 112 денари за Евросупер БС-98.

Според последните податоци на Евростат, најголем дел од македонските граѓани или скоро 53% возат на дизел, 44% се на бензин, а нешто помалку од 3% на плин. Занемарувачки е бројот на возила на струја, хибриди или оние кои користат други алтернативни горива.