Вкупно 723 луѓе го искористиле правото на глас во рамки на денешното гласање на лица заболени од ковид-19 и во самоизолација, информираше денеска Државната изборна комисија. За гласање до ДИК се пријавиле 823 луѓе, од нив биле прифатени барањата на 759 луѓе. Од нив 36 не го искористиле правото на глас.
Во текот на денот, ДИК излегуваше со различни бројки на пријавени и прифатени барања за гласање. Претседателот на ДИК Оливер Деркоски појасни дека било утврдено дека треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките кои ги соопштиле претходно е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.
Од денешното гласање се објавува само излезност, а не бројки. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата, кои се наоѓаат во гласачките кутии. Така ќе биде и на утрешното гласање. Првични резултати се очекуваат по гласањето во среда.
Три дена гласање
Изборите за пратеници, поради пандемијата со ковид-19 ќе се одвиваат три дена, наместо досега кога изборниот процес се одвиваше во два дена. На 13 јули гласаа заразените со ковид-19, и лицата кои се во изолација заради вирусот. Следниот ден ќе гласаат болни и изнемоштени луѓе, луѓе кои се наоѓаат во затвор, притвор или се сместени во старечки домови. Главниот изборен ден е на 15 јули, в среда. За првпат изборите ќе се одржат во друг ден, наместо во недела како досега. Досега во сабота гласаа болните, изнемоштените, луѓето во затвор, а недела беше ден за избори. Партиските лидери овојпат се договорија гласањето да е во среда, а изборниот ден е продолжен за два часа, па гласањето ќе се одвива од 7 до 21 часот, претходно гласањето завршуваше во 19 часот. Владата одлучи да го прогласи 15 јули за неработен ден за сите граѓани поради одржување на изборите за пратеници во Собранието. Тој ден нема да се одработува.
Посебен ден за гласање за луѓето со ковид-19
Гласањето в понеделник се одвива исто како и кога гласаат болни и немоќни лица, односно Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори, во зависност од тоа колку лица треба да гласаат. Гласањето се одвива во домовите на заразените или лицата во самоизолација. Одборот е составени од тројца здравствени работници, при што и политичките партии имаат право да именуваат член што ќе го следи гласањето. Во општинските изборни комисии се пријавиле 773 луѓе со ковид-19 или во самоизолација да гласаат, но ДИК прифатила 711 барања.
Оние кои ќе добијат позитивни тестови меѓу 8 и 15-ти јули, нема да можат да гласаат. За гласање во вторник пак се пријавиле 9020 болни и немоќни лица.
Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски вели дека граѓаните не треба да се плашат за своето здравје, оти се преземени сите мерки за заштита на гласачките места.
„Ги повикувам граѓаните масовно да излезат на гласање, да не се плашат за своето здравје затоа што ние се погриживме да ги снабдиме сите избирачки одбори со заштитен материјал маски, за да и оние граѓани кои не можат да купат или не носат заштитна маска од кои било причини, сепак да добијат заштитна маска, да гласаат и да го остварат своето право на глас“, рече Деркоски.
Во земјава досега има над 8000 дијагностицирани со ковид-19.
Видео - Како ќе гласаат позитивните на ковид -19 и луѓето во самоизолација?
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Избирачкиот одбор го посетува домот на пријавените за гласање. Членовите на Одборот се опремени со заштитана опрема, согласно протоколите, составена од маски, ракавици и мантили за една употреба, како и визири и средства за дезинфекција.Опремата ја менуваат по гласањето на секој гласач.
Пријавениот гласач, пак, мора да има маска и ракавици. Тој пред гласањето си ги дезинфицира рацете и од дистанца. Одборот од дистанца го идентификува лицето кое гласа.
Пријавениот за гласање тајно гласа, го става гласачкото ливче во плико, а потоа и во кутија за гласачки ливчиња.Откако ќе заврши гласањето Избирачкиот одбор го предава гласачкиот материјал во просториите на општинската изборна комисија. Кутијата се отвора и пликовите се селектираат по избирачки места, па се стават во соодветната кутија на избирачкото место.
И министерот за здравство Венко Филипче уверува дека нема да има кластер избори.
„Сметам дека ДИК сосема добро ги едуцираше членовите на избирчките одбори како и на кој начин се спроведуваат тие протоколи, нешто што впрочем како препорака за организирање настан во затворена просторија важи и за другите настани, дали се тоа едукации, посета на затворена просторија, настан, марект итн. Мислам дека тоа се протоколи и препораки кои лесно може да се спроведат“, вели министерот за здравство.
Видете и ова: Следете ги здравствените протоколи за изборниот процес
Право на глас имаат 1.814.263 гласачи
Државната изборна комисија (ДИК) го заклучи Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 15 јули и право на глас на изборите ќе имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи (1.814.263).
Во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица. На посебниот список на лица кои се иселиле или работат во странство има запишани 83.054 гласачи. Во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени лица. Гласачите се поделени се во шест изборни единици, а во нив, општина со најголем број гласачи е Куманово со 93 илјади 600, а општина со најмал број гласачи е Лозово – помалку од 2 илјади.
Избори ќе се организираат на 3. 750 избирачки места. 90 предвидени места нема да се отворат бидејќи имаат помалку од 10 гласачи.
На гласање со маски
На 15 јули нема да може да се гласа без заштитна маска. Маската накратко не треба да се тргне за да може членовите на избирачкиот одбор да го идентификуваат лицето кое гласа. Секој гласач е должен да држи растојание од 1,5 до 2 метра пред објектот и влезот на самото гласачко место. Пред влегување и на излегување од гласањето, граѓаните ќе мора да ги дезинфицираат рацете. Редот за гласање се формира надвор од просторијата за гласање во согласност со безбедносните протоколи, со дистанца од два метра.
Гласачите не треба да носат заштитни ракавици. Тоа е задолжително за членовите на избирачките одбори.
ДИК е должна пред и после завршувањето на гласањето во просторите да го дезинфицира секое избирачко место. Просторијата во која ќе се гласа треба да биде со отворени прозорци или да се проветрува секој час. Во просторијата ќе биде дозволено да бидат присутни најмногу онолку гласачи колку што има паравани за гласање.
На овој начин, од ДИК велат дека ќе се обезбедат сите услови за безбедно гласање и ги повикаа граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита.
Поинаква кампања
Изборната кампања започна на 24 јуни година и траеше 20 дена. И изборната кампања се одвиваше според посебни протоколи, без масовни собири, големи митинзи и одење од врата на врата на гласачите. Сите учесници на изборите ги користат социјалните медиуми и медиумите за да допрат до гласачите.
Во трката за 120 места во македонскиот Парламент учествуваат петнаесет партии и коалиции. Листата за разлика од минатите избори е збогатена за дури девет партии и коалиции кои не биле дел од гласањето во 2016 година.
До изборите пак, дојде по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија. Првично требаше да бидат одржани на 12 април но беа одложени поради почетокот на пандемијата од Ковид – 19.
Парламентарни избори среде корона-криза се одржаа во Јужна Кореја и во Франција. А од земјите во регионот избори имаше во Србија и во Хрватска. Во Полска пак се одржаа претседателски избори.
Инфографика - сите досегашни премиери
Изборите ќе ги следат над 2.000 домашни и странски набљудувачи
За изборите се акредитирале 2550 домашни набљудувачи. Акредитирани се и 102 странски набљудувачи, како и 56 преведувачи и 55 странски новинари.
Поради пандемијата форматот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за овие избори е специјална мисија за проценка на изборите. Мисијата е составена од девет члена. На претходни избори форматот на мисијата беше изборна набљудувачка мисија со стотици долгорочни и краткорочни набљудувачи.