Дваесет фотографии на Тоше Огњанов и исто толку приказни на новинарката Сребра Ѓорѓијевска, тргнаа во борба со стереотипите и стигмите врзани со луѓето со попреченост, за да бидат мегафон на оние кои општеството некогаш не ги гледа и исто толку често не ги слуша.
Собрани на куп, фотографиите сместени во фото-изложба, а приказните на хартија, од „Кинотека“ праќаат- секое парче своја порака, со иста цел- да потсетат дека и тие се тука.
Видете и ова: Емоции и дигитални приказни под ведро скопско небоПатот до изложбата „И јас сум тука“ која од вчеравечер е отворена за јавноста, бил посебна приказна за авторот на фотографиите.
„Кога почнавме да се среќаваме со тие лица, сфативме дека ова ќе биде едно сосема друго патување. Нема да бие класична фото-сесија во која ние ќе фотографираме некого. Туку, се работи за пристап, разговор и влегување во светот на тие лица. Не би сакал да го употребам терминот „тие лица“, туку во светот на група граѓани коишто за жал во нашето општество сè уште не успеале, не тие да си го најдат, туку самото општество да им го најде вистинското место, односно да им се отвори кон нив. Ова беше едно патување во кое сфативме дека со нив може да се разговара, може да се постигнат многу работи и дека едноставно имаат потреба од тоа да бидат видени, да бидат слушнати“, изјави Огњанов за РСЕ.
Нова средба-нова радост
Искуството е посебно незаборавно и за авторката на приказните која вели дека главните пред фото-објективот и нивните семејства се едни од најсилните и најхрабрите луѓе кои ги запознала, а искуството го оценува како благородно, емотивно и такво кое отвора и очи и срце.
„Ни отворија очи во смисла - колку малку им треба за радост. Тие се радуваа буквално на секој наш повик, на самата идеја за тоа што го правиме. Бев пријатно изненадена дека не требаше многу да се убедуваме со семејствата дека е убаво да се зборува, дека треба заеднички да се бориме со предрасудите во општеството. Сметам дека по ова прашање има веќе придвижување во нашето општество, дека треба да се зборува гласно, дека не е веќе до толку стигматизирано, меѓутоа никогаш доволно и ова треба да биде вистинскиот пат“, вели Ѓорѓијевска за РСЕ.
Средбите, велат, ги одбележале широки насмевки, отворени разговори, заедничко смеење, плачење и искрени прегратки.
„Ние почувствувавме дека треба на некој начин да им помогнеме она што тие имаат да го кажат и таа насмевка што ја имаат да му ја покажеме на светот. И затоа на некој начин за самите фотографии, се трудевме тие лица по ништо да не се разликуваат од секој останат жител на оваа планета или дел од нашево општество“, истакна авторот на фотографиите, Огњанов.
Големата порака на големата слика
Изложбата на фотопортрети е поставена во рамки на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, а е дел проектот проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, инициран од театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт.
„Токму името „Децата не се раѓаат со предрасуди“ е вистинската поента на целото, затоа што ние возрасните сме тие што им ги наметнуваме предрасудите и можам да кажам слободно дека проектов е многу повеќе наменет за возрасните, заедно со децата“, истакна авторката Ѓорѓијевска.
Видете и ова: Пеејќи ја „Неправда“, лицата со Даунов синдром пуштија глас за прaвдаВечерва е закажана промоција на книгата „И јас сум тука“во „Кинотека“, која не се продава, туку се добива како подарок. На настанот ќе биде промовиран и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска, од каде тргнала оваа идеја за борба со предрасудите.
„Јас се надевам дека барем малку ќе успееме од духот на господинот Пери Јохансон, којшто е иницијатор и основач на овој театар да донесеме и во Македонија и еве деновиве кога ќе ме прашаат што би било успех на самиот проект, велам дека според мене, и до двајца да стигнеме, и до две деца и до двајца возрасни ќе биде успех“, додаде авторката.
Изложбата ќе биде поставена во Кинотека во следниве три седмици, со можност за продолжување доколку има услови, но и со опција следната година да патува низ други градови, по Скопје како прва станица.