Доколку денеска не ја добијат септемврската плата, вработените во ЈСП се заканија дека утре со семејствата ќе протестираат пред седиштето на јавното претпријатие. Во меѓувреме во знак на протест пред Владата излезе и раководството на јавното претпријатие и на Град Скопје.
Синдикатите во ЈСП во понеделникот алармираа за доцнењето на платата. Тогаш раководството на ЈСП соопшти дека вработените во наредните денови ќе ја добијат заслужената плата и дека нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз.
„Вработените во ЈСП се гладни. Гладни се и они и нивните семејства“, рече претседателот на еден од синдикатите во ЈСП, Миќо Стојановски.
Наместо препукувања, меѓу надлежните, Стојановски изрази надеж дека ќе се најде решение за нивната ситуација.
Видете и ова: Тешко време за сиромашните - потребно е системско решениеУтринава дополнително се создаде хаос и автобусите на ЈСП токму во најфрекфентиот период беа повлечени од сообраќај. На автобуските станици луѓето долго чекаа за да стигнат на работа или на училиште.
По налог на МВР, сите возила на ЈСП беа повлечени од сообраќај поради анонимна дојава за поставена рачна бомба во едно од автобусите.
„Лицето, вработено во ЈСП, а кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР“, соопштија од одделението за јавност во ЈСП.
Лажна дојава за бомба
Лидерот на независниот синдикат на возачи во ЈСП, Африм Муча најави пријава за в.д директорот на јавното претпријатие Александар Стојковски за клевета и навреда.
„Мене ме обвини дека јас сум тој за целата ситуација што денеска се случи. Бомбаш. Значи голем срам еден директор тоа да го изјави денеска“, рече Муча.
Тој додаде дека директорот му се обратил со зборовите „Африм ќе видиш ти што ќе ти се случи ова ти го направи денеска“, за што, според Муча, има и сведоци.
„Градоначалничката, односно Градот Скопје земаа плата. Они се со полни стомаци. Ние не сме. Денеска е 19 кога ќе добиеме плата. Кога ќе јадеме ние“, додаде Муча.
Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати КСС, Благоја Ралповски побара од директорот на ЈСП јавно да му се извини на Муча.
„Треба виновникот да си го бара во самиот себе и во Град Скопје. Значи под итно да седнат да направат една калкулација не само за овој месец, како ќе се исплати платата, туку и до крајот на годината како ќе функционира јавното претпријатие“, изјави Ралповски.
Првиот човек на ССМ, Дарко Димовски го поддржа штрајкот и рече дека не смее да се дозволи ваква ситуација, посебно во градскиот превоз.
„Апелирам до градоначалничката да не се лаже дека утре и еден автобус ќе излезе за да врши јавен градски транспорт“, рече Димовски.
Едни штрајкуваат, други протестираат
Со неколку автобуси раководството на ЈСП и Град Скопје во знак на протест ја блокираше улицата пред Владата. Иако тие се надлежни за исплата на платите, за ситуацијата ги обвинуваат долговите кои ги има Министерството за образование и неколку општини спрема Град Скопје за услугите на ЈСП.
Секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров рече дека вработените во ЈСП заслужуваат плати и прават напори да ја реализираат нивната обврска.
„Нашата обврска ќе биде реализирана и ги уверуваме вработените во ЈСП дека платата ќе реализираме согласно сите законски обврски“, рече Глигоров, но, согласно законот, платите вработените требаше да ги добијат до 15 месецов.
Глигоров уште еднаш порача дека Министерството за образование должи речиси 2 милиони евра за линиски превоз на учениците и студентите. Дополнително рече дека неколку скопски општини му должат на ЈСП околу 40 милиони денари или околу 650 илјади евра.
В.Д директорот на ЈСП, Александар Стојковски демантираше дека упатил обвинување кон синдикалниот лидер Муча дека тој е одговорниот за дојава на бомбата. Тој рече дека не е прв пат во ЈСП да доцни платата.
„Плата вработените ќе добијат“ рече Стојковски и додаде дека средства ЈСП за превоз на студентите и учениците претходно добивало и за време на ковид пандемијата кога немало настава со физичко присуство и за тоа има соодветна документација.
Владата негира одговорност
Во број 30 на Службен весник објавен во февруари минатата година е објавена одлуката на Владата дека се одобруваат средства наменети за покривање на дел од трошоците за бесплатен градски на превоз на редовните студенти од државните универзитети за академската година 2020/2021 година и дел од трошоците на бесплатен градски превоз на редовните студенти од државните универзитети за академската година 2021/2022. Средствата, како што се наведува, се обезбедени од Буџетот за министерството за образование и наука во висина од 120 милиони денари.
Во одлуката е наведена дека се задолжува МОН да ја реализира одлуката на сметка на ЈСП. Додека пак ЈСП се задолжува до 1 јануари годинава да достави извештај за реализација на средствата. Доколку има неискористени средства, како што се посочува, ЈСП истите треба да ги врати во Буџетот на државата.
Видете и ова: Извршител наплатил два милиони евра од Министерството за здравствоОд Владата на обвинувањата претходно реагираа преку соопштение и одговорија дека не должат ниту денар на Град Скопје, а за студентски билети не биле предвидени пари бидејќи студентите учебната 2021/2022 учеле онлајн.
Оттаму топката ја префрлија во општините, кои според Владата, неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.
Од Владата притоа ги повикаа локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје денеска побара вонредна седница за пренамена на средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“. Тие на седницата обвинија дека виновник за настанатиот проблем е, како што велат, коалицијата ДУИ-СДСМ-Данела Арсовска.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје Стефан Андоновски од говорницата изјави дека прво треба да се обезбеди превоз за граѓаните, а потоа во коалицијата да се договорат кој е виновен.
„На крај велат дека ВМРО-ДПМНЕ било виновно. Не. ВМРО-ДПМНЕ во го пресекува овој Гордиев јазол и повикуваме градот Скопје да ги обезбеди финансиите за ЈСП во најбрз можен рок, да ја искористи можноста со ребалансот. Градоначалничката рече дека повеќе години се натрупувале долгови во ЈСП. Точно е над 5 години СДСМ го владее ова претпријатие. Имате раководство сега на СДСМ, претходно време на Шилегов и ДУИ кое е во коалиција, ама неќе да исплати пари од МОН и тука ја имате Данела Арсовска која не знае со кого си фатила работа,“ изјави Андоновски.
Во кавги кој е виновен за состојбата на ЈСП „Скопје“ поради која вработените немаат плати и дали скопјани ќе имаат јавен превоз, се одвива вонредната седница на Советот на градот за решавање на проблемот.