Достапни линкови

Редуцираните автобуси го отежнаа животот на скопјани


Автобусите на ЈСП и на приватните превозници од воведувањето на полицискиот час сообраќаат двократно во текот на денот. Тоа што нема ниту еден автобус во периодот од 9-13 часот за некои граѓани е голем проблем. Од ЈСП апелираат граѓаните да се прилагодат на новонастанатата ситуација.

Снежана Вуиќ од Скопје работи како хигиеничарка на три места во текот на еден работен ден. Таа живее во скопската населба Кучевишка бара и секој ден патува со автобуската линија 59 за да стигне до работното место. Но, откако земјата ја зафати епидемијата со коронавирусот, а јавниот градски превоз почна да работи двократно во денот, Снежана има проблем да стигне до работното место бидејќи во периодот од 9 часот до 13 часот автобусите не возат. Па така не ретко таа била принудена да плаќа пари за такси за да може навреме да дојде на работа.

„Јас не можам втора смена да работам вака. После 9 часот нема автобуси. Понекогаш седам и по два саати на автобуска и чекам и после не сум способна да работам. Кога сум прва смена последниот автобус ми е во 13 часот, но не можам три места да ги исчистам до тогаш, па ми се случува кон мојата населба пешки да одам и по два саати“, се жали Вуиќ.

Снежана Вујиќ
Снежана Вујиќ

Иако причината поради која се редуцираат возењата беше да се спречат гужвите а со тоа и ширењето на коронавирусот, Вуиќ вели дека најчесто поради малкуте автобуси кои возат во текот на денот, гужвите се нагласени.

„Кога ќе се качиме од автобус има премногу гужва не можеш во селските автобуси и да се качиш. Нема растојание, па ние повеќе вака можеме да го фатиме вирусот,кажете ми како да се заштитиме?“, прашува Вуиќ.

Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) велат дека се свесни за поплаките кои пристигнуваат од граѓаните поради недостигот од автобуси. Но оттаму велат дека ЈСП не одлучува самостојно за начинот на функционирање на јавниот превоз во услови на епидемија.

„Ниту ЈСП ниту град Скопје не одлучува за начинот на функционирање на јавниот превоз. За тоа одлучуваат институците кои се под директна надлежнпст за справување со коронавирусот, односно институциите на централната власт по препораки на Комисијата за зарзани болести. Од друга страна апелот и од институциите и од нас е сите граѓани корисници на јавниот превоз е да се прилагодат на условите не само со јавниот превоз туку во сите сфери на живеењето“, вели Деспина Трајковска - Димова од ЈСП.

Луѓе со заштитни маски во автобус, пред банка, на улица, во продавница, на пазар, во парк...
Луѓе со заштитни маски во автобус, пред банка, на улица, во продавница, на пазар, во парк...

Оттаму велат дека засега нема промени во начинот на кој ќе функционира градскиот превоз, но не ја исклучуваат можноста дека со олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот може да се зголеми фрекфенцијата на автобусите кои ќе возат.

Од Град Скопје исто така најавуваат нормализирање на сообраќајот тогаш кога ќе олабават мерките од надлежните институции.

„Имајќи предвид дека во претстојниот период мерките ќе попуштаат, очекувам дека тоа паралелно ќе го следи и ослободувањето на јавниот превоз. Не се работи за самоиницијативни одлуки на Градот Скопје зашто уредувањето на превозот е во рамки на мерките за заштита на здравјето на населението кои се препорачани од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство и ги носи Владата“, изјави деновиве градоначалникот Петре Шилегов.

До тогаш Снежана и многу други граѓани кои како неа се соочуваат со истиот проблем, ќе треба сами да се снаоѓаат како ќе стигнат на своето работно место или како да ја завршат работат во периодот од 9 до 13 часот. Мерките за задолжително носење на маска во автобус и препорачливото држење дистанца до два метри се на сила, иако повеќе од очигледно е дека во преполн автобус тоа е невозможно да се направи.

Епидемијата со корона вирусот целосно го смени секојдневието на граѓаните. Веќе два месеци земјава е во вонредна состојба, со полициски час, односно ограничено движење за граѓаните. Затворени се угостителските објекти, училиштата, градинките...

Од пред некој ден мерките почнаа да се олабавуваат. Па така се отворија трговските центри, едукативните центри, обложувалниците, започна скрининг на вработените во градинките како предуслов за нивно отворање во скоро време.

Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и на приватните превозници од воведувањето на полицискиот час сообраќаат по саботен возен ред и двократно во текот на денот – од 5 до 9 часот и од 13 до 19 часот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG