Македонските граѓани поретко доживуваат длабока старост, отколку граѓаните на развиените европски земји, па затоа и жртвите од коронавирусот во земјава се 10-20 години помлади, отколку во Италија или во Шпанија, велат лекарите. Понискиот квалитет на живот го скратува и животниот век.
Најголем дел од починатите од коронавирус во западноевропските земји се на возраст над 80 години, но во Македонија најголем дел од починатите се меѓу 60 и 70 години.
Една од причините е што животниот век во Македонија е пократок, отколку во Европа, па нема толку многу луѓе на таа возраст, друга е што земјава засега добро ги заштити старечките домови за вирусот да не се појави кај нив, а трета е што и голем дел од граѓаните се внимателни во контактите со нивните постари роднини за евентуално да не ги заразат, велат лекарите.
Статистиката покажува дека 70 отсто од починатите од коронавирус во Швајцарија имале над 80 години, 65 отсто во Шведска, 57 отсто во Италија и 42 отсто во Полска. Скоро половина од починатите во Велика Британија имале над 85 години. Две третини од жртвите од коронавирус во Чешка имале над 75 години. Во Македонија има 92 починати од коронавирус, а 60 од нив биле постари од 60 години, информира Институтот за јавно здравје. Три четвртини од жртвите во земјава имале и други заболувања. Ако се следат дневните информации за заболени и починати, се забележува дека најголем дел од починатите во земјава се на возраст до 70 години.
Очекуваниот животен век во Италија, земја со најдолговечни граѓани во Европа, е скоро 84 години, исто како и во Шпанија и во Швајцарија, додека во Македонија тој е помал од 76 години.
Како и во другите земји, постарите и хронично болни луѓе се најзагрозени од вирусот, само што стар во Македонија и во Европа има различно значење, велат лекарите.
Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, вели дека возраста на починатите од коронавирусот во Македонија е слична со земјите од регионот. Во ЕУ има поголем број повозрасни граѓани, зашто имаат подолг животен век, вели тој.
„Подобар стандард, подобри услови за живот, подобра исхрана, почист воздух, сето тоа влијае на животот на човекот“, вели тој.
Зибери потсетува дека смртноста меѓу повозрасното население во земјите најжестоко погодени од пандемијата многу се зголеми кога коронавирусот се прошири во старечките домови и геронтолошки центри. Поучени од тоа нивно искуство, една од првите мерки што ги презедовме беше затворањето на старечките домови за посети, вели тој.
„Строго по правила се движат, надвор се облекуваат, има посебен протокол на работа за вработените“, вели тој.
Според последните објавени проценки на Државниот завод за статистика од 2015 година, во земјава има само 14700 луѓе постари од 85 години.