ЕУ и (или) „Отворен Балкан“

Српскиот претседател Александар Вучиќ (Л), премиерот Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама се ракуваат по потпишувањето документи за време на Скопскиот економски форум за регионална соработка во Скопје. 29.07.2021.

Влез во ЕУ или „Отворен Балкан“ во блиски односи со Европа, ќе биде реалноста за Македонија откако по децениската блокада за името со Грција, земјава сега се соочува со нова пречка од Бугарија.  

Додека во Софија сѐ уште е неизвесно дали и кога ќе биде формирана политичка влада за да може да се бара решение за спорот со Скопје, балканските земји ја забрзуваат регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“.

Блокадите се еден аспект, но аналитичарите посочуваат дека во ЕУ има и замор од проширувањето, поради што постои голема веројатност регионалните механизми на соработка во асоцијајација со ЕУ да бидат доминантен начин на функционирање.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ вели дека во моментов е тешко да се каже дали Македонија некогаш ќе стане дел од ЕУ или, пак, алтернативата ќе биде „Отворен Балкан“ во блиски односи со ЕУ.

Видете и ова: Резолуцијата нов предизвик меѓу Скопје и Софија

Во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, Трошановски вели оти е „очигледно дека влезот во ЕУ брзо нема брзо да се случи“, но и дека во самата Унија постои замор.

„Дебатите се сѐ посилни за она што се нарекува диференцијално проширување, односно проширување во повеќе кругови. Следното претседателство, по словенечкото, е во Франција која традиционално не покажува проактивност во делот на проширувањето“, вели Трошановски.

Македонија повеќе од две децении беше соочена со блокада од Грција за почеток на преговорите со ЕУ и притисок за името на државата. Новата блокада сега доаѓа од источниот сосед Бугарија, со барања за историјата и јазикот.

Но, периодов Македонија, Србија и Албанија забрзано работат на регионалното обединување и на заедничката економска интеграција во рамки на иницијативата „Отворен Балкан.“

Шансите за брзо деблокирање на европските интеграции се мали, бидејќи нема сигнали од Бугарија кои покажуваат дека набрзо ќе биде формирана политичка влада која би барала решение за македонските евроинтеграции.

Во Бугарија два пати оваа година беа одржани парламентарни избори, а на повидок се и трети откако победничката партија на последните го повлече предлогот за формирање на влада.

Министерот за внатрешни работи Бујар Османи коментирајќи го развојот на настаните во контекст на македонската европска перспектива, изјави дека не се охрабрувачки вестите од Бугарија.

„Ние бевме во очекување дека во овој втор обид ќе има инситуции за да можеме во тој политички дел да комуницираме и да бараме решение“, изјави Османи.

Трошановски коментира дека се мали шансите во догледно време да се најде решение за проблемот со Бугарија, што ќе биде во интерес на Македонија.

„Просторот за компромиси е прилично стеснет. Ние немаме никаков простор да одговориме во голем дел од барањата коишто ги има бугарската страна. Оттука мислам дека во брзо време нема да има решение“, вели Трошановски.

Но, тој посочува дека и покрај тоа Македонија треба да остане посветена на евроинтеграцискиот процес заради сопствените интереси, пред се во доменот на владеење на правото и зајакнувањето на економските соработки.

„Конкретно во случајот со Бугарија не верувам дека се подготвени, и сега бугарската страна, но и кај нас, особено по донесувањето на Резолуцијата во Парламентот, да се направат сериозни отстапки, бидејќи појдовниот принцип е принципот на реципроцитет во компромисите, а она што го бара бугарската страна е еднострано наметнување на решенија“, вели Трошановски.

Видете и ова: Ја изгуби ли ЕУ битката со Кина и Русија за Балканот?

Македонија и Бугарија го потпишаа Договорот за добрососедство во 2017 година, но и покрај тоа членката на ЕУ во 2019 година не дозволи Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Во 2019 година бугарското собрание усвои декларација во која се наведува дека ги поддржуваат преговорите за членство во ЕУ за Скопје, но дека бараат признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.

Македонското Собрание деновиве донесе Резолуција со која се утврдуваат позициите во преговорите со соседот. Бугарските привремени власти соопштија дека се разочарани од Резолуцијата и дека ќе испитуваат дали таа е во согласност со Договорот за добрососедство.