Достапни линкови

„Отворен Балкан“ за европска иднина на регионот


Потпишување договори за соработка, Вучиќ, Заев и Рама на Економскиот форум за регионална соработка, Скопје, 29 јули, 2021
Потпишување договори за соработка, Вучиќ, Заев и Рама на Економскиот форум за регионална соработка, Скопје, 29 јули, 2021

Премиерите на Северна Македонија и Албанија Заев и Рама и претседателот на Србија Вучиќ ветија нова ера во регионалната соработка меѓу трите земји. На Економскиот форум за регионална соработка најавија дека од 1 јануари 2023 година нема да има граници меѓу трите земји и движењето ќе биде слободно

Заеднички регионален пазар кој ќе понуди подобар живот на граѓаните и многу поволности за нив. Нула минути чекање на границите и да нема царини меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија. На оваа идеја денеска се обврзаа премиерите на Македонија и Албанија и претседателот на Србија Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ на Економскиот форум за регионална соработка во рамки на регионалната иницијатива „Мини шенген која од денеска доби ново име „Отворен Балкан“.

„Ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред. Кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука, веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. Но, денеска не сум тука за да говорам за Европската Унија. Тука сум за да говорам за нашите граѓани, за нашите земји, за нашите идеи, за нашиот европски Балкан. Сите три земји заедно му даваме нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар. Нашиот регион има приближно 18 милиони луѓе и тоа е многу сериозен капитал за да ги зајакнеме нашите економии“, рече во обраќањето премиерот Зоран Заев.

Прес конференција на Вучиќ, Заев и рама на Економскиот форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021
Прес конференција на Вучиќ, Заев и рама на Економскиот форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021

Заев истакна дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, и на кластерите за Србија и Црна Гора, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа, и дека ние, земјите од Западен Балкан не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ истакна дека никој не треба да се очекува дека некој друг ќе го сработи она што мора земјите од регионот сами да го направат и дека со процесот на целосно отворање на граничните премини регионот испишува историја. Тој додаде дека со „Отворен Балкан“ 80 отсто од вкупните инвестиции на Балканот ќе бидат во овие три земји.

„ Нема да има застанување од Белград до Тирана и обратно. Граници ќе има, но нема да има застанување за нашите граѓани. Тоа ќе биде историски момент. Ќе имаме еден систем преку кој ќе се разменуваат информации. Знаете ли што значи ова, колкави ќе бидат придобивките кога превозниците на стока нема да мора да чекаат на граничните терминали. Ние секако дека сме на европскиот пат, но не сме глупави ниту наивни дека некој ќе работи во полза на нашите земји доколку тоа ние сами не го правиме “, рече Вучиќ.

Премиерот на Албанија Еди Рама се надоврза на обраќањето на претседателот на Србија Вучиќ и истакна дека нема зошто да останеме затворени во нашите граници, свртени грб со грб еден кон друг и дека она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот. Рама нагласи дела лидерите и народите од регионот одлучија да направат се што е потребно и да не чекаме интегрирањето на регионот да зависи од ЕУ.

„До 2023 година овој простор ќе биде како да се наоѓате во зона на Европската Унија. Нула минути ќе чекаат граѓаните на границите, исто толку и камионите со стоки. Кој сака нека дојде, добредојдени се сите“, рече Рама.

Тројцата лидери денеска потпишаа три документи преку кои треба да се подобри соработката во трговската размена, вработувањето и заштита од природни катастрофи во овие три држави. Се работи за два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор кои според упатените во огромна мера ќе го олеснат животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата.

Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан има за цел Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија со соодветни капацитети да си помагаат едни на други во случај на катастрофи.

Вучиќ, Заев и рама на Економскиот форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021
Вучиќ, Заев и рама на Економскиот форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021


Во рамката на Договорот е предвидено планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, разни пандемии, како и индустриски и други катастрофи, взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, како и взаемна помош при спасување, давање помош и отстранување на последиците од катастрофи со копнени и воздушни сили и возила за интервенција во случаи на големи пожари, поплави, земјотреси и други непогоди.

Со Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан се изразува волјата да се олесни движењето на луѓето за да се обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој.

Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан има за цел да ја зголеми и зајакне економската соработка меѓу трите земји. Една од најважните придобивки од овој меморандум е поедноставувањето на процедурите поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки во најголема можна мера со размена на податоци меѓу царинските и другите надлежни органи.

Лидерите денеска договорија средби на иницијативата „Отворен Балкан“ да се одржат во Тирана и Белград наесен. Инаку на форумот присуствуваа повеќе од 300 компании, но и претставници од меѓународните институции, а се одржаа повеќе од 400 билатерални средби на бизнисмени.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG