Плановите за преработка на отпад во Гази Баба покренаа прашања во јавноста, откако општината објави нацрт извештаи за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина на три урбанистички проекти кои предвидуваат изградба на постројки за термички и физичко хемиски третман на неопасен отпад на нејзина територија. Во меѓувреме тече рокот за доставување на забелешки од страна на жителите на општината, кој наместо до 30 април, пред некој ден беше продолжен.
Од О2 иницијативата се спротиставија на урбанистичките проекти кои се однесуваат на три локации, кои за да се реализираат потребен е само потписот на градоначалникот на Гази Баба, Борис Ѓорѓиевски, а не и одобрување од Советот на општината, бидејќи не се опфатени од детален урбанистички план.
Видете и ова: Ниска свест за бесплатната правна помошЛокациите се наоѓаат во близина на индустрискиот комплекс Железара и се дел од катастрската општина Старо Скопје со вкупна површина од речиси 23 хектари. Според О2 иницијативата во план е изградба на три производни хали за третман на отпадот и три резервоари за суровина.
Од нацрт извештајот за овие урбанистички проекти може да се види дека се работи за преработка на цинкова прашина која ќе се носи од комплексот Железара, вели Татјана Чакулев од О2 иницијативата.
„Значи стручните лица кои ние ги контактиравме кои имаат познавања за преработка на овој технолошки процес укажуваат дека таа всушност претставува опасен отпад. Значи не е неопасен отпад како што кажува називот на урбанистичкиот проект. Неговата преработка вообичаено се врши со електролачна печка и влијанието од преработката се слични со оние од самата преработка на челик. Што значи дека тоа ќе биде загадувачка индустрија која што ќе користи големо количество на електрична енергија и ресурси“, вели Чакулев.
Таа додава дека во нацрт извештајот не се наведени најважаните работи, која технологија ќе се користи за преработка на цинковата прашаина и како ќе биде влијанието врз животната средина за време на процесот.
Градоначалникот Георгиевски реагираше дека се работи за лажни информации и дека на посочените парцели нити се планира, ниту ќе има тешка индустрија, а уште помалку топилница.
„Меѓу стотиците илјади граѓани, и јас и моето семејство живееме во овој град и општина. Ова е само уште еден факт со кој јасно се потврдува дека ниту имам намера, нити, пак, некогаш на памет ќе ми падне да направам чекор со кој би дозволил загадување и опасност по здравјето на било кој човек“, напиша Георгиевски на неговиот фејсбук профил.
Но, според Чакулев како граѓани не можат да ја земат изјавата на градоначалникот „здраво за готово“, бидејќи тој само вели дека нивните стравови не се точни.
„Еве нека каже која е технологијата на преработка на таа цинова прашина. Не можеме ние да му веруваме на градоначалникот кога она што е според закон објавено ги нема тие информации. Тоа што го има е алармантно“, порачува таа.
Видете и ова: Короната нема да донесе инфлацијаВо еден од нацрт извештаите во делот за веројатни значајни влијанија врз животната средина се наведува дека технолошкиот процес за третман на неопасен отпад не е познат и не е предмет на документот.
„Планскиот опфат е утврден во подрачје во кое се присутни антропогени влијанија. Квалитетот на воздухот е често над дозволените граници (заради голем обем на сообраќај во непосредна близина и присуство на поголеми загадувачи во рамки на индустриска зона), како и поради загревањето во зимските периоди. Почвата може да биде изложена на различни влијанија, што потенцијално може да доведе до концентрација на резидуи на органски и хемиски материи, како и тешки метали“, се наведува во еден од нацрт извештаите.
О2 иницијативата од општината ги побарала урбанистичките проекти, кои како што наведуваат, согласно законот, треба да бидат објавени, но не ги добила.