Достапни линкови

Судски постапки за спас од загадувањето


Бојан Трпевски - правник од Македонското здружение на млади правници.
Бојан Трпевски - правник од Македонското здружение на млади правници.

Можат ли судовите да утврдат одговорност за институциите кои не ги исполниле своите обврски да обезбедат здрава животна средина за граѓаните? Ваквите случаи се ретки во Македонија, но деновиве е отворен граѓански спор за загадувањето од струшката депонија. За случајот разговараме со Бојан Трпевски - правник од Македонското здружение на млади правници.

Во Струга е започнат судски процес за дислокација на струшката дива депонија којашто долго време го загадува градот. Со оглед дека станува збор за граѓанска тужба, објаснете на кој начин беше организирана ваквата иницијатива?

Да, Македонското здружение на млади правници поднесе тужба пред Основниот суд во Струга поради постоењето на дивата струшка депонија со која, правно кажано, бараме Судот да утврди однос помеѓу штетник и оштетени. Во оваа тужба како тужители се јавуваат здружението и физичко лице. Соработката настана со адвокат од Струга кој долго време ги следи овие состојби и чија активност е во насока на она што и Здружението го прави континуирано, односно следење на состојбите со животната средина и преземање на правни дејствија за правна заштита на животната средина и човековите права.

Споменавте дека станува збор за тужба на Македонското здружение на млади правници против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното комунално претпријатие - Струга? Каква е според Вас одговорноста на овие институции, што треба тие да преземат?

Македонските закони, пред сѐ Законот за животната средина и Законот за управување со отпад, воспоставуваат обврски за државните институции кога станува збор за областа за управувањето со отпадот. Законот за управување со отпад и правилникот за условите кои треба да ги исполнуваат депониите, ги определуваат стандардите кои една депонија треба да ги исполнува, како на пример местоположбата, заштита на водата и почвата од загадување, контрола на депонискиот гас, намалување на опасностите кои произлегуваат од самата депонија и слично. Во конкретниот случај, државните институции не ги преземале активностите кои согласно законите и подзаконските акти требале да ги преземат, поради што отпадот во Струга се одлага на место кое не ги исполнува вака воспоставените критериуми, што пак доведува до загадување на животната средина и влијае на здравјето на луѓето. Токму влијанието на ваквата депонија врз загадувањето на почвата, како под депонијата, но и на околните земјишта на кои се одгледуваат различни култури, понатаму загадување на подземните води и Охридското Езеро, како и влијанието на ваквата депонија врз здравјето на луѓето, е утврдено и во вешт наод и мислење што беше изготвено од вешто лице кое беше ангажирано за целите на постапката која ја поведовме.

Од депонијата во Струга, која се наоѓа на само стотина метри од влезот на градот, среде туристичка сезона се шири чад и неподнослива миризба.
Од депонијата во Струга, која се наоѓа на само стотина метри од влезот на градот, среде туристичка сезона се шири чад и неподнослива миризба.

Според Вашите информации, дали сѐ уште трае загадувањето од струшката депонија?

Немаме информации дали во меѓувреме нешто е променето. Мислам дека ситуацијата е сѐ уште истата како онаа во моментот кога се поднесе тужбата.

Какви ќе бидат последиците за овие институции доколку Судот одлучи во корист на граѓаните во овој случај?

Во оваа тужба бараме од Судот да утврди одговорност во институциите кои имаат надлежности во оваа област, односно да утврди дека како резултат на пропуштањето да преземат дејствија кои биле должни да ги преземат, тие го повредиле правото на здрава животна средина која е загарантирана со Уставот, како и правото на живот и правото на почитување на приватниот и семејниот живот коишто се воспоставени со Европската конвенција за човековите права, која нашата ја има ратификувано и е дел од нашето законодавство. Истовремено, бараме Судот да ги задолжи тужените да преземат конкретно наведени дејствија кои треба да доведат до ремедијација и рекултивирање на почвата на која сега се наоѓа дивата депонија, но и околното земјиште кое во моментот е загадено. На овој начин, покрај тоа што би се утврдила одговорноста на конкретните државни институции, целиме кон тоа истите тие институции да бидат задолжени да преземат конкретни мерки кои ќе придонесат, како кон подобрување на состојбата со животната средина, така и на квалитетот на животот на граѓаните во тој регион.

Исто така, доколку Судот одлучи во корист на граѓаните, дали одговорноста ќе биде само за институциите или, пак, е можно да се бара некаква одговорност од функционери кои управувале со нив?

Тужбата се однесува на подолг период и ние бараме Судот да утврди дека во периодот од 2006 година па сѐ до денес, поради непреземање на соодветни мерки за управување со отпадот во Општина Струга, биле повредени правата на граѓаните. Законите во државата утврдуваат надлежности на институциите, без разлика кој раководи со нив, и вака утврдените надлежности и обврски за институциите важеле и требале да се применуваат во целиот тој период. Оттука со тужбата се бара утврдување и одговорност кај конкретни институции, независно од тоа дали и кој раководел со конкретните во наведениот период.

Депонијата во Струга. Власите повеќе време ветуваат дека ќе го решат проблемот.
Депонијата во Струга. Власите повеќе време ветуваат дека ќе го решат проблемот.

Кои се можностите на граѓаните во земјава да организираат и да започнат вакви тужби, што треба тие да направат за да започнат процес поврзан со остварување на нивното право на чиста животна средина?

Генерално, секој оној кој смета дека некое негово право е повредено, може да поднесе тужба до Суд. Изготвувањето на тужба од ваков вид не е едноставно, имајќи предвид дека самата материја е комплексна и има голем број на закони, правилници или останати правила кои регулираат различни аспекти од областа на животната средина. Истовремено, секако е потребно и консултирање со вешти лица кои имаат соодветно познавање на сите оние технички аспекти на животната средина, а кои се неопходни да ги знаеме за подготовка на квалитетна тужба. Судските постапки знаеме дека можат да бидат скапи и да траат подолго време, па поради ова, иако судската заштита на правата секогаш постои како можност, во некои случаи можеби е подобро да се бара заштита на животната средина вон судски пат. Она што сите ние можеме генерално да го сториме за заштита на животната средина, а што не бара време, познавање на правото, спецификите на животната средина, ниту пак финансии, е промена на начинот на нашето индивидуално постапување. Сите ние мора да сфатиме дека нашите постапки директно влијаат на квалитетот на животната средина во која живееме. Важна во целиот процес е и улогата на државата која треба да се грижи за правилна примена на самите закони и во таа насока доколку било кој граѓанин увиди некоја неправилност или, пак, се сомнева дека нечие постапување можеби не е во согласност со веќе воспоставените правила, тоа може да го пријави во инспекциските служби кои работат во рамки на самите општини, односно во инспекторатите кои се формирани на централно ниво или, пак, да поднесе барање за надзор до надлежните министерства.

Според Вашето искуство, постои ли интерес кај граѓаните по судски пат да бараат одговорност за одредени проблеми што ја загрозуваат животната средина во местата каде живеат?

Како што реков, оваа област е многу комплексна и не секогаш е лесно да се утврди основот и на кој начин ќе се постави тужбеното барање. Генерално, граѓаните сакаат да се сменат состојбите во животната средина и ние секогаш ги охрабруваме да ги преземат сите чекори и да ги искористат сите механизми кои им стојат на располагање за остварување на своите права поврзани со животната средина. Дали има интерес? Би рекол да! Граѓаните се сѐ повеќе активни во оваа област, но дали секогаш е судската заштита најдобриот механизам, тоа би требало да се цени од случај во случај. Во секој случај, ние сме тука да им понудиме правна помош на граѓаните, да ги следиме состојбите и да процениме кои механизам би бил најефикасен за заштита на животната средина и во крајна линија за остварување на човековите права.

Колку чини започнување на ваков процес во судовите?

Трошоците за водење на било каква судска постапка, вклучително и постапка за заштита на животната средина, зависат од повеќе фактори. Тука на пример би го спомнал прибирањето на докази, односно дали е потребно да се изготви вешт наод и мислење или можеби ќе треба да се изврши увид. Понатаму, должината на самата постапка, односно колку судски рочишта ќе се одржат, а исто така важна е и судската такса чии износ се пресметува во зависност од вредноста на самиот спор. Токму поради ова, не би можело однапред да се процени и да се каже колку би чинело водење на ваква постапка.

Аерозагадување во Скопје. Загадувањето од депониите не е единствен проблем поврзан со животната средина во Македонија. Загадување на воздухот има скоро во сите населени места во државата.
Аерозагадување во Скопје. Загадувањето од депониите не е единствен проблем поврзан со животната средина во Македонија. Загадување на воздухот има скоро во сите населени места во државата.

Граѓаните на Македонија се соочуваат со бројни примери на загадување на животната средина, како аерозагадување, загадување на почви и води. Кои се механизмите во земјава за тие да можат да го остварат правото на здрава животна средина, дали станува збор само за Архуската конвенција или ќе се повикате и на други механизми и закони од областа на животната средина?

Македонското законодавство кое ја регулира животната средина е доста комплексно и составено од повеќе од 20 закони, над 200 правилници и останати подзаконски акти. Истите овие прописи регулираат различни аспекти од животната средина, како вода, почва, воздух, природа, отпад, биодиверзитет и т.н. За ваквите постапки значајни се и меѓународните конвенции кои нашата држава ги ратификувала, а кои предвидуваат обврски за нашите институции. Покрај македонските стратегии, планови, закони и останатото законодавство кое ја регулира областа на управување со отпадот и предвидуваат обврски за државните институции, во тужбата ние се повикуваме и на Архуската конвенција која ја споменавте, а која сметаме дека е исклучително важна за заштитата на животната срдина, но и Европската конвенција за човековите права, како и практиката на Европскиот суд за човековите права. Споменав и претходно, за некои поинакви аспекти како механизам секогаш стои на располагање и инспекциската постапка, односно заштита на животната средина преку инспекциските служби.

Каква е судската пракса во земјава кога станува збор за случаи поврзани со животната средина?

Судовите досега не одлучувале по вака поставена тужба, што истовремено во моментов претставува предизвик, но и можност за нашите судови да воспостават позитивна судска практика во однос на ваквите прашања.

Каква е праксата на Европскиот суд за човекови права?

Со Европската конвенција за човековите права не е определена посебна заштита на ова право, меѓутоа Европскиот суд за човекови права ги разгледува ваквите случаи и најчесто правото на здравата животна средина го разгледува од аспект на правото на живот и правото на приватност на личниот и семејниот живот. Судот утврдува дали и во која мера промените и условите во животната средина влијаат на правото на живот и на правото на приватност. Во таа насока Судот утврдил дека сериозното загадување на животната средина, може да влијае на благосостојбата на луѓето и да влијае на остварувањето на правото на приватен и семеен живот. Според пресудите на Европскиот суд за човекови права, државите имаат обврска да ги преземат сите разумни, соодветни и неопходни мерки со цел да обезбедат ефикасна заштита на правото на приватност на личниот и семејниот живот, во случајот од ваквиот тип, како и обврска тие активно и систематски да споделуваат информации за загадување на животната средина и нејзината поврзаност со заканите по здравјето на луѓето, особено кога се работи за конкретни закани по човековиот живот и здравје. Токму ова се дел од оние стандарди на кои се повикуваме и ние во нашата тужба и кои бараме Основниот суд – Струга да ги земе предвид кога ќе одлучува за нашето тужбено барање.

Во врска со тужбата на Македонското здружение на млади правници за загадувањето од струшката депонија, Радио Слободна Европа побара став од Министерството за животна средина и просторно планирање и како туженa странa во спорот. Oдговорoт можете да го прочитате на следниот линк:

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG