Владата го прифати договорот со кој ЕСМ од денеска го презема раководењето на Балкан Енерџи Груп, односно снабдувањето со топлинска енергија за скопјани кои се греат на парно. Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Владата по потреба ќе „вбризгува“ плус пари во ЕСМ за да може да се обезбеди гас до крајот на грејната сезона.
Скопјани до крајот на грејната сезона ќе имаат топли радијатори, уверува Бектеши.
Првичните проценки на министерството покажуваат дека најмалку околу 6 милиони евра ќе чини кризата со парно греење, откако фирмата БЕГ побара Владата да ја преземе.
Видете и ова: Обвинителството три години води предистражна постапка за лиценците на БЕГДоговорот е топланата ТЕ-ТО да произведе дополнителни количини на топлинска енергија која ќе ја купува ЕСМ, а која ќе обезбеди повеќе топлина до крајот на грејната сезона. Бектеши на брифинг со новинарите пред два дена посочи дека парите од сметките и владината помош во остатокот од грејната сезона нема да легнат на сметка на БЕГ. Тој додаде дека неплатените сметки на БЕГ кон ТЕ-ТО ќе треба двете компании сами да си ги подмират.
„Јавноста треба да знае дека во ситуацијава ние не субвенционираме приватни фирми... Јавна тајна е дека исти сопственици се од ТЕ-ТО и БЕГ, немаме намера да преземаме обврски кои БЕГ ги има спрема ТЕ-ТО до 21 јануари“, изјави Бектеши.
Според податоците од Централниот регистар, БЕГ и ТЕ-ТО се две компании кои се основани на иста адреса во скопска Гази Баба. Мнозински сопственик на двете компании е фирма која е основана во март 2014 година со назив Битер Холдинг лимитед, покажува кипарскиот централен регистар.
Оваа фирма во декември 2014 во целост го презема од основачите управувањето со Балкан Енерџи Груп, а во ТЕ-ТО поседува речиси 90 отсто од акциите.
Топлификација обвинува дека ТЕ-ТО и БЕГ имаат монопол
Според досега јавно достапните информации, акционери во ТЕ-ТО до пред стечајната постапка во 2018 година беа АД. Топлификација со 10 проценти сопственост на акциите, потоа Битар Холдинг Лимитед од Кипар со 29 проценти од акциите и Проџект менаџмент од британските Девствени острови со 60 проценти.
Од АД Топлификација обвинуваа дека преку офшор компании руска фирма како конечен сопственик поседува монопол врз македонскиот пазар за топлотна енергија.
Во кривичната пријава која Топлификација ја поднела до Обвинителството е опишана следната шема: „Кипарската Битар Холдинг Лимитед е основана од британската Проџект менаџмент, а нивна мајка фирма е руското акционерско друштво Територијал Генератинг Компани, со што кипарската Битер Холдинг Лимитед е сопственик на 89 проценти на ТЕ-ТО“.
Податоците од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека ТЕ-ТО има лиценца за производство на електрична и топлинска енергија, лиценца за трговија со електрична енергија и посебна лиценца за трговија со природен гас.
Потоа оваа компанија е основач на две ќерки фирми и тоа ТЕ-ТО Трејд која има лиценца за трговија со електрична и топлинска енергија и ТЕ-ТО Гас Трејд ДООЕЛ со лиценца за трговија со гас преку дистрибутивни системи.
„Од ова произлегува дека Битар Ходлинг Лимитед од Кипар преку фирмите кои ги поседува во Македонија има целосен монопол во производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија, има значајно учество во производството и продажбата на електричната енергија ( околу 30 проценти ) и контролира над 80 проценти од пазарот на природен гас“, се вели во кривичната пријава на АД. Топлификација против Битар Холдинг Лимитед доставена до Обвинителството.
Битар Холдинг Лимитед како целосен сопственик на Балкан Енерџи Груп поседува три фирми и лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Во лиценцата на БЕГ производство е наведено дека поседува три топлани, Запад ( во населбата Тафталиџе) потоа Исток ( Аеродром ) и 11 Октомври ( во Кисела Вода). Те-То поседува една комбинирана гасна електрана-топлана во Гази Баба.
Кој има дозвола за продажба, дистрибуција и производство на топлинска енергија ?
Според податоците од Регулаторната комисија за енергетика, лиценца за производство на топлинска енергија за територија на Скопје имаат БЕГ, ТЕ-ТО и ЕСМ. До пред 2018 година, на пазарот со производство функционирала уште една фирма Когел, на која ѝ била одземена лиценцата поради неисполнување на критериуми за работа.
Во делот на дистрибуција на топлинска енергија, РКЕ издале лиценци на фирмите ЕСМ, Балкан Енерџи ДООЕЛ и Топлификација ( чија лиценца престала да важи затоа што во тек е стечајна постапка).
Во делот на снабдување на топлинска енергија, лиценца поседува Балкан Енерџи Дооел и ЕСМ.
Обвинителството три години води предистражна постапка за лиценците на БЕГ
Околу контроверзните стечајни постапки на Топлификација и ТЕ-ТО во изминатиот период во медиумите се пишуваше многу. Акционерите во Топлификација неколку пати во јавноста посочуваа и обвинуваа за незаконско оппишување на долг од 150 милиони евра на ТЕ-ТО и втурнување во стечајна постапка на Топлификација за долг од 20 милиони евра.
Сомнителна стејачна постапка зачинета со сомнеж за перење пари
Стечајната постапка на ТО-ТО траела релативно кратко, од 14 април до 22 јуни 2018 година. Според податоците од Централниот регистар, за време на стечајната постапка со ТЕ-ТО директорува русинот Вадим Михаилов. Против него и против фирмата Битер Холдинг Лимитед во Основното јавно обвнителство е доставена пријава за гонење за злоупотреба на службена должност и оштета на доверители.
Од сомнеж за лажен стечај на „Те-То“ до перење руски пари во Македонија
Обвинителството во соопштение ја извести јавноста во септември 2020 дека е отфрла кривичната пријава поднесена од Топлификација АД Скопје.
„Топлифиација уште еднаш ги повикува надлежните целосно да ја испитаат постапката на стечај на ТЕ-ТО и непазарното работење на ТЕ-ТО во период од 2013 до 2017 година за да се избегнат сериозни штети на доверителите на ТЕ-ТО од над 152 милиони евра, пари што раководството на ТЕ-ТО ги бара во својот стечај предизвикан сам на себе“, се вели во тогашното соопштение на АД Топлфикација.
Финансиската полиција во 2019 година отвори истрага за компанијата „ТЕ-ТО“ за перење пари, поради сомнеж дека до неа водат трансакции на руски пари кои се предмет на истрага за криминал во Русија.
Но, во 2020 година Обвинителството ја отфрли оваа кривична пријава на Финансиската полиција, како и пријавата поднесена од Управата за финансиска полиција против стечајнот управник за кривични дела „Злоупотреба на постапката за стечај“. Отфрлена е и кривичната пријава поднесена од Управата за финансиска полиција против директорот на ТЕ-ТО за намерно предизвикување стечај потоа отфрлена е против нотарот и судијата што дозволиле стечај.
„Поднесените пријави се отфрлени бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Пред стечајната постапка односно до 2017 година, но и по неа, во 2019 година генерален директор на ТЕ-ТО е истиот човек - Димитар Кочовски, кој според податоците на Централниот регистар, е и член на одборот во Балкан Енерџи груп.
Офшор економија за проруска политика во Македонија?
Многу од членовите на надзорните и управни одбор во ТЕ-ТО и Балкан Енерџи груп се истите луѓе. Станува збор за руски државјани кои ротираат во компаниите и во одборите.