Состојбата со ковид заболени во Битола станува алармантна. По Скопје, Битола е прв град од внатрешноста по број на активни случаи кои ги има над 1450, што е за над 570 случаи повеќе од Прилеп, а над 800 во однос на Охрид и Куманово. Бројот на хоспитализации не е голем, но огромен е притисокот врз ковид-амбулантите во Клиничката болница во Битола каде на преглед се јавуваат заболени и сомнителни лица на ковид-19.
„Реално состојбата во Битола станува алармантна. Прегледите во двете амбуланти за сомнителни и ковид позитивни пациенти достигнаа 173 прегледи во едно деноноќие и за 250 пациенти биле побарани лабораториски анализи. Огромен е притисокот врз ковид амбулантата, невозможно е да се постигне во едно деноноќие да се прегледаат сите пациенти“, вели Билјана Гагачовска директорка на Клиничката болница во Битола.
Меѓу заболените има и вакцинирани и лица кои уште не се имунизирани, полесно минуваат оние кои примиле вакцини, а чести се и реинфекции кај прележаните. Директорката Гагачовска упатува апел до матичните лекари да се прави проценка кои пациенти е потребни да се испраќаат на преглед.
„Ова се огромни бројки кои повлекуваат не само човечки, туку и материјални ресурси. Пациентите кои немаат симптоми нема потреба секојдневно да доаѓаат, бидејќи се создава голем метеж, а капацитетите ни се тие. Работиме паралелно во три амбуланти, а имајќи предвид дека не можеме да се доведеме во ситуација да го затвораме редовното работење на болницата зашто пациентите со хронични болести и акутни состојби имаат потреба да го добиваат својот адекватен третман“, додава Гагачовска.
Битола новата 2022 година ја започна со далеку полоша епидемиолошка слика за разлика од почетокот на претходната. Бројот на активни случаи е тројно поголем за разлика од јануари минатата година, кога беше 392 и пред неа на листата беа пет други градови од внатрешноста со повеќе случаи, како Тетово, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Струмица... Овој јануари нема друг град, освен Скопје, со поголем број на активни болни од Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски, кој по професија е епидемиолог, рече дека бројките пораснаа и со празничните прослави овој месец.
„Бројот од над 100 заболени по Новогодишните празници, после сите дружења се зголеми на над 600 неделно“, рече Коњановски.
Бројот на умрени за една година е зголемен за повеќе од двојно. Минатогодишниот јануари до Божиќните празници имаше 146 умрени, а овој јануари бројката стигна над 400.