Достапни линкови

Ќе го одложи ли ширењето на омикронот одложувањето на второто полугодие?


Училишта, протоколи за заштита од ковид19
Училишта, протоколи за заштита од ковид19

Високите бројки на новозаразени со ковид 19 се причини владата да одлучи почетокот на второто полугодие да продолжи на 1 февруари, наместо на 21 јануари како што требаше. Колку ова ќе влијае врз подобрување на епидемиолошката состојба меѓу учениците?

Одлуката второто полугодие за основците и средношколците да продолжи на први февруари поради актуелната епидемиолошка состојба со ковид 19 е оправдана вели доктор Злате Мехмедовиќ. Според досегашните искуства во светот бранот со варијантата омикрон трае околу осум недели, а дали ќе почне второто полугодие на први февруари, според Мехмедовиќ, треба да се одлучува повторно пет дена пред почетокот, а зависно од тогашната епидемиолошка состојба.

„Епидемиолошката состојба треба активно да се следи и доколку има и тогаш лоша епидемиолошка состојба секако дека треба да се размислува за нешто што ќе го намали процесот на трансмисија на вирусот, дали тоа ќе биде онлјан настава или е возможно дополнително одложување на наставата и таканатаму, меѓутоа ако и тогаш е лоша епидемиолошката состојба секако дека треба да се изнајде решение за да се не се премине кон тоа да имаме настава со физичко присуство“, вели Мехмедовиќ.

Учениците во основните и средните училишта првото полугодие од оваа учебна година го следеа со физичко присуство под одредени протоколи како задолжително носење маска и мерење на температура при влегувањето во училиштата. Поранешните министри за образование и за здравство Мила Царовска и Венко Филипче често повторуваа дека ситуацијата во училиштата со ширењето на коронавирусот е стабилна и дека бројките на новозаразени меѓу учениците се движат од 0,01 до 0,03 проценти дневно.

Сега со присутна омикрон варијанта на вирусот почна повеќе да се шири низ училиштата. Искуството од Хрватска на пример е дека од почетокот на второто полугодие таму е дека за една недела имаше над 9000 новозаразени ученици.
Мехмедовиќ вели дека ситуацијата во Македонија во моментов повеќе наликува на онаа во Германија отколку во Британија.

„Во Британија делта бранот заврши многу порано отколку што заврши во Германија каде што беше паралелен со омикронот, она што се случува и во Македонија и може да очекуваме дека тоа дополнително ќе ја комплицира епидемиолошката ситуација или да може да направи да имаме присуство на висока бројка на новозаразени во подолг временски период и бидејќи делтата е многу поагресивна и предизвикува многу повеќе компликации и потреба од интензивна нега најверојатно е дека ќе имаме високи бројки и во делот на хоспитализацијата“, вели Мехмедовиќ.

Според податоците на Министерството за здравство објавени минатата недела за периодот од пет до десетти јануари а направени врз вкупно 152 позитивни примероци, во 104 од нив односно кај 68 отсто од нив е детектирана омикрон варијантата што значи дека тој сој станува доминантен. Омикронот се покажува повеќе отпорен на имунитетот од претходните прележувања и од вакцините па така почна да расте бројот и на реинфекции.

Минатата недела Светската здравствена организација соопшти дека нивните очекувања се дека повеќе од половина жители на Европа ќе се заразат со Омикрон сојот на коронавирусот во следниве два месеца. Од регионот Србија и Бугарија, исто како и Македонија, деновиве ги бележат своите рекорди во бројот на новозаразени од почетокот на епидемијата досега.

Во меѓувреме, повеќе лекари апелираа владата да донесе одлука за одложување на второто полугодие. Професор доктор Александар Петличковски кој е и директор на институтот за имунобиологија и хумана генетика неодамна изјави дека одложувањето е како што рече најефикасниот момент за спречувањето на на пренесување вирусот. Сличен апел како што пренесоа дел медиуми имаше и претседателката на македонското здружение на педијатри Аспазија Софијанова.

Инаку според последните податоци од Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 245.398, , на починати е 8.115, а бројот на активни случаи изнесува 16.397.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG