Достапни линкови

Обвинителството три години води предистражна постапка за лиценците на БЕГ


Балкан енерџи груп
Балкан енерџи груп

Додека скопјани кои се греат на парно се прашуваат дали од утре ќе имаат топли радијатори поради најавата на БЕГ дека немаат веќе гас, Обвинителството води предистражната постапка за пријава стара речиси три години. БЕГ го следат контроверзии уште од неговото основање пред десет години.

Основното јавно обвинителство води предистражна за начинот на коj Балкан Енерџи Груп (БЕГ) односно трите ќерки фирми на компанијата која обезбедува парно греење, ја добиле лиценцата за вршење на енергетска дејсност - снабдување со топлинска енергија. Ова го потврдија од Обвинителство за Радио Слободна Европа.

Станува збор за кривична пријава што Министерството за внатрешни работи во мај 2019 година ја поднело против поранешниот претседател на Регулаторната комисија Димитар Петров и три члена на комисија за нелегално издавање на три лиценци во 2012 година за вршење на енергетски дејности (регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија), без да бидат исполнети услови и критериуми.

Со тие одлуки тогашните членови на Регулаторната комисија дозволиле да им биде издадена лиценца за вршење на енергетска дејност- производство на топлинска енергија на правното лице „Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, потоа лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергја на правното лице „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“ и лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија на правното лице „Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“ и нанеле штета, како што наведе МВР, од 6.6 милиони евра.

Што се случува со кривичната?

„Предметот за кој покажувате интерес е во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје и е во фаза на предистражна постапка, во рамките на која надлежен јавен обвинител презема дејствија и прибира материјални и вербални докази за утврдување на фактите и проверка на наводите во пријавата. Откако ќе бидат направени неопходните проверки, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување,“ се вели во одговорот на Обвинителството за РСЕ.

Од обвинителството пак, не одговорија на новинарското прашање на Радио Слободна Европа - зошто по речиси три години од поднесената кривична пријава во јавноста до сега не било соопштено - што се случило со неа.
Чиј е Балкан енерџи?

Структурата на Балкан Енерџи

Според податоците од Централниот регистар во земјава се регистрирани вкупно пет фирми кои го носат називот Балкан Енерџи. Првата е Балкан Енерџи груп, чија основна дејност заведена во Централниот регистар е „Дејности на советување во врска со работењето и останато управување“ и е мајка фирма која подоцна со влог од 5 илјади евра ги основала останатите четири. Тоа се дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, па следува снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје и на крај Друштво за обезбедување БАЛКАН ЕНЕРЏИ СЕКЈУРИТИ ДООЕЛ Скопје.

Според податоците од Централниот регистар Балкан Енерџи Груп ( БЕГ ) е основана од две компании, едната од Кипар другата од Британија. Станува збор за кипарската компанија Кардикор инвестментс лимитед Лимасол и за британската Битар Холдингс Лимитед со влог по 25 илјади евра. Во надзорниот одбор на Балкан Енерџи Груп во изминативе десетина години седнувале Молдавци, Романци, Македонци и Руси. Во последниот состав на надзорниот одбор се тројца Руси Алексеј Шишаков, Алексеј Александрович Остроумов и Ана Владимировна Первушина, а овластено лице и член на надзорниот одбор е Димитар Кочовски. Во основачкиот документ на компaнијата е наведена te-to@te-to.com.mk како електронска адреса.

Промена на сопственичката структура се случила во 2014 година, односно кипарската фирма повеќе не фигурира како сопственик.

„Почнувајќи од 31.12.2014 година, Друштвото е во целосна сопственост на Друштвото BITAR HOLDINGS LIMITED. Ваквата структура на капиталот е запишана и во Централниот Депозитар за хартии од вредност,“ се вели во годишниот извештај на БЕГ.

Лиценцата на БЕГ за снабдување со топлина истекува годинава, односно на 31.12.2022 година, додека другите две лиценци за производство и дистрибуција имаат важност од 35 години, што значи до 2047 година. Според податоците од годишниот извештај на БЕГ, со лиценците ја добива одговорноста за работа и одржување на топланите, топловодната мрежа и снабдувањето на повеќе од 50.000 корисници. Според лиценцата БЕГ врши снабдување со топлинска енегрија во скопските општини Аеродром, Ѓорче Петров, Центар, Карпош, Чаир, Кисела вода и дел од Гази баба.

БЕГ бара државата да ги управува

Деновиве скопјани се греат со млаки радијатори, бидејќи БЕГ работи со оптимизиран режим на греење. Во последното соопштение на компанијата е наведено дека имаат пари за набавка на гас до крајот на утрешниот ден и дека компанијата предлага Владата времено да го преземе управувањето со компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона. Инаку Балкан енерџи на своите корисници им наплаќа месечни сметки и во текот на летните месеци кога не загрева, а парно пушта вообичаено од октомври до март.

„Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси за обезбедување финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифите за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топлина“, се наведува во соопштението од компанијата.

Владата на вчерашната седница донесе одлука за обезбедување дополнителни количини на струја и топлинска енергија во услови на кризна состојба. Дополнителните количини на струја ќе се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.

БЕГ има законска обврска да обезбедува парно греење, доколку не го направи тоа, тогаш согласно Законот за енергетика може да се соочи со одземање на лиценцата, изјави министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата Топ Тема.

Тој посочи дека Владата ја следи состојбата со топлинската енергија и веќе се разгледуваат повеќе опции со надлежните институции и со сите кои се вклучени во делот на снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија за да се најдат одредени решенија.

„Го повикуваме Градот Скопје и општините во склоп на Градот Скопје во рамки на своите Буџети да се вклучат со креирање на мерки за поддршка на граѓаните кои се корисници на топлинска енергија“, изјави Бектеши.

Адора нов играч на енергетскиот пазар

Пред три дена се огласи и Адора Инженеринг која ги поседува топланите Исток и Запад и побара од Владата правна заштита за разрешување на „сегашните и идни партнерски односи со корисникот на топланите и компетентните институции на државата.

„Иако „Адора инженеринг“ на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е „Производство на топлина – Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје“ (БЕГ). Групацијата БЕГ ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во градот Скопје“, велат од компанијата и додаваат дека до овој момент, „Адора Инженеринг“ и БЕГ немаат воспоставено никаков партнерски однос.

„Адора инженеринг“ во септември 2021 година ги купи од „Топлификација АД во стечај“, топланите Исток и Запад и основните средства за производство на топлинска енергија.

„До денешен ден, овие основни средства не се предадени на „Адора инженеринг“ и со нив управува БЕГ. До овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со „Адора инженеринг“, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик. Производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за закуп на истите“, се вели во соопштението до медиумите од „Адора“.

Според податоците на пари.мк, БЕГ е компанија која со 90 проценти го држи пазарот на топлинска енергија и дека во период од 2016 до 2020 година, односно дека за 5 години, компанијата што се занимава со производство остварила кумулативна загуба од околу 53.000 евра, но компаниите за дистрибуција и за снабдување заедно донеле кумулативна добивка од околу 1,3 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG