„Виолин фест“ - шанса за промоција на младите таленти

Илустрација - Настап на виолинист

Во светот на музичарите не постои математичка формула за успех. Но, сигурно е дека дел од „рецептот“ се талент, напорна работа за одржување кондиција и освојување на нови врвови, ама и сцена на која може да се види резултатот.

Дека треба да те „заболат раце од вежбање“ му е јасно на младиот виолинист Симеон Гошев, кој поминува добар дел од своето слободно време малку поинаку од голем дел од неговите врсници. Според него, еден млад виолинист мора да помине барем четири часа во денот свирејќи, за да го постигне посакуваниот резулат.

Како дете од музичко семејство, неговата уметничка приказна почнува кога имал шест години. Денес има седумнаесет и може да се пофали со неколку меѓународни соработки и награди на меѓународни натпревари.


„Во 2019 година бев на семинар во Тулуз, Франција, а имам соработувано и со многу професори како проф. Сихана Бадивуку, проф. Владимир Марковиќ и проф. Милена Стевановиќ. Минатата година бев избран да учествувам во младински оркестри во Санкт Петерсбург, Русија и Италија кои за жал, поради пандемијата не се одржаа“, вели младиот виолинист.

Симеон Гошев, виолинист

Сега има шанса да блесне дома, на осмото издание на „Виолин фест“ кое ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот во камерната сала во Филхармонија.

Настанот го организира виолинистот Владимир Костов, кој точно знае како е да си млад вљубеник во виолина со желба да покажеш што знаеш. Посакува во периодот додека тој учел да имал ваква шанса, па го прави овој фестивал за да ги мотивира младите виолинисти на кои им е потребно најголемо јавно експонирање.


„Оваа тешка година, за сите имаше многу негативно влијание. Онлајн наставата за учење инструмент е речиси погубна. Со појавата на многу онлајн натпревари, малку се изместија критериумите затоа што немаше настап во живо каде најмногу се гледаат достигнувањата и напредокот, па не секоја награда ја дава реалната слика за успех. Тоа дополнително ми даде инспирација за овогодинешното издание, после подолго време да настапат концертно“, додаде Костов.

Владимир Костов, виолинист

Успехот може да дојде бавно или да изостане ако не се понудат дополнителни опции

За младите таленти да можат да блеснат и да го искористат целосно својот потенцијал, потребна е „бина повеќе“ час поскоро, но и размена на искуства.


„Мислам дека сме малку затворени како земја во тој поглед. Во време на интернет и совршен и неограничен пристап до секакви информации, вложувањето во дополнителна едукација - семинари и учество на многу меѓународни оркестри и мастер класи, не е доволно застапено. Наставниците во свој домен, колку што дозволуваат условите тука, прават многу напори, но сепак сметам дека додека нема компарација и размена на искуства, успехот доаѓа многу бавно или воопшто изостанува“, истакна организаторот.

И ученикот во трета година во ДМБУЦ„Илија Николовски-Луј“ во Скопје се согласува дека настани како „Виолин фест“ и шанси за екстра едукација им се потребни на младите музичари кај нас.


„Во нашата земја сметам дека не е доволно ставен акцент на класичната музика и младите уметници, но секако има многу личности, институции и организации кои се залагаат за напредокот на уметниците. Јас би им порачал што повеќе да се организираат концерти, едукативни работилници за помладите и семинари со еминентни професори“, вели средношколецот.

Видете и ова: Филхармонија и НОБ со модерни техники за „подмладување“ на публиката

Меѓу странските музичари, Леонид Коган, Максим Венгеров и Давид Оистрах се на листата на идоли на Гошев. Од нашите, негов идол е Благоја Димчевски.

Најпознатите дела за виолина, без притисок од оценување и бодување, освен Гошев, оваа година на настанот кој доби поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, ќе ги изведат и ученици од музичките училишта во Србија, добитници на награди на меѓународниот натпревар „Охридски бисер“.

Со концертот ќе се се одбележат и два значајни јубилеи – 20 години од смртта на македонскиот композитор Драган Шуплевски и 90 години од раѓањето на Драган Ѓаконовски-Шпато.

Младите виолинисти ќе ги придружува Марија Вршкова на пијано. На програмата се дела од Елгар, Крајслер, Бах, Паганини, Виењавски, Шуплевски, Шпато... Во рамки на фестивалот ќе се одржат и предавање и мини концерт во СОС детско село.