Достапни линкови

Трајковска со виртуелен концерт „Виолина и филм“


„Виолина и филм“ е насловен онлајн-концертот што оваа среда, на 15 април, во 20 часот, ќе го одржи еминентната македонска инструменталистка Пламенка Трајковска. Ова е уште еден нејзин обид својата креативност да ја доближи до најшироката публика во услови на социјална дистанца.

Пламенка Трајковска е музичар. Виолинист. Жена со немирен дух и со силна органска потреба својата умешност, својата инструменталистичка виртуозност да ја сподели со публиката. Таа е автор на неколку интересни објави како албумот „Апасионато“, музичкиот проект за деца „Карневал на животните“ и синглот „Светулки“. Како солистка и заедно со своите мали камерни состави во годините наназад освен на сцените во Македонија има музицирано во Франција, Хрватска, Србија, Грција и во Танзанија.

А, во времево во кое мнозина од музичарите во светот, па и овде кај нас, поради епидемијата од вирусот Ковид-19, се обидуваат и понатаму да создаваат и да останат во директен контакт со својата публика, таа се реши и самата да се обиде користејќи ја современата технологија и модерните алатки да стори нешто креативно а воедно на публиката да и подари можност за своевидно бегство од обичноста на изолацијата.

„За нас музичарите оваа ситуација е тешка, но не заради тоа што немаме време да им се посветиме на своите инструменти. Напротив. Го имаме целото време да вежбаме и да креираме музички проекти. Меѓутоа она што навистина ни недостасува е комуникацијата со публиката. Со сцената од која се одвива таа неопходна за уметноста комуникација со неа“, вели Трајковска во пресрет на претставувањето на својот нов, овојпат онлајн-проект.

Говорејќи за својот актуелен исчекор, онлајн концертот насловен „Виолина и филм“ што треба да се случи оваа среда од 20 часот, таа со појаснување дека најнапред започнала со поставување на кратки весели динамични музички парчиња на социјалните мрежи чисто со идеја малку да ја раздвижат нејзината публика и останатите љубители на репродуктивната уметност. И кога видела дека тие убаво поминуваат, дека има топли реакции од посетителите, се решила за еден посериозен зафат.

„Пред неколку години имав направено еден проект „Музика и филм“ којшто го изведував со мојот квартет и тој навистина многу убаво помина кај публиката. Од таму сакав да останам на таа линија да направам нешто што е интересно за поширок круг на луѓе, нешто што е поведро и затоа практично се одлучив за проектот „Виолина и филм“, вели Пламенка.

Виолинистката и со информација дека концептот решила да го потпре на познати наслови и затоа одбрала теми од филмски хитови како „Кум“, „Џемс Бонд“, „Титаник“, „Пиратите од карибите“, „Бриџит Џоунс“, „Свирач на покривот“ и многу други кои се често изведувани од инструменталистите ширум светот. Затоа таа смета дека сите оние кои ќе се вклучат на нејзината интернет страна, нејзиниот јутуб канал и на профилот на социјалните мрежи ќе имаат убава можност да проследат еден навистина интересен концерт.

„Искрено, правењето на овој концерт за мене претставуваше еден исчекор во смисол на тоа дека најнапред, освен тоа што требаше да го поставам концептот за концертот, требаше да се сторат уште многу значајни чекори. Така морав да научам уште многу работи, да проникнам како функционираат некои алатки зада биде направен преносот...учев за лајв-стриминг на пример... И сега со сето ова што го знам, ако не дај боже сето ова со епидемијата потрае и останеме во изолација уште некое време нема да ми биде проблем да се амбицирам и да направам уште еден ваков концерт. Но, многу повеќе би се радувала мојот следен концерт да се случи во концертна сала со публика во партерот. Заедно да го живееме оној момент на размена на позитивна енергија и на моќта на музиката“, смета Пламенка Трајковска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG