Синоќешната седница на Собранието на која требаше да се гласа за одземање на мандатот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски – неуспешна. По жестока расправа со надвикување, како што информираа нашите известувачи, претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата.
Посетителите на нашата ФБ страница се чини почнале работите во политиката да ги сфаќаат на подбив. Лута Ахмети, коментирајќи ги резултатите од седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања постирал: „4:4, утакмицата продолжува! Можно е и до пенали да дојде“, а Мирослав Трајковски исто така со фудбалска терминологија: „Најверојатно ќе одлучат на продолжетоци“. И Тане Дамјаноски ја коментира наелектризираната атмосфера на седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, со реминисценции на 27 април: „Редно е и овие да се испотепаат да биде сè како што треба“. Мерфис Јусуфи како да предвидува: „Ќе бегат и овој, кизнај кај е“.
За разлика од подбивно-шегаџиските иронии во коментарите во врска со одземањето на мандатот на Вељаноски, оние по неделното интервју на РСЕ со министерот за надворешни работи Никола Димитров главно се реакции во врска со Преспанскиот договор со кој државава доби географска додавка во уставното име и се дури сурово сериозни, со непримерен речник и говор на омраза и нема да ги цитираме, освен, верувајте, единствениот пристоен на Љубица Буигнет: „Како може да кажам северна кога се викам само Република Македонија“.
Видете и ова: Претседателските избори судир меѓу надежта и стравотПо нашата информација за тоа дека собрала 10 илјади потписи и дека на својот ФБ профил објави оти за неа „силно светнал ден“, Гордана Силјановска - Давкова собрала и приличен број коментари на ФБ страницата на РСЕ, главно со негативна конотација. Ристески Ѓорѓи ѝ порачува: „Толку ќе имаш и гласови ако се мисли на овците кои се потпишаа за тебе...“ И Ана Кеј е на истата линија: „Затоа се прилепи на партија за која не е проблем да ги собере членовите да се потпишат“.
По текстот со наслов: „Колку повратниците од боиштата во Сирија и Ирак се закана за безбедноста на Македонија“, за Костадиновски Тони сме „веќе патетични“, а за Славе Василевски сме биле „експерти за ширење паника кај народот“. Но, Иџет Скендери прашува: „Зошто терористички напад во Македонија? Во Македонија ги уживаат сите права и муслиманите и православните и католиците и сите вери. Овде се гарантирани националните права. Единствено само душман може да го направи тоа за да го наруши мирот и соживотот меѓу нас“.