САД, некои западните земји, нивни сојузници и многу јужноамерикански земји го признаа за претседател на Венецуела Хуан Гваидо, додека Русија, Кина, Турција, Иран и Сирија го поддржаа оспорениот Николас Мадуро. ОН и Европската унија повикаа на дијалог и политички процес за излегување од кризата.
Гваидо, кој е претседател на Парламентот на Венецуела, единствена институција под контрола на опозицијата, на вчерашните протести се прогласи за „преоден претседател“ на земјата. САД, Канада и многу латиноамерикански земји веднаш го признаа.
Мадуро, кој е наследник на Уго Чавез, пред две недели положи заклетва за вториот шестгодишен мандат по победата на изборите во мај 2018, и покрај големата економска криза и хиперинфлацијата. Според некои податоци, од Венецуела поради сиромаштијата побегнале три милиони луѓе, а ОН проценуваат дека до крајот на годинава бројот на бегалци би можел да надмине пет милиони.
Видете и ова: Венецуела пред граѓанска војна?По одлуката на САД да го признаат Гваидо како претседател на Венецуела, Мадуро објави прекин на дипломатските односи со САД и им нареди на американските дипломатски претставници да ја напуштат земјата во рок од 72 часа. Вашингтон соопшти дека ќе ја игнорира таа наредба, наведувајќи дека Мадуро нема овластувања да ги прекине дипломатските односи.
Канада, како и Аргентина, Бразил, Чиле, Еквадор, Гватемала, Хондурас, Колумбија, Костарика, Панама, Парагвај и Перу го признаа Гваидо, додека Мексико, Боливија и Куба му дадоа поддршка на Мадуро.
Тој доби поддршка и од земји кои досега имаа добри односи со Венецуела.
Албанскиот премиер Еди Рама исто така соопшти дека Тирана го признава Хуан Гваидо за привремен претседател на Венецуела.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на дијалог за да се спречи ескалација која би довела до катастрофа.
„Да се надеваме дека дијалогот е возможен за да се избегне ескалација која би водела до конфликт кој би бил катастрофален за жителите и за регионот“, рече тој.
ЕУ се заложи за политички процес кој би довел до нови избори, иако поединечни земји-членки му изразија поддршка на Гваидо.
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини соопшти дека ЕУ го поддржува Парламентот на Венецуела и дека неговите овластувања треба да бидат обновени и почитувани, како и дека не може да се игнорира гласот на Венецуелците кои бараат демократија.
„ЕУ силно повикува на итен почеток на политички процес кој ќе води до слободни и веродостојни избори, во согласност со уставниот поредок“, соопшти Могерини.
Видете и ова: Мадуро, нов претседател на Венецуела?Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изрази надеж дека цела Европа ќе се обедини во поддршката за демократските сили во Венецуела. За разлика од Мадуро, парламентот, вклучувајќи го и Хуан Гваидо, има демократски мандат што им го дале граѓаните на Венецуела, напиша Туск на Твитер.
Францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер, на француски и на шпански јазик, напиша дека победата на Мадуро на изборите во мај минатата година е „нелегитимна“ и ја поздрави храброста на Венецуелците кои бараат слобода.
Германската влада го поддржа народното собрание на Венецуела и повика на „слободни и кредибилни избори“.
Португалскиот министер за надворешни работи го повика Мадуро да „сфати дека неговото време е готово“, додека шефицата на шведската дипломатија оцени дека „мора да се почитува правото на луѓето мирно да протестираат и слободно да ги бираат своите лидери“. Данскиот министер за надворешни работи Андерс Самуелсен изјави дека Копенгаген „секогаш ќе ги поддржува легитимно избраните демократски институции, особено парламентарното собрание, вклучувајќи го Хуан Гваидо“.
Шпанскиот премиер Педро Санчес на маргините на Светскиот економски форум во Давос се сретна со латиноамериканските лидери, а најавено е дека ќе разговара со Гваидо. Министерот за надворешни работи Жозеп Борел рече дека владата на Мадуро е нелегитимна, но не го поддржа Гваидо директно. Шпанија е меѓу неколкуте европски земји кои неодамна бараа меѓународно посредништво меѓу власта и опозицијата во Венецуела, но Борел рече дека сега „ситуацијата радикално се променила“.
Видете и ова: Уго Чавез - човекот што се поистовети со Симон БоливарРусија, пак, оцени дека во Венецуела е извршен обид за пуч и изрази загриженост поради можната воена интервенција. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека објавата на Гваидо е „обид за узурпирање на власта“ со кој се крши меѓународното право.
На прашањето дали Русија е волна да му даде азил на Мадуро, Песков рече дека тој е легитимен лидер на Венецуела. Руското МНР претходно оцени дека кризата во Венецуела „достигна сериозна точна“ и повика на меѓународно посредништво меѓу власта и опозицијата.
Русија одржува блиски односи со Венецуела, а неодамна испрати два стратешки бомбардери кои може да носат атомски бомби да учествуваат во воена вежба во земјата, што беше необично покажување на руската воена моќ во Јужна Америка. Венецуела купува руско оружје за милиони долари.
Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопез, на Твитер напиша дека вооружените сили на земјата не го признаваат „самопрогласениот “ Гваидо за претседател и оти војската ќе го брани уставот и националниот суверенитет, што го зголеми стравот од понатамошни насилства.
Кина, која во изминатите 10 години ѝ позајми на Венецуела 65 милијарди долари, ги повика САД да не се мешаат во политичката криза во земјата и соопшти дека се противи на каква било надворешна интервенција во Венецуела. Пекинг ги повика сите страни во спорот „да останат рационални и смирени“ и да бараат политички решение во рамки на Уставот на земјата.
Техеран соопшти дека ја поддржува владата против „каков било облик на нелегитимна и нелегална акција, како што е обидот за државен удар“. Тие сметаат дека зад случувањата во Венецуела стојат САД.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му се јавил на Мадуро и му изразил поддршка, соопшти турското претседателство.
„Брате Мадуро, главата горе, Турција е со тебе“, му рекол Ердоган во телефонскиот разговор, соопшти портпаролот на Ердоган.
Сирија, пак, ја осуди „флагрантната интервенција“ на САД во внатрешните работи на Венецуела.
Бразил и Еквадор, иако го поддржуваат Гваидо, ја исклучија можноста од воена интервенција во Венецуела, откако Вашингтон соопшти дека „сите опции се на маса“ во случај Мадуро да употреби сила против опозициските протести.
Во текот на ноќта имаше протести и контрапротести во Венецуела.
Мадуро, кој ја презеде власта во 2013 година по смртта на Уго Чавез, е критикуван поради прекршување на човековите права и за водењето на венецуелската економија.