Полните цркви во кои одекнува свечената велигденска литургија, опуштените и среќни лица раздвижени на пролетното сонце, семејства собрани на маса околу неделниот мрсен ручек годинава ќе бидат заменети со поинакви слики. Разбирливо, поради ситуацијата со коронавирусот и вонредната состојба во која живееме сите во овој период, верските храмови најверојатно ќе бидат испразнети. Своите молитви за добро здравје и радост по повод воскресението Христово, верниците ќе ги упатат од своите домови. Без одење по гости кај роднини и пријатели. Дома, сами со членовите на најтесното семејство.
За разлика од лани кога известувавме за голема сообраќајна раздвиженост на граничните премини кон соседна Грција во истиот период околу велигденските празници и на кои се чекаше и по половина час за излез од земјата, годинава ќе славиме еден малку поинаков Велигден.
Лилјана Преспаховска, 53 годишна скопјанка вели дека е тажна што годинава Велигден нема да го прослави според вообичаените процедури. Сепак, домот веќе го исчистила, јајца офарбала, а си купила и се што и треба за велигденскиот ручек. Годинава вели таа, тој ќе биде поскромен, бидејќи на трпезата ќе бидат само таа и сопругот.
„Адетите си остануваат. Дали сме двајца, тројца или повеќе, адетите ќе си ги направиме. Најтажно е кај семејствата кои имаат постари и болни неподвижни лица, а кои нема да можат да ги посетат. Ние вообичаено славевме со пријатели Велигден, годинава ќе бидеме сами, ама најважно е да останеме здрави и живи, па ќе има уште многу други Велигдени“, вели Преспаховска.
Исто како и Лилјана, нејзината сограѓанка Емилија вели дека годинава ќе ги почитува препораките на Владата за да не се оди во црква и да нема групни собири.
„Во име на зачувување на јавното здравје ќе ги испочитуваме препораките, ќе останеме дома и ништо страшно ќе го преживееме тоа. Што се однесува до традицијата, ќе ги испочитувам сите адети. Фарбање јајца, јагнешкото е веќе купено и истото ќе го подготвам за свечениот неделен ручек за воскресението христово“, вели Емилија.
Видете и ова: Коронавирус: дали е лекот пострашен од болеста?
Ова никој не го посакуваше, но тоа се наметнува поради кризата и поради потребата да го зачуваме здравјето, вели портпаролот на Македонската православна црква, митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј.
„Сите оние кои имаат познавања од црква и вера нека се молат во своите домови како што умеат и знаат, па да се надеваме дека ќе помине ова и своите верски и духовни потреби ќе можат да ги задоволат во црквите или манастирите“, порачува отец Тимотеј.
Митрополитот повардарски г. Агатангел од Македонската православна црква (МПЦ-ОА) преку Фејсбук ги повика верниците Христовото воскреснување во сабота на полноќ да го одбележат со излегување и пеење песна на своите балкони. Владиката пред 20-ина дена ги повикуваше верниците да одат во црквите и да се причестуваат.
„Ве повикуваме точно во 24 часот во сабота, кога ќе ги слушнете камбаните кои ќе го означат Христосовото Воскресение, со запалени свеќи и со Велигденски црвени јајца да излезете на вашите балкони, дворови или пак во вашите дневни простории и да ја запеете Воскресентската песна. Честитајќи ви го празникот преку електронски медиуми, ве поздравувам со христијанскиот поздрав Христос Воскресна“, соопшти г. Агатангел.
Она што сепак останува исто како лани и претходните години се гужвите на касите од маркетите и продавниците за храна. Граѓаните сепак не можат, а да не обезбедат храна можеби и повеќе од колку што во моментот им е навистина потребно. Фрижидерите се полнат, нервозите во редиците остануваат. Кризата ги погоди и сточарите кои неодамна се пожалија дека цената на жива мера јагне паднала до 90 денари, додека претходно откупната цена се движеше од 120 до 130 денари по килограм, а производната цена се проценуваше на околу 180 денари по килограм. Исто така неодамна Владата ги замрзна цените на основите продукти - леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства. Поради кризата голем дел од зелените пазари во земјата се затворени или пак работат со намален капацитет.
И овој викенд како и претходниот остануваат во сила ригорозните мерки со кои се ограничува движењето на граѓаните, односно полициски час. Овој викенд тој ќе трае од петок во 16 часот до вторник до 5 часот. Граѓаните 85 часа нема да можат да ги напуштат своите домови.
Минатиот викенд, во кој католичките верници го прославуваа Христовото воскресение, помина во знакот на празните катедрали и свечените миси кои се одржуваа на празните плоштади и цркви. Молитвите на свештениците се пренесуваа преку интернет, а своите молитви верниците ги упатуваа од домовите.