Народна Република Кина е подготвена да ја продолжи соработката со Северна Македонија околу вакцините и таа придава големо значење на македонската потреба од вакцини за борба против пандемијата, велат од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава, откако земјава го повлече авансот за кинеските вакцини, а пратката која требаше да стигне до крајот на февруари, се уште не стигнала.
На прашањето на радио Слободна Европа зошто вакцините доцнат, каде е проблемот и зошто е повлечен авансот за вакцините од македонска страна, од амбасадата на Народна Република Кина кратко одговорија дека Кина е подготвена да продолжи да работи заедно со Северна Македонија на вакцините против КОВИД-19 и да помогне во нејзината домашна борба против пандемијата.
„Северна Македонија одлучи да набави вакцини од Кина, со што покажа доверба во Кина. Кина придава големо значење на македонската потреба за вакцини и ги поддржува релевантните компании да комуницираат со владата на Северна Македонија за набавка на вакцини. Кина е подготвена да продолжи да работи заедно со Северна Македонија на вакцините КОВИД-19 и да помогне во нејзината домашна борба против пандемијата“, се вели во одговорот од Кинеската амбасада во земјава.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И додека земјите од соседството веќе некое време ја спроведуваат имунизацијата на своето насление, земјава се уште ги чека ветените вакцини. И тие од Солидарниот фонд од соседните земји и оние ветените од кинеската компанија „Синофарм“ и руските кои се во најава, но и одамна споменуваните 833 000 дози вакцини на компанијата Фајзер кои би требало да ги добиеме преку КОВАКС механизмот.
Досега стигнаа двете пратки вакцини на Фајзер од соседна Србија (првата 4680 и втората од 3510 дози). Приоритет за овие вакцини имаат здравствените работници поради ризик поради постојаниот контакт со КОВИД пациенти.
Видете и ова: Вакцините од соседите на почек, надеж во кинескитеВакцините од Кина беше најавено дека ќе пристигнат во февруари. Станува збор за 200.000 вакцини за кои Министерството за здравство потпиша договор за набавка и со кои практично требаше да започне масовната имунизација на населението.
Премиерот Зоран Заев вчера истакна дека парите се повторно на сметката на Министерството за здравство бидејќи не е добро да стојат пари на странска сметка, но јавноста ја уверуваше дека процедурата е во тек.
„Не е добро да стојат пари на странска сметка, но процедурата е во тек. Јас и денеска чекам информација од Кина, за веднаш да ја продолжиме постапката за набавка на кинеските вакцини. Не можеме да си дозволиме пари да лежат во оваа земја додека не се заврши постапкаа. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите. Денеска очекувам позитивен сигнал или информација од Кина за веднаш да ја почнеме таа постапка“, рече премиерот Заев.
Заради проблемот со производството од страна на фармацевтските компании, Заев вели дека не може да се каже конкретен датум кога ќе пристигнат вакцините во земјава.
За во февруари беа најавени и околу 5.000 вакцини од компанијата „Фајзер“ за што Владата и Министерството тврдеа дека се обезбедени уште во јануари, но и тие нема да пристигнат овој месец, поради тоа што договорот не е финализиран.
Зошто се уште немаме вакцини останува енигма, а народот не го интересира какви детали треба да се доработат, туку зошто немаме вакцини, вели доктор Александар Стојанов, епидемиолог и поранешен директор на Центарот за јавно здравје.
„Мислам дека луѓето кои работат во стручните служби не се до крај професионални. Но не држи вода и само таму да се бара вината. Грешки се случуваат, ама тие и се исправаат, се решаваат. Но според мене „главата“ е важна. Како тоа ние како најљубезни, најгостопримливи, сите не сакаат во Европа, ние не добивме ништо, јас не можам да разберам. Зошто сме ние на ова дереџе тоа е голема енигма“, вели Стојанов.
Прерано опуштање - се зголемува бројот на заразени од Ковид 19
Она на што тој укажува е потребата што побрзо да се почне со вакцинацијата доколку сакаме да избегнеме нов бран на епидемијата. Дури и да има вакцини треба да помине цела година, за животот да се врати во нормала, вели Стојанов.
„Ако се остави ваква ситуацијата подолго време, а гледаме дека британскиот сој се шири, ако не успееме да набавиме вакцини, а мерките се помалку се почитуваат, ќе се доведеме во ситуација да му дадеме време на вирусот од мала да направи голема мутација и вакцините постоечки нема да го покријат. Правило во секоја епидемија е за што пократко време да вакцинираме што повеќе луѓе. Ние уште не успеавме кртичните групи , луѓето во ковид центрите да се вакцинираат, дури и тие избегнуваат да се вакцинираат. Ова е навистина чудна земја“, вели Стојанов.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа оставки од владата, а пратеникот Илија Димовски пак побара побара да се укинат казните и ограничувањата на државата поврзани со пандемијата, затоа што како што вели, таа не им обезбедила истовремено вакцинирање против Ковид-19 на граѓаните.
Во меѓувреме, бројот на заразени во земјава расте. Бројките во последните две недели растат, а стручната јавност информира дека во 50 проценти од заразените се работи за новата мутација на вирусот, односно за таканаречениот британски сој.