Бугарскиот премиер во Брисел - има ли надеж за нова атмосфера во преговорите?

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Словенечкиот амбасадор Предан чија земја претседава со ЕУ смета дека планот на Бугарија за решавање на спорот со С.Македонија кој го менува фокусот од историјата на други прашања е шанса за напредок. На ист став е и поранешниот вицепремиерот Наумовски кој очекува подобрување на состојбата.

План од девет точки за надминувањето на отворените прашања меѓу Софија-Скопје на новиот бугарски премиер Кирил Петков ќе ја подобри атмосферата за решавање на спорот меѓу двете држави. Вакви се очекувањата откако Петков го најави планот од 9 точки кој претходно беше договорен меѓу коалиционите партнери во бугарската влада. Во него се предвидуваат нови работни групи и комисии за бизнис, како и заеднички културен календар, заеднички научни конференции.

Словенечкиот амбасадор во земјава, Милан Предан чија земја претседава со ЕУ до крајот на декември во интервју за РСЕ кое ќе се емитува в недела вели дека тој гледа шанса за договор преку новиот различен пристап.

Видете и ова: Дали планот на Петков ќе ја забави или забрза македонската интеграција?

„Тоа значи дека не треба да зборуваме само за историја, бидејќи ако погледнеме сега како историската комисија работи во овие изминати две години и нема многу надеж дека ќе има некаков напредок. Ако го смениме фокусот на целиот дијалог од историјата, идентитетот и јазикот до многу практичните области, инфраструктура, култура, медиуми, образование мислам дека тогаш имаме шанса. Ако има добар договор за овие области тогаш можеби ова ќе ја смени атмосферата и ќе има поголема взаемна доверба. Тогаш во ситуација со поголема взаемна доверба е исто така полесно да се решат такви прашања како историјата. Можеби барем да се разговара за тие прашања во порелаксирана и попријателска атмосфера“, вели Предан.

Досегашната комисија за историски и образовни прашања веќе подолго време не е плодна поради несогласувањата меѓу членовите на македонскиот и на бугарскиот тим. Во планот се предвидува комисијата да продолжи да работи.

Според Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и професор на Правниот факултет Јустинијан Први новиот пристап на Петков од една страна се чини дека има за цел разговорите да ги фокусира на области каде што е можен видлив напредок за краток период за разлика од досега кога историјата доминираше во билатералните разговори. Според него, доколку се разговара во конструктивен дух тоа може да придонесе за видлив напредок во создавањето на атмосфера на добрососедство и пријателство што во суштина беше и целта на потпишувањето на договорот пред 4 години.

„Верувам дека овој нов пристап на новата бугарска влада ќе биде различен од пристапот на претходната влада каде доминираше единствено историјата. Имено и самиот дух на европските интеграции претпоставува зближување на државите кои се членки и оние кои што сакаат да станат членки и во таа насока овие работни групи доколку се искористат добро може да придонесат за подобрување на состојбата“, вели Наумовски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Наумовски:Во пристапот на Петков нема да доминира историјата


И Предан и Наумовски се согласни дека рокот од шест месеци за решавање на спорот кој го постави Петков е предолг.

Премиерот Зоран Заев соопшти дека со Петков разговарале и се согласиле дека треба да се формираат работни групи за енергетика, инфраструктура, економија, култура, здравство за, како што кажа, да можат да создаваат амбиент да се надминат проблемите. Воедно тие се согласиле и дека прашањата треба да се решат за период не подолг од 6 месеци.

Видете и ова: Министрите на ЕУ ги усвоија заклучоците, датум за Скопје и Тирана нема

Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски пак рече дека е убеден оти на средби на работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија на кои теми би биле инфраструктурата, економијата, културата, образованието ќе може да се покаже дека земјава и во изминатиот период има направено сериозни подготовки.

Инаку, Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција лани, тогаш главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска.

Во меѓувреме бугарските власти почнаа помалку да ги истакнуваат историските нерешени прашања, а да инситираат на влегување на Бугарите во македонскиот Устав и на заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарска самосвест.

Претседателот на Бугарија Румен Радев за време на посетата на Брисел за европското електронско издание Еуроактив изјави дека Северна Македонија мора да го промени својот Устав. Петков исто така е денеска во Брисел заедно со министерот за финансии Асен Василев и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска каде ќе има состаноци во ЕК на највисоко ниво за да ги покаже своите први стратегии.