Достапни линкови

Македонија повторно не го доби датумот што го прослави


Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев објавија дека Македонија добила датум за преговори со ЕУ на 26 јуни 2018
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев објавија дека Македонија добила датум за преговори со ЕУ на 26 јуни 2018

ЕУ очекува Македонија и Албанија да ги почнат преговорите „што е можно поскоро“. Новиот бугарски премиер сега дава шест месеци за надминување на недоразбирањата. Се чини дека оптимизмот за откочување на македонските евроинтеграции остана само кај оние на кои тоа им е „службена должност“.

Бугарија доби нова влада, но Македонија повторно не доби датум за преговори за членство во ЕУ. Во заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ се наведува дека првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија треба да се одржат „што е можно поскоро“.

Бугарија го блокира почетокот на преговори, тврдејќи дека Македонија ја краде бугарската историја. Новата бугарска влада, предводена од Кирил Петков, сега дава шест месеци за решавање на проблемот, формирање работни групи за нови теми и план од девет точки за надминувањето на отворените прашања меѓу Софија и Скопје.

Македонија ќе ги почне преговорите за членство. Ако не оваа среда, другиот петок, иронизираат граѓаните на социјалните мрежи.

Други, пак, велат дека се чини оти Македонците во Европската унија ќе се интегрираат сам по сам.

Пред три и пол години, премиерот Зоран Заев, тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, министерот за надворешни работи и вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров и Бујар Османи, кои во меѓувреме си ги сменија функциите, се пофалија дека добиле датум за преговори. Тоа беше на крај на бугарското претседателство со ЕУ. Од тогаш, се сменија австриското, романското, финското, хрватското, германското и португалското, а до Нова година и словенечкото претседателство. Од 1 јануари Франција станува претседавач со ЕУ.

По излегувањето на Беса од владата минатиот месец, имаше обид за изгласување недоверба на владата, но пратеникот Кастриот Реџепи од Беса се пишмани и му се придружи на владиното мнозинство, за да им даде шанса на евроинтеграциите. Потоа, и опозициската Алтернатива влезе во владата, исто така за да овозможи добивање датум за преговори.

Циниците би рекле дека Македонија ќе го добие датумот за време на грузиското претседателство. Ама Грузија не е членка на ЕУ. Е па, не е.

И покрај тоа што македонските власти постојано го подгреваат оптимизмот дека е можен почеток на преговорите со ЕУ и надминување на проблемот со Бугарија, од Софија постојано повторуваат дека нивната позиција е непроменета.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG