Новата бугарска влада изгласана вчера не донесе брз почеток на преговорите за зачленување на земјава во Европската унија, а очекувањата дека на денешниот состанок на Советот за општи работи во Брисел ќе има и промени се намалија по најавите последниве недели од официјална Софија.
Бугарија на состанокот не прати повисока министерска позиција туку е претставена од нивниот постојан претставник во ЕУ Румен Александров.
Словенечкиот државен секретар за европски прашања Гашпер Довжан, од позиција на земја претседавач со Европската унија, пред состанокот не ја спомена конкретно Македонија, но рече дека ќе разговараат за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација.
„Имаме на маса нацрт заклучоци и ќе видиме до каде може да стигнеме. Да се надеваме на најдобро, дефинитвно ќе биде добар знак ако сме во можност да постигнеме договор“, рече Довжан.
Тој ова го кажа пред почетокот на последниот состанок на советот за време на словенечкото претседателство кое завршува на 31 декември. По Словенија со унијата шест месеци ќе претседава Франција. Државниот секретар во француското министерство за Европа Клемент Бон кој го претставува Париз на Советот за општи работи, пред состанокот кратко кажа дека треба да се деблокира ситуацијата и да се започнат преговори со Северна Македонија и Албанија.
Инаку, непроменетата позиција на Бугарија во однос на деблокадата на преговорите беше навестена последниве денови. Прво ја кажа службената влада, која од вчера веќе не ја раководи земјата, а потоа и новиот бугарски премиер Кирил Петков кој уште пред да биде избран, рече дека треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите.
Истиот ден кога беше изгласана владата рече дека тие ќе ја зачуваат државната позиција, но дека ќе ја надградат. Тој нагласи дека имале јасна дебата со нивните коалициски партнери и дека позицијата е запишана во коалицискиот договор.
Што точно предвидува коалицискиот договор?
Позицијата на Бугарија е дефинирана и во тој договор меѓу четирите партии Продолжуваме со промената, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија, од кои е составена новата влада.
Во него за позицијата кон Скопје има набројано девет точки:
Зачувување на единствената позиција на Бугарија во однос на Републиката Северна Македонија и надградба во конструктивен дух и тоа:
- 1. Да се активира работата на билатералните комисии предвидени во Договор за пријателство, добрососедство и соработка, преку календар за месечни состаноци.
- 2. Формирање бизнис комисии (со учество на добавувачи и клиенти во од која било страна).
- 3. Посилна соработка во областа на транспортот: директен воздушен транспорт, авиолинија Софија-Скопје, коридор 8, финансиска поддршка на железницата. Наука и култура: заеднички културен календар, заеднички научни конференции.
- 4. Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовните прашања на Бугарија и Северна Македонија да продолжи да работи.
- 5. Бугарија очекува властите на РСМ да гарантираат трајна заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарска самосвест како составен дел на европските вредности.
- 6. Размена на архиви од периодот 1944-1991 година со цел рехабилитација жртви на репресија.
- 7. Активирање на јавната дипломатија како алатка
- 8. Одржување на широк консензус за бугарската политика
- 9. Поддршка на интеграцијата на PCM во ЕУ преку употреба на бугарски технички капацитет
Поинакви очекувања во Скопје
Очекувањата на дел македонски политичари пак беа поврзани точно со 14 декември. Првично тие се засилија откако минатиот месец пратеникот од Беса Кастриот Реџепи не се појави на седницата за доверба на владата и со тоа не успеа обидот на опозицијата да и се изгласа недоверба. Неговото објаснување беше дека тоа го сторил зошто од високи дипломатски претставници добил уверувања дека во декември земјата најверојатно ќе добие зелен сигнал за почеток на преговорите со ЕУ.
Потоа и министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека „таргетот е декември“ и дека тој ќе работи тоа да се случи до 14 декември, но и после тоа до крајот на словенечкото претседателство, а и потоа.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела кажа дека очекува земјата оваа недела да ги почне преговорите со Европската унија.
Најпесимистички расположен од македонските политичари се чини беше вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров кој неколкупати предупреди дека за да нема разочарувања подобро е да не се очекува добар исход на Советот за општи работи на ЕУ.
Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција лани, тогаш главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска.
Првата блокада се случи за време на владата предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов. Годинава кај источниот сосед се одржаа три циклуса парламентарни избори, а по првите два немаше можност за формирање на политичка влада во Софија.
Со земјата осум месеци раководеше службена влада формирана од претседателот Румен Радев. Во меѓувреме претседателот и службената влада почнаа помалку да ги истакнуваат историските нерешени прашања, а да инситираат на влегување на Бугарите во македонскиот Устав и на заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарска самосвест.