Откако ЕУ не ѝ додели датум на Македонија за почеток на пристапни преговори со Унијата, партиските челници кај претседателот Стево Пендаровски веќе се договорија – вонредни парламентарни избори, како што изјави премиерот Зоран Заев „за народот да добие мандат по кој пат сака да оди“, на 12 април, а формирањето техничка влада според Пржинскиот договор ќе биде на 3 јануари. Граѓаните различно реагираат на оваа нова ситуација, па во коментарите на нашата ФБ страница може да се прочитаат и одобрувања и жестоки критики против лидерите на двете најголеми партии.
Видете и ова: Власта апелира на трезвеност по одлуката на ЕУ, а опозицијата бара избориЗа Жаклина Спасовска тоа е „купување време за да можат да ја уништат демократијата што ја имаме и пак да завладее нивната диктатура. Како ќе живееме во иднина“, вели Спасовска, „зависи само од нас, а за тоа после немој да викаме од навика дека сите други се виновни само не ние“. Дашмир Рамани пожелува „Среќен пат кон Тунгузија“, а ИгорВики Магероски своето мислење го искажал со подолг коментар: „За греота сме. Овој мора да се смени и суди. Ама исто ќе биде за греота ако дојде ВМРО со Мицко некадарниот на власт. Мора да се казнат и ВМРО и СДСМ, на наредните избори да се гласа за Единствена Македонија и Левица без разлика што се мали партии, подобро тие отколку претходните и сегашниве“. Зоран Ивановски му се обраќа директно на претседателот на државата: „Доколку сакате да бидете претседател на сите граѓани во вакви моменти треба да ги повикате сите партии, па и вонпарламентарните. Особено кога 2/3 од гласачкото тело е незадоволно и неопределено“. Потпишана со Соња Охрид, со доза на иронија и хумор предлага: „Јас сум за принудна управа со стечаен премиер, по можност Швајцарец сосе тим судии од Стразбур и појачување на полицијата од Еулекс!!!“ За Мики Јованов „Македонија се спаси од предавствата“, а Марко Митески има спротивно мислење: „Абе, вмровци, нит ви се сака нит ве боде, а знаете и самите оти сарма ќе ве направат вака или онака, вие не се враќате на власт уште минимум 10 години!“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
По изјавата на Христијан Мицкоски уште пред лидерската средба, дека „нема да прифати избори без техничка влада“, Тошо Поповски го потсетува: „Абе, жмицко, тоа е законска обврска, не е ни твоја ни ничија желба или услов“. А во пост скриптум прашува: „Туку, со хидроцентралите шо праиме?“ Бардур Мимидиновски постирал: „Овој ако продолжи вака, ќе побара да биде премиер без избори“.
Посетителите на ФБ на РСЕ ја коментираат и изјавата на премиерот Заев дека „граѓаните на брзи избори треба да го одредат патот по кој ќе продолжи земјата“. Милица Стокиќ напишала: „Какви реформи, само ја продадовте татковината“, а Анчо Тасевски смета дека кариерата на Заев завршила и „сите во Шутка“. Но Мукрем Бафтири вели: „Ќе му дајме уште еден мандат на Зоран Заев“. Благоја Груевски не е ни за СДСМ ни за ВМРО: „Се видоа и двете партии“.