Државниот завод за статистика е подготвен за спроведување на пописот, кој треба да стартува в недела. Техничките работи комплетно се завршени, а набргу ќе се заврши и со ангажирањето на административците како попишувачи, изјави за РСЕ директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски. Тој очекува граѓаните да соработуваат со попишувачите.
„Ова го правиме за граѓаните, не го правиме за нас. Не само што се надеваме, туку и сигурни сме дека граѓаните ќе не поддржат. И на крајот на краиштата анкетите што ги следиме кажуваат дека најголем дел од граѓаните се апсолутно за попис и сите го чекаме со нетрпение“, вели Симовски.
Од Владата претходно информираа дека сè е подготвено за отпочнување на пописните активности на терен на 5 септември.
„Во сите комисии на 50-те пописни реони завршија обуките на реонските инструктори и потоа и на реонските попишувачи. Во деновите до недела, кога во 8 часот утрото попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач, заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план на движење низ пописниот круг а сè со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство да не остане неопфатено“, рече владиниот портпарол Душко Арсовски.
Од Владата се сигурни дека населението со доверба ќе ги прими попишувачите и ќе ги даде потребните податоци, за како што наведуваат, за се соберат податоци кои ќе овозможат подобра иднина за сите. Со одлука на Владата од минатата недела дел од администрацијата се става на располагање на Заводот за статистика како попишувачи.
Видете и ова: План Б - Административците ќе го пополнуваат недостигот на попишувачиОд националниот блок „Не отворам врата“ побараа од пратениците да го одложат пописот, во спротивно се заканија со бојкот. Бараат да се одложи пописот затоа што сметаат дека во време на пандемија на ковид пописот би бил животозагрозувачки за граѓаните, од друга страна, пак, велат дека со постоечкиот закон ќе се изврши фалсификуван попис.
Иницијативите кои се против пописот само може да нанесат штети, вели Симовски.
„Нашата намера е да спроведеме попис за сите граѓани да ги убедиме дека тоа е во нивен интерес, ова што го правиме не е за кој било друг, освен за граѓаните. Сите овие иницијативи немаат намера да ги заштитат граѓаните, туку имаат намера да направат проблем во државата за некои свои политички цели, значи тоа што го прават, го прават за нечиј приватен интерес, а не во интерес на граѓаните. Граѓаните ако ги послушаат само губат, ништо нема да добијат. Тоа се само елементи кои не и сакаат добро на државата“, вели Симовски.
Најголем дел од попишувачите се вакцинирани
Македонија е зафатена од четвртиот бран на ковид-19. Над 14 илјади граѓани во моментот се заразени со коронавирусот. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека пописот нема да биде проблематичен ако се почитуваат протоколите.
Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ мината недела побара пописот да биде електронски, за, како што наведуваат, за не се загрозува здравјето на граѓаните.
Симовски вели дека најголем број од попишувачите се вакцинирани и дека ги следат протоколите до максимум. Доколку, пак, некој граѓанин нема да сака да го попишува невакциниран попишувач, дополнително ќе им се обезбеди попишувач што е вакциниран.
Според протоколите за спрoведување на пописот, попишувањето на лицата кои се во изолација поради ковид, доколку изолацијата им трае додека е пописот, ќе бидат попишани откако ќе излезат од изолација, за нив податоци може да даде и некој близок кој не е во изолација, а ги знае сите податоци за лицето.
Нема успешни инвестиции без попис
Видете и ова: Дали пописот ќе го подобри животот на младите?Премиерот Зоран Заев вели дека пописот живот значи за еднаквоста на развојот на земјата.
Економскиот аналитичар Арбен Халили дека спроведувањето на пописот е клучно, особено за економијата.
„За секакво планирање, за реализација на инвестиции мора да се има реални податоци, а реални податоци може да имаме само доколку се спроведе пописот“, вели Халили.
Тој додава дека, за жал, пописот во земјата се уште има политичка позадина и е извор на недоразбирања меѓу партиите. А тоа, според него, може да се надмине доколку од Уставот се тргне уредбата за правата и статусот на немнозински заедници кои се најмалку 20 отсто од популацијата.
Пописот првично требаше да се одржи од 1 до 21 април годинава, но се одложи за во септември на барање на опозицијата, поради состојбата со пандемијата во тој период. Теренското попишување беше одложено, но не и попишувањето на дијаспората преку онлајн апликација на Заводот за статистика. во. Заклучно до 7 и 30 часот на 2 септември на апликацијата на Заводот за статистика се самопопишале 190.890 граѓани.
Во Македонија последен пат оваа статистичка операција се спроведе во 2002 година. Обидот за попис во 2011 година беше неуспешен. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори предмет за пропаднатиот попис организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според СЈО со стопирањето на оваа операција тогашниот премиер и Никола Груевски и неговиот коалициски партнер во владата Али Ахмети му нанеле штета на буџетот во висина од 2,8 милиони евра.
Овој предметот по пропаѓањето на СЈО го презеде Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, а истрагата пропадна, оти не беа собрани доволно докази за да може кривично да се гонат Груевски и Ахмети.
Според Законот за Попис, оваа статистичка операција ќе чини 8,5 милиони евра.