Достапни линкови

Дали пописот ќе го подобри животот на младите?


Илустрација - Посетители на Саем за млади иноватори 2019
Илустрација - Посетители на Саем за млади иноватори 2019

Младински организации отворија тема за тоа што може да донесе пописот за младите. Заклучокот од дискусијата е дека собраните податоци ќе донесат квалитетни развојни политики. Но, дел од младите сметаат дека властите го спроведуваат пописот од „лични интереси за да останат на власт“.

Владата одлучи годинава, по 19 години, да организира попис на населението во Македонија. Во меѓувреме, во јавноста се дискутира за тоа дали треба да има попис во време на пандемија, се известува за кампањи за бојкот на пописот поради обвинувања за недемократски процес. Но, за прв пат младинските организации одлучија да го свртат вниманието кон пописот и младите, односно дали и што може пописот да донесе за младите.

„Се надевам дека токму пописот кој е една исклучително важна статистичка операција, ќе ни помогне пред се, нам, граѓанските организации но секако и на државните институции, и на државно и на локално ниво, со тоа што ќе даде прецизен увид во сите податоци и ќе помогне во следните чекори на планирање, особено во областите како што се образованието, можностите за вработување, како и миграциските текови кај младите“, изјави извршниот директор на Младинскиот образовен форум, Димитар Низамовски, на вчерашната онлајн панел дискусија „Што знаеме за младите и што ново ќе донесе пописот?“. Дискусијата се одржа во рамки на Регионалнaта конференција „Одржливост на младинските организации во време на пандемија и по пандемија“, во организација на Млади инфо Интернационал.

Низамовски на самиот почеток истакна дека голем дел од младите и воопшто не биле запознаени со тоа како изгледа еден попис, бидејќи немале можност во изминатите дваесеттина години да бидат дел од ваква статистичка операција.

„Институциите некогаш се прогласуваат за ненадлежни, па ја префрлаат одговорноста меѓу себе, така што кога ќе можеме на едно место да ги најдеме сите податоци за младите ќе може да се овозможи полесен пристап, а со тоа полесно креирање на мерки и политики“, рече Низамовски.

Креирање на квалитетни развојни младински политики со податоците од пописот е можната придобивка за младите од пописот. Овој став го делеа и другите говорници на панелот, односно советникот за млади и спорт во Владата, Ѓорѓи Тасев, директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски и Алберт Хани, директор на канцеларијата на РИКО во Северна Македонија.

Симовски истакна дека со пописот се прави еден вид „фотографија на општеството“. Според него, пописот не е само за етничката припадност, што е најчесто сфаќање во јавноста.

Директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски на онлајн дискусија „Што знаеме за младите и што ново ќе донесе пописот?“
Директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски на онлајн дискусија „Што знаеме за младите и што ново ќе донесе пописот?“

„Најголемиот корисник на бенефитите од оваа операција треба да бидат младите. Овие податоци треба да служат за креирање развојни политики. Тоа не може веднаш да се случи, но токму младиот човек треба да го почувствува тоа, во различните области како економија, образование, здравство“, нагласи Симовски, кој ги повика младите да се вклучат во пописот, истакнувајќи дека „сите повици за бојкот се на шетата на нас, особено на младите“.

Според Хани, „сите треба да сме свесни дека ова можеби се единствените можности да дознаеме и кои се нашите јаки страни“, а да се види на што треба да се посвети внимание. Сличен став делат и анкетираните млади преку Инстаграм профилот на Радио Слободна Европа.

„Точната бројка на студенти и ученици помага при вложувањето финансии во образованието. Земајќи предвид колку млади студираат во странство може да донесе конструктивни реформи“, наведе една млада следбеничка.

Од друга страна, според одговорите на анкетата со прашањето „Дали пописот би донел некакви бенефиции за младите“, со понудени одговори Да и Не, младите сметаат дека нема да има бенефиции за младите. Конкретно, 68 проценти одговориле со Не.

Резултати од анкета на Инстаграм, со прашање „Дали пописот би донел некакви бенефиции за младите“
Резултати од анкета на Инстаграм, со прашање „Дали пописот би донел некакви бенефиции за младите“

„Пописот за младите нема да открие ништо што би било неочекувано. Независно од резултатите на пописот, единствената замисла на младите е да заврши пандемијата за да можат слободно да се отселат, велат од „Ние младите“, младинска иницијатива.

Според нив, пописот во нормални услови не би бил проблематичен, „како и во секоја друга слободна држава во која владее правото. За жал, ние не сме една од нив“.

„Пописот требаше да се одржи многу години порано и секогаш пропаѓаше од очигледни причини. Сомнително е зошто баш сега го спроведуваат со спорната етничка графа и промената во законот за тоа кој се може да се попише, што само не наведува дека се определени политички калкукации за одржување на коалицијата. Тоа што сме во пандемија, а ја форсираат оваа одлука за спроведувањето на пописот дополнително зборува за небулозните одлуки и слабиот интерес за граѓаните. Нивните лични интереси за да останат на власт им е единствен приоритет, како и сите влади претходно. Жалосно“, истакнаа од младинската иницијатива.

Во Македонија 19 години не е спроведен попист. Обидот за спроведување во 2011 година пропадна откако тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го стопираа веќе почнатиот процес. Најавите тогаш беа дека ќе се одржи за половина или за една година.

XS
SM
MD
LG