Глобалните економски трендови се пресликаа и на домашните акции. Пад од 30 проценти од вредноста на берзанскиот индекс по прогласувањето на пандемијата со коронавирусот е забележан и на македонската берза. Инвеститорите не се во можност да оценат какви ќе бидат последиците по економските параметри поради неизвесноста за тоа колку ќе трае оваа ситуација и како ќе се реши.
Главниот извршен директор на КБ Публикум инвест, Горан Марковски, очекува тој тренд да се задржи во иднина поради неизвесноста што ја носи пандемијата, односно справувањето со неа и со последиците од неа по глобалната економија.
Видете и ова: Малта ќе ги депортира странците кои ќе останат без работа
„Пазарот ќе продолжи да функционира во услови на неизвесност, суштината на движењата на пазарот ќе бидат определени повеќе во зависност од изнаоѓање на решенија. Еден дел е епидемиолошкиот и процесот на ширење и очекувањата во наредниот месец да се достигне пикот. Но, пазарот реагира на подолг рок, односно реагира многу повеќе на потенцијално решение на проблемот и тоа предвесник на она што треба да се случи во наредните 6 до 12 месеци“, вели Марковски.
Тој додава дека доколку се пронајде соодветно решение, лек или вакцина против Ковид-19, тогаш пазарот тоа ќе вреднува соодветно и барем ќе се стабилизира во очекување дека негативните ефекти од вирусот врз македонската економија ќе бидат надминати и ограничени.
Видете и ова: Берзите „заразени“ од коронавирусот
Според Марковски, не мора да значи дека пазарот ќе го следи во целост развојот на епидемијата во земјава. Последните соопштенија објавени на интернет страната на македонската берза укажуваат дека привремено, во зависност од падот на индексот МБИ10, (доколку дневниот пад изнесува 3,5 проценти), се прекинува по еден час тргувањето со акции согласно правилата.
Првиот поголем пад македонската берза го забележува на 24 февруари, на само два дена пред во земјава да биде евидентиран првиот случај, односно кога беа забележани неколку случаи во регионот. Нешто подоцна на краток рок, берзата забележа стагнација и подобрување сè до 11 март, кога Светската здравствена организација прогласи пандемија на Ковид 19, по што тргувањето со акции е во константна надолна линија.
Светските берзи деновиве бележат загуби кои се бројот во милијарди евра поради пандемијата со коронавирусот која предизвика удар врз економијата со ограничувањата на движењето на граѓаните и новите услови за работа на компаниите. Дел од светските економски медиуми пишуваат дека падот кој го донесе пандемијата на дел од берзите е поголем и од оној со економската криза во 2008-мата година.
Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека ова е глобален проблем кој се решава локално. Во тој контекст таа смета дека најголемите ефекти од корона-кризата ќе се почувствуваат во следните три месеци, со што во вториот квартал се очекува забавување на економската активност, па и негативна стапка на раст.
„Во третиот квартал веќе се очекува подобрување, но тоа за одредени сектори нема да придонесе за драстично оправување. Четвртиот квартал е оној кој се проектира за позитивен пресврт и опоравување. Како што кажав и на почетокот, Владата е тука за фирмите, бидејќи тие се оние кои креираат работни места и тие кои продуцираат нова вредност. Приоритет ќе ни биде фирмите да опстојат, а работните места да ги задржиме. Новите мерки кои ќе се претстават се во таа насока“, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На домашната берза вредноста на акциите се намалува, но упатените во проблематиката посочуваат дека е добро што компаниите кои котираат на неа, имаат солидни фундаменти, односно дека се стабилни и остваруваат солидни заработки. Во ваква ситуација се наметнува и прашањето какви ќе бидат идните чекори на инвеститорите, дали е ова вистински момент за купувањена поевтини акции.
„Како што паѓаат акциите, тие падови соодветно се пратени со одреден обем на тргување, којшто од една страна значи дека да, инвеститорите, посебно малите инвеститори, водени од емотивни причини најчесто решаваат да продадат, но од друга страна имате инвеститори кои сметаат дека ова нарушување ќе има, ајде да кажеме, краткорочен и среднорочен ефект,меѓутоа на долг рок, сепак ефектите ќе бидат позитивни и решаваат или да ги зголемат акциите или да почнат да инвестираат со очекување дека таа инвестиција ќе им донесе профит“, вели Марковски.
Неодамна директорот на Македонската Берза Иван Штериев изјави дека дека будно се следи состојбата на пазарот и дека доколку е потребно ќе се искористат сите механизми што се на располагање во согласност со правилата за тргување како што се определени автоматски стабилизатори на ценовните движења во форма на т.н. статички и динамички дневни лимити при промената на цената на определени хартии од вредност.