Бектеши – Тимот што победува не го менува лидерот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бектеши - ДУИ ќе биде одлучувачки фактор на следните избори

Али Ахмети има уште многу да ѝ даде на политиката во Северна Македонија, имајќи предвид дека ние веќе ги решивме сите крупни прашања. Во ДУИ екипата што победува не се менува, а посебно не тренерот или лидерот, вели министерот за економија Крешник Бектеши од редовите на ДУИ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Бектеши, речиси 2,5 години сте министер, а околу две години бевте во сериозен конфликт со пазарџиите во врска со Законот за пазари. Сега решивте да го повлечете и воопшто да не стапи во сила. Зошто овој период од две години не го искористивте за да ги подобрите работите во законот и тој да стапи во сила на 1 јануари?

Ние во текот на оваа година, особено имајќи предвид дека одлучивме да го пролонгираме тој закон, разговаравме со сите засегнати страни, вклучувајќи ги тука и организаторите на зелените пазари, и трговците на зелените пазари, но истовремени и стопанските комори кои ги претставуваат нив. Заеднички одлучивме да работиме на ново законско решение и затоа ние како Влада одлучивме да му предложиме на Собранието нов предлог-закон за прекинување на важноста на постојниот закон.

Имате ли некаква рамка кога може да биде спремен новиот закон?

Ние имаме нацрт на новиот закон, каде што е предвидено да бидат вклучени сите стопански комори, да можат сите да издаваат лиценци што се однесува до трговците, но треба да додефинираме некои работи директно со трговците на зелените пазари. Според Акциониот план што го имаме во Министерството за економија, откако ќе поминат сите процедури ќе се стави на јавна дебата, во работната група ќе бидат ставени сите здруженија. Ние очекуваме некаде во март, април тоа законско решение да биде усвоено во влада, па после ќе видиме кога ќе биде усвоено во Собранието, зашто ние не знаеме кога може Собранието да го усвои тоа.

Речиси 18 години Али Ахмети е лидер на ДУИ. Ниту еден политичар не бил на чело на ниту една партија во Македонија толку долго време. Имате најавено Конгрес за 21 декември. Ќе има промена на раководството?

Јас мислам дека Али Ахмети има уште многу да ѝ даде на политиката во Северна Македонија, имајќи предвид дека ние веќе ги решивме сите крупни прашања, сме пред целосно зачленување во НАТО, пред почнување на преговорите со ЕУ. Во ДУИ екипата што победува не се менува, а посебно не тренерот или лидерот. Секако дека ќе има измени во раководството на ДУИ, но најбитно за граѓаните и поддржувачите на ДУИ е дека ДУИ ќе излезе со една нова програма, која ќе биде заснована на пет столба, но тоа ќе го оставиме да се дообјасни на Конгресот. Јас мислам дека тоа ќе биде една од најдобрите програми на политичките партии што ги има, не само во Северна Македонија, зашто тука за ДУИ нема конкуренција, секако дека се знае, но тоа ќе биде една одлична политичка програма што секако дека во наредните години ќе се препишува и од другите партии во регионот.

Велите тимот што победува не се менува. Од 19 пратеници, ДУИ сега има 10 и од околу 150 илјади гласови, ДУИ сега има околу 85 илјади гласови. Чија е вината за овие бројки?

Значи не сме 2016 година, моментално сме 2019 година, а изборите се предвидени за 2020 година. Вие ги имате и анкетите и тука многу јасно се кажува која политичка партија има најголема доверба.

Но, ДУИ има сериозен пад на пратеници и на број на гласови.

Значи не зборувам за падот на бројот на пратеници, туку за анкетите кои покажуваат дека ДУИ е поддржано од мнозинството Албанци, а зошто да не и од другите етнички заедници.

Очекувате повеќе пратеници отколку што имате сега?

Не дека очекуваме, ние сигурно ќе ги добиеме и ДУИ ќе биде одлучувачки фактор на следните избори на тоа како ќе се движи Северна Македонија, а Северна Македонија нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.

Целото интервју со министерот за економија Крешник Бектеши може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.