„Барањето 'Простор антикорона' е уште актуелно“

Илустрација - Критична маса во Скопје

Спроведување велосипедска мрежа има позитивни ефекти вон пандемија, а уште повеќе во пандемиски период, истакнаа од „НаТочак“ и потсетија дека барањето „простор антикорона“ кое го испратија до државни институции пред 11 месеци се уште е актуелно.

По речиси една година, поточно 11 месеци, од барањето на невладините организации за „Простор антикорона“, активиститее потсетија дека се уште нема „реални мерки за олеснување на јавниот превоз и реална алтернатива“.

„Препораки за 50 отсто капацитет не се мерки, ако не обезбедите алтернатива за другите 50 проценти. Некоја велосипедска патека тука и таму, не се доволни. Би ви биле доволни за движење со автомобил?! Потребна е велосипедска мрежа низ целиот град, низ секое маало, исто како што има мрежа за автомобили. Без оглед дали ќе заврши пандемијата наскоро или ќе трае подолго, спроведување на велосипедска мрежа ќе има позитивни ефекти уште повеќе во пандемија, но и вон пандемија. Здрава активност е, движење на отворено е, не загадува, помал ефект на климатски промени, поголема безбедност. Не гледаме причина зошто да не се заложиме за тие цели како општество? Барањето за #ПросторАнтиКорона и #ПросторЗаЗдравје е уште актуелно!“, напиша „НаТочак“ на својата фејсбук страна.

Бојан Ранташа од Одржливи иницијативи, една од организациите која даде поддршка на барањето, „простор антикорона“ го објаснува како „простор за да може граѓаните да одржуваат физичко растојание од два метри при движењето во отворениот простор со цел спречување ширење на корона вирусот, во согласно препораките на Светската здравствена организација и Министерството за здравство“.

„Во отворениот простор граѓаните се движат пред се пеш, на тротинет и на велосипед. Оттука на тие граѓани треба да им се даде можност да се разминуваат на безбедно растојание“, вели Ранташа.

РСЕ: Зошто токму таков простор сметате дека е потребен?

Бојан Ранташа, активист во „Одржливи иницијативи“

Ранташа: Одговорет е јасен кога ќе се погледнат кои се другите опции: автобускиот превоз со концентрацијата на луѓе во мал простор претставува можност за лесно ширење на вирусот. Делењето на автомобилскиот превоз е во слична позиција. Тоа што останува и притоа да се запази физичко растојание е индивидуален превоз со автомобил или велосипед, односно пеш. Во моментов инфраструктурата е на страна на автомобилскиот превоз. Меѓутоа, кога сите луѓе ќе се префрлат на автомобили настануваат други проблеми: простор за паркинг, загаден воздух, гужви по сообраќајниците, зголемена емисија на стакленички гасови, недостаток на физичка активност и здравствени проблеми кои произлегуваат од тоа. Односно сите во автомобили повлекува огромни трошоци, уште повеќе проблеми и потреба од уште простор за тоа да се овозможи. Па и не е само тоа, не секој може да си дозволи автомобил, или повеќе за да може целото семејство да се движи независно. Тука спаѓаат ранливите групи, маргинизираните групи и социјално загрозените групи на граѓани кои уште повеќе имаат потреба од слободно и безбедно движење. Ние, со нашиот проект Социјален велосипедски центар Педала, помагаме во донација на велосипеди токму на овие категории на луѓе (граѓаните ни донираат точаци, во Педала ги проверувавме и поправаме за да може да ги донираме), но не верувам дека некој би донирал автомобил на социјално загрозените лица. Така што, сите во автомобили не е решение. Потребно е решение кое е достапно за сите, а тоа се нозете и брзите нозе (велосипед = вело - брзи, пед - нозе). Би додал дека и тие кои имаат попреченост во нозете а користат специјални колички на тркала за движење, се движат по истиот простор. Затоа отворениот, јавен простор треба да биде предмет на развивање за да се овозможи слободно движење и слободен пристап навистина за сите, а не само на привилегираните (сопственици на моторни возила). Станува збор за човеково право.

РСЕ: Лани во април го испративте барањето „Простор антикорона“ до надлежните. Дали добивте повратен одговор?

Ранташа: Лани, во соработка со „НаТочак“, со поддршка на уште 41 здружение на граѓани од целата земја го испративме дописот до Владата и до бројни општини. Одговор добивме од страна на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус за да не информираат за мислењето кое го подготвило Министерството за животна средина и просторно планирање во кое стои дека Министерството ја поддржува иницијативата и дека поддржува да се спроведат такви мерки во општините и Градот Скопје. Министерството исто потврдува дека е намалено аерозагадувањето во Скопје, конкретно азотните оксиди, кои пак се поврзани со издувните гасови од сообраќајот, токму во периодот кога луѓето седеа дома и не ги користеа моторните возила. Но, конкретен одговор дали нешто ќе се преземе или дали ќе се одбијат нашите предлог итни мерки немаме добиено. Истото важи и за сите дописи кои ги испративме посебно до бројни локални самоуправи, односно официјален одговор не добивме во однос на тоа дали нешто ќе се преземе или не.

РСЕ: Може ли да посочите дали нешто е преземено, и ако е, што конкретно?

Ранташа: Ова е прашање за локалните самоуправи и за Владата. Ние сме запознаени дека Град Скопје најави „простор против корона“ откако го испративме дописот. Во рамките на таа парола Градот предвиде отстранување на неколку билборди, и означија велосипедска лента долж бул. св Кирил и Методиј. Можеби има и други мерки од други градови за кои не сме запознаени. Но, исто така, и знаеме дека во недостаток на соодветни „простор антикорона“ мерки, единствена мерка која се спроведе е задолжителното носење на маски и на отворен простор. Која мерка е подобра, тоа ќе кажат епидемиолозите.

Видете и ова: „Велосипедот е најбезбеден превоз во пандемиското секојдневие“

РСЕ: Дали слични мерки како вашите барања се преземени во регионот? Што поточно и каде?

Ранташа: Интересно беше лани да се види како светот ја прави таа транзиција кон се повеќе велосипедски сообраќај, а во сето тоа се истакна градоначалникот на Тирана, Албанија, каде бројни паркинг места во центарот на градот ги претвори во велосипедски ленти. Со тоа Тирана се истакна лани во сред пандемија како највизионерски град, а градоначникот на Тирана беше гостин на бројни форуми и конференции за мобилност во време на пандемија.

РСЕ: Доколку надлежните не имплементираат мерки во согласност со вашите барања, планирате ли некои активности за да се оствари „простор антикорона“?

Ранташа: Ние, од наша страна може да предложиме, тоа и го направивме. Ние може и да помогнеме во спроведувањето. Но, за остварување на „простор антикорона“ потребни се визионери на одговорните позиции. Барем тоа можеме да го заклучиме од ставовите на лицата на одговорните позиции во бројни градови и држави ширум светот, кои не гледаат само на привремено решение за побезбедно движење на граѓаните во време на пандемија, туку и како пат кон долгорочно решение за намалување на емисиите на стакленички гасови со цел намалување на влијанието на климатските промени, решение за сообраќајните гужви во градовите, решение за намалување на воздушното загадување кое потекнува од сообраќајот, а и решение за зголемување на општата здравствена состојба на граѓаните преку редовно движење со велосипед. Така што, без разлика дали иницијативата „простор антикорона“ е или не е прифатена, бројни активности на Одржливи иницијативи се насочени кон отварање пат за зголемена и поедноставна употреба на велосипедите токму поради тие бројни придобивки. Во ноември, исто во соработка со „НаТочак“, направивме анкета со 1615 испитаници, во која откривме дека за дури 20,88 отсто се зголемил бројот на граѓани кои користат велосипед како резултат на корона кризата. Граѓаните очигледно сакаат да возат велосипед. Ние работиме да го помогнеме тој процес, бидејќи во велосипедот гледаме потенцијал за да биде составен елемент во трансформацијата кон одржливи градови и одржливо општество кај нас.