Достапни линкови

Ковид-19 да не ги „изеде“ парите за борба со аерозагадувањето


Николовска - Опоравувањето од пандемијата треба да биде зелено
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:05 0:00

Николовска - Опоравувањето од пандемијата треба да биде зелено

Ме плаши дека оваа грејна сезона изговор ќе биде дека сите пари сме ги потрошиле или ги трошиме на кризата со коронавирусот. Затоа потенцирам дека тоа не треба да се случи во ниту еден случај и дека ние уште сега мора да одвоиме финансии за сезоната на високо аерозагадување, бидејќи ќе имаме сериозен проблем, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Кои треба да бидат приоритети за заштита на животната средина по завршувањето на кризата со ковид-19, со оглед дека имаме проблем со загаден воздух, загадување на водите и почвите, отпор на население во дел од земјата против концесии за рудници, загрозен статус на Охрид во УНЕСКО итн?

Ги начнавте веќе темите во самото прашање. Значи одговорот е дека, го кажаа и на повеќе меѓународни дискусии што се случуваат и покрај ковидот, после пандемијата опоравувањето мора да биде зелено, како прво, и второ, дека после пандемијата личната одговорност кон општеството мора да се зголеми. И личната одговорност и одговорноста на носителите на одлуки.

Што значи зелено опоравување? Тоа значи домаќинско користење на природните ресурси, користење на ресурсите во склад со природата, не да ги уништиме, туку само да ги употребуваме и да ни останат и за утре. Зелено опоравување значи и промена на секојдневните навики, значи промена на секторот транспорт. Имаше „На точак“, една многу убава кампања деновиве, која некако ја прифати и Град Скопје. Тоа е одлично и такво и треба да биде зеленото опоравување. Секторот транспорт кај нас беше огромна причина за аерозагадувањето, бидејќи имаме стари возила, сега треба да се движиме во насока на одржлив транспорт - велосипед, одење пеш, меѓутоа и создавање и планирање на градот во насока на простор, едноставно, за создавање на простор за овие навики. Ние самите ќе го побараме тоа од носителите на одлуки, ќе побараме да ни создадат повеќе зелени јавни простори, значи повеќе природни решенија. Тоа се вика зелена инфраструктура во секторот животна средина, урбаните средини треба да се планираат со повеќе зелена инфраструктура, како би имале не само директно влијание на здравјето на луѓето во смисла повеќе кислород, туку гледаме и психички ни влијае на здравјето, значи луѓето бараат отворени зелени простори, повеќе заштитени подрачја, имаме многу природа која вреди, уникатна, ретка, ендемска природа којашто едноставно мора да се заштити.

Програмата на ОН за животната средина наведува дека кризата со ковид-19 предизвикува големи штети, но климатската криза, иако се движи поспоро може да биде далеку поголема закана. Како ја оценувате работата на земјата во борбата против климатските промени?

Сега во моментов во фаза на изработка се стратегијата за климатска акција, закон за климатска акција, националните планови за клима и енергија исто така се во фаза на изработка, се прави ревизија на националните придонесе кон климатски промени, се изработува инвентар на стакленички гасови. Се отпочна една убава приказна со стратегијата за енергетика, која се донесе на крајот на 2019, каде што беше зацртано во две од три сценарија дека ние повеќе нема да користиме јаглен како примарен енергенс во земјата. Со тоа што, како што исто така напоменав, дека тоа иако е одличен почеток, енергетската транзиција, мора да се насочиме сега кон планирање на праведната транзиција, ама преку пред се дефинирање на оваа праведна дефиниција во национални стратегии и документи. Значи треба да престане тој некој отвор на гледање на работите дека дефинирање на праведната транзиција ќе уплаши многу приватни компании или дефинирање на данок на јаглерод ќе уплаши многу приватни компании и бизниси и да се обидеме да го прикажеме тоа како што е, како можност за поинаков развој.

Некои анализи покажуваат дека загадениот воздух го зголемува ризикот од респираторни заболувања и со тоа дека аерозагадувањето може да биде фатално за пациенти заболени од ковид-19. Очекувате ли властите во земјава ова да го имаат предвид, со оглед на високото аерозагадување во зимската сезона?

Искрено, очекувам да не ја земат предвид корелацијата на аерозагадување и ковид-19, бидејќи во минатото не се покажа дека може да се справат со две кризи во исто време. Би сакала да сум грешка и да го сфатат малку посериозно. Видовме дека во изминатите грејни сезони работеа во насока на замена на системот за греење во некои јавни објекти на струја, на пример, како би отфрлиле мазут и нафта, тоа е супер, треба да продолжи и треба да се интензивира, меѓутоа малку повеќе ме плаши дека оваа грејна сезона изговор ќе ни биде дека сите пари сме ги потрошиле или ги трошиме на кризата. За тоа потенцирам дека тоа не треба да се случи во ниту еден случај и дека ние уште сега мора да одвоиме финансии за сезоната на високо аерозагадување, бидејќи ќе имаме сериозен проблем.

Целото интервју со Елена Николовска од „Еко-свест“ можете да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG