На банките сепак им е важен и профитот

Финансискиот товар врз граѓаните иако привремено ќе им се олесни со мерките за одложување на исплатата на кредитите на 6 месеци, потоа ќе се зголеми, бидејќи каматите за долгот нема да им бидат отпишани. Сумата граѓаните ќе треба да ја подмират по престанокот на грејс периодот.

Одложувањето на плаќањето на кредитите на шест месеци за граѓаните нема да биде бесплатно, туку ќе ги чини пари, доколку донесат одлука да ја искористат можноста која им ја нудат банките поради новонастанатата ситуација со коронавирусот. Финансискиот товар иако привремено ќе им се олесни на граѓаните, потоа ќе се зголеми, бидејќи банките за време на грејс периодот нема да ја отпишуваат каматата на кредитите туку ќе им ја наплатат откако тие ќе започнат со редовно подмирување на нивните долгови.

Банката ќе ја пресметува каматата по каматна стапка предвидена во договорот за кредит. На пример ако еден граѓанин има станбен кредит со месечна рата од 12 илјади денари, а 4000 денари од тие пари одат на камата во тој случај на банката ќе треба да и се исплатат дополнителни 24 илјади денари. Сумата ќе биде додадена на останатите рати од кредитот.

„Мислам дека ова не е добро решение затоа што ќе ги оптовари граѓаните со камата. Подобро би било и во тој грејс период да не се пресметува камата, односно решението да биде да има целосно запирање на кредитиниот процес на одредено време, односно граѓаните да не ги враќаат кредитите во тој период, но во тој период да не се пресметуваат и каматите“, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Видете и ова: Над 100 милиони евра поддршка за фирмите за исплата на минимална плата


Банките се обидуваат во овие тешки времиња да бидат на ниво на задачата и на одговорноста и да ги почитуваат мерките кои што Народна банка им ги препорача и за поздравување се олеснувањата кои ги прават спрема своите клиенти, вели поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески.

„Ова најмногу се однесува на луѓето што западнуваат во таква тешка состојба да тоа ќе им дојде како олеснување, но оние луѓе кои што можат редовно да си ги сервисираат обврските тоа треба да го прават. Овие нестандардни монетарни мерки кои ги презеде Народната банка во оваа ситуација им овозможуваат на банките порелаксирано да применуваат некои олеснувања спрема своите коминтенти, а да не ја влошат својата финансиска позиција“, вели Трпески.

Видете и ова: Субвенции за фирмите, помош за работниците, функционерите на минималец

Според Јовановиќ, со цел банките да немаат големи загуби, мерките не треба да се однесуваат за сите граѓани или фирми.

„Треба да се однесува само на оние кои што се погодени, односно оние кои што во моментов не може да ги подмират тие обврски. Треба да се стави некој таков услов, зошто реални да бидеме има луѓе и фирми кои што немаат потреба од одлагање за обврските за кредити во овој период. Мислам дека мора да се стави некој таков услов и банките би прифатиле и нема нивната активност целосно да запре“, додава Јовановиќ.

Народната банка и Министерството за финансии во соработка со Македонската банкарска асоцијација претходно ја донесоа уредбата со којашто се утврдува како банките и штедилниците можат во текот на вонредната состојба, на граѓаните и фирмите да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности со коишто ќе им го олеснат сервисирањето на кредитите за време на корона-кризата.