Балканското оро на источните сили

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Балканска игра или политичко-воена машинерија на Кремљ?

Политичката акција на Русија на Балканот за поранешниот американски генерал Весли Кларк е „балканска игра“, додека за професорот од Универзитетскиот колеџ во Лондон, Марк Галеоти, тоа е руска политичко-воена машинерија.

Балканот повторно и многу лесно може да стане кризно тло, бидејќи е регион кој е на тектонската плоча на човековата раса, каде цивилизациите од секогаш се судирале и денеска се судираат. Со таа разлика, велат експертите, што овој пат тоа е модерно, политички, но никако не смее да се заспие и на двете очи оти некои нови мешања во регионалните односи и во прозападните желби на Балканот имаат можна тенденција за пламнување на конфликти.

Или, како што вели поранешниот американски генерал Весли Кларк, кога на Балканот оро играат Русија, Турција и Кина, тогаш ЕУ и НАТО мораат да бидат брзи и енергични, бидејќи тие се стратешка цел на Македонија, Косово, БиХ, Албанија...

„Лутите зборови и агресивните дела можат да доведат до конфликти на Балканот многу побрзо одошто каде било на друго место во светот. И треба да бидеме загрижени. Треба што побрзо да го внесеме Западен Балкан напред во западната и во трансатлантската цивилизација“, вели генералот Кларк, во изјава за неколку регионални медиуми.

Видете и ова: Путин чека слабост од ЕУ и НАТО за да го „запали“ Балканот?

Кларк: Москва се судира и со Анкара на Балканот

Кларк смета дека не само што Русија има своја „битка“ на Балканот за ширење на своето политичко влијание, туку бие битка и со други ривали кои не се од Западот.

„Турција и Русија често се судираат меѓусебно на Балканот. Тоа не се случува во Босна и Херцеговина, во Романија, во Бугарија и во другите држави“, додава Кларк.

Што се однесува до влијанието на Кина, аналитичарите велат дека Пекинг на Балканот доаѓа со инвестициски фондови и дека не треба никој да се изненади ако тие фондови дојдат со политички врски прикачени за нив.

„Кога носите кинески пари добивате и кинеско влијание. Но не е само Кина, Сите три земји, Русија, Турција и Кина играат т.н. балканска игра“, појаснува поранешниот генерал.

Видете и ова: Чекајќи датум: Нагазни мини за Македонија и Балканот

Галеоти: Руска политичко-воена машинерија

Таа балканска политичка игра, или како што дел од експертите велат „балканско оро“, во анализите на Марк Галеоти од Универзитетскиот колеџ во Лондон, е отсликано како нешто многу пожестоко. Московската политика на Балканот против Западот и балканските евроатлантски интеграции според Галеоти е „руска политичко-воена машинерија“.

„Таа руска политичко-воена машинерија е ефикасна поради нејзината стратешка цел – Да се ослабне капацитетот на противникот, да се оневозможи тој да се спротивстави на обидите за искористување на неговата ранливост, и особено поткопување на неговото политичко и граѓанско единство“, вели Галеоти.

Поради сето тоа, вели Галеоти, Западот, сакал или не, е во своевидна војна, војна која ја диктираат моменталните околности.