Колку и да звучи неверојатно, освен Русија, Турција и Кина – и Арапите го сакаат Балканот. И не било кои туку најмноќните – Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. И едните и другите доаѓаат со пари, но експертите ги делат на две групи – арапски бизнисмени и идеологизирани Арапи.
Прашањето што го отвораат аналитичарите на политичките прилики на Балканот е дали инвестиротите од Саудиска Арабија и од ОАЕ доаѓаат на Балканот за да си обезбедат ресурси за во иднина, кога нивните ќе пресушат, или и тие во регионов видеа плодна почва за остварување на политички и верски интереси? Германскиот весник „Велт“ директно праша: „Се повеќе арапски земји продираат на Балканот. За што се работи?“
„Се повеќе арапски земји продираат на Балканот. Во БиХ се активни инвеститори од саудиска Арабија, во Србија од Обединетите Арапски Емирати. Во Војводина арапските бизнисмени купуваат огромни земјоделски површини. За што се работи? Можеби си обезбедуваат нови извори на финансии за времињата кога нивните ќе пресушат?“, коментираше германскиот весник „Велт“.
На коментарот се надоврзува и изјавата на Јерг Хескенс, специјалниот економски пратеник на германската Влада во кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вели дека „додека во Босна главно се одомаќиниле идеологизирани Арапи, во Србија дошле арапски бизнисмени“.
Арапските инвеститори тема и во ЕУ и во извештаите на безбедносните служби
Дали арапските инвестиции на Балканот имаат политичка позадина, како прашање беше неофицијално поставено и на софискиот самит ЕУ – Западен Балкан, каде бугарскиот премиер Бојко Борисов ја вброи Саудијска Арабија меѓу државите кои на штета на европското, го шират своето влијание во регионот.
„Ако ние не сме подготвени да им помогнеме на преостанатите балкански држави да влезат во ЕУ, тогаш не треба да се чудиме што се засилува влијанието на Русија и на Саудиска Арабија“, рече Брисов.
Во овој контекст Саудиска Арабија влезе и во извештајот на Европскиот парламент уште во 2017 година. Во него СА најмногу и се замерува што финансирала џамии и училишта кои ширеле вахабизам“. Иако тој извештај од ноември 2017 не е и официјален документ на ЕП, сепак се работи за т.н. прирачник за негова работа насловен „Саудиска Арабија во Западен Балкан“, во кој се наведуваат и оценуваат основните дејности на Саудиска Арабија на Балканот.
Речиси во исто време со извештајот на ЕП, за „вахабизмот на Саудиска Арабија на Балканот“ пишуваше и германскиот весник „Берлинер цајтунг“.
„Саудиска Арабија вложува многу пари за својата досегашна умерена варијанта на исламот да ја заменат со својата радикална верзија на практикување на исламот – т.н. вахабизам“, објави „Берлинер цајтунг“, повикувајќи се на информации од германските безбедносни служби.
Тогаш загриженост поради дел од дејствата на некои муслимански држави на Балканот покажа и австрискиот канцелар Себастијан Курц, во тоа време министер за надворешни работи, посочувајќи ги директно Турција и Саудиска Арабија.
„Во Сараево и во Приштина, на пример, им се плаќа на жените за да носат целосни бурки за да се смени сликата во градот“, изјави тогаш Курц и додаде дека на тоа не смее да се гледа без да се дејствува.
Бизнис и вахабизам?
За разлика од извештајот на Европскиот институт за стратешки студии кој влијанието на Турција и на заливските земји на Балканот го оценува неутрално како „ни позитивен, ни негативен“, т.н. Прирачник на ЕП има многу повеќе остри забелешки. Според него, заливските земји, заедно со другите актери на Балканот како Русија и Турција, го засилиле својот „профил во регионот“
„Додека другите земји го насочија своето делување кон бизнис, Саудиска Арабија се издвои од нив со тоа што дефинираше свој идеолошки пристап. По војната во Босна, кога обезбеди значајна помош за некои муслимански цели, таа остана во регионот за да го прошири своето влијание, наметнувајќи стрикна интепретација на исламот која постепено таму пушта корени. Потроши милиони евра, меќу другото и за исламски борци, но најмногу ѝ се замерува што после таа војна финансирала џамии и школи кои ширеле вахабизам“, стои во т.н. прирачник на ЕП.
Тоа, како што стои во извештајот, „најверојатно придонело денес во редовите на ИД да има и голем број борци од регионот, што споре дмногу студии довело до безбедносни закани и до дополнителна радикализација на дел од населението на Балканот и нетолеранција кон другите народи и вери, што е една од најголемите безбедносни закани во Европа“.
Бизнис инвестициите на Балканот од Саудиска Арабија се бројат во милиони. Само во 2017 година во Србија и во БиХ влегле околу 100 милиони долари, а европските извештаи особено ги истакнуваат инвестициите во Босна – луксузни ресорти, трговски центри и дури и посебни населби за арапските државјани.
Северна Македонија како арапска порта кон ЕУ
„Обединетите Арапски Емирати ќе може да ја користат Македонија како порта за реализација на економски операции во Европа. Има простор за зголемување на надворешно-трговската размена“, пишуваа македонските медиуми во 2015 година за средбата на тогашниот премиер Никола Груевски и Шеик Мохамед бин Рашид Ал Мактум, кои тогаш констатираа желба за соработка на највисоко ниво и беа најавени бројни инвестиции од ОАЕ во Македонија.
Желби за инвестиции од Дубаи и од Абу Даби дојдоа и годинава, и тоа конкретно во земјоделието, кога министерот за земјоделие на ОАЕ, Тани бин Ахмед Ал Зејуди, му најавил на македонскиот колега Љупчо Николовски, посета на Северна Македонија за да го слободното земјоделско земјиште и можноста за инвестиции. Според Министерството за земјоделство на РСМ, се отвора можност за идна соработка со македонските домашни фирми преку Еколошкиот економски совет на ОАЕ кој е под директна супервизија на министерот за климатски промени на ОАЕ и каде членуваат огромен број на компании.
Се состануваа и бизнисмените.
„Нашата тенденција е да ги отвориме пазарите со Блискиот исток, затоа што нивото на размена со ЕУ го достигнува својот врв од околу 70 проценти. Работиме долго време на тоа. Саудиска Арабија би била значаен партнер во тоа, особено што размената со нејзе е на особено ниско ниво, околу 10,7 милиони долари, што значи дека постојат големи можности. Ние ги детектираме тие можности во кој правец треба да бидат и како да помогнеме и во кој правец да дејствуваме“, заклучи Стопанската комора по ланската средба со саудиски бизнисмени.
Конкретна средба на повисоко ниво беше таа на премиерот Зоран Заев со саудискиот амбасадор во Тирана, непосредно пред референдумот за името на Македонија, кога беше разгледувана можноста да се потпише генерална рамковна спогодба што ќе отвори можност за соработка во повеќе полиња и сектори, особено во безбедноста и економијата.
Шеици на вода со легс специјалис
За разлика од саудиските идеолошки бизнисмени, како што ги нарекува германскиот економиски експерт Јерг Хескенс, арапските бизнисмени на Балканот главно доаѓаат Обединетите Арапски Емирати кои вложуваат во големи проекти како што е српскиот „Белград на вода“. Него го гради градежна компанија од ОАЕ, која го градела и Бурџ Калифа, а е една од најголемите светски градежни компании.
Хескенс вели дека филозофијата на Србија е дека сите инвеститори се добредојдени, без оглед дали се од Европа, Русија или од Емиратите.
Но, токму најголемата арапска инвестиција на Балканот, „Белград на вода“ крена и најголема политичка прашина отвори мал милион прашања: Зошто токму на бзнисмени од ОАЕ им се дадени толку поволни услови, зошто се продолжи градењето иако власта призна нетранспарентност во некое делови, зошто без учество на јавноста, зошто без експерти, зошто без натрпевар на идеи, зошто без западните инвеститори, зошто легс специјалис...?