Аферите тешко стигнуваат до ушите на институциите

Архивска фотографија, Основно јавно обвинителство (ОЈО). Обвинители Љубомир Јовески и Вилма Русковска.

Сериозни индиции за „рекет“ и изнуда на пари од страна на луѓе блиски до актуелната власт, засега остануваат без реакција од надлежните институции.

Никола Тесла, Илија Громовник, Ел Чека се скриените идентитети на интернет платформите каде може да се слушнат таканаречените бомби за политичари. Прислушувани разговори за високи функционери во ДУИ објавени на социјалните мрежи, уцени и изнуда на пари во име на реклами со куферче со прислушувани разговори во четири очи, текстови во медиуми за афери со скриени идентитети како Коки, Кики и Фрики, се само дел од скандалите кои во изминатиов период беа во фокусот на јавноста.

Аналитичарите велат дека впечатокот е оти таканаречениот „рекет“ е категорија која ни како допрен глас не стигнува до институциите. Во Министерството за внатрешни работи велат дека до нив не е пристигната пријава за уцена или изнуда по последниве објави во медиумите. Од Јавното обвинителство засега не одговорија на прашањата дали отвориле постапки по допрен глас или дали до нив пристигнале пријави за уцени и изнуда - според последните пишувања во медиумите.

Видете и ова: Патот до правдата води до Стразбур

Аналитичарот Џељал Незири оценува дека станува збор за системски проблем кој што ги прави институциите троми кога треба да постапуваат по иницијални информации и допрен глас.

„Ние имаме безброј афери кои се објавени од страна на медиуми, невладини организации, свиркачи што остануваа само на ниво на теми за дебата во јавноста, за препукување меѓу политичките партии, а не биле адекватно процесирани во институциите на системот, односно обвинителството не постапувало согласно законите и уставот. Мислам дека целиот проблем лежи во отсуството на суштински реформи во правосудниот систем“ вели Незири.

Тој додава дека нереформирањето на Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, па хиерархиски надолу го прави системот тром во постапувањето и борбата против корупцијата.

„Ветингот кој се спомнува во полицијата мислам дека е најпотребен во правосудниот систем, за да може истиот подоцна да испорачува резултати во однос на борбата против корупција. Се додека го имаме овој состав на судството и обвинителството кои се во спрега со политичките партии и други центри на моќ, не може да се очекува дека новинарски текстови и информации за уцени и закани и други активности да имаат конкретен епилог,“ вели Незири.

Перцепцијата во јавноста е дека праксата од претходната власт во која правосудството е под директна контрола на извршната власт како да не е завршена, објаснува тој. Законските основи за борба против корупцијата и криминалот се добри, но отсуството на реформи во правосудството или зависноста на обвинителите и судиите прави целиот систем да биде нефукционален и неефикасен, заклучува Незири.