На четириесет и четворица пратеници од поранешниот состав им е одобрено барањето за апанажа, ни одговорија од Собранието. Тоа е повеќе од една третина од собранискиот состав, кој брои 120 пратеници. Тие ќе добиваат плата од државата во висина од пратеничка плата уште најмногу една година.
Четворица пратеници иако побарале, не им е одобрена апанажа. Собраниските служби наведуваат дека за пратениците Владанка Авировиќ, Лилјана Поповска, Неџбедин Каремани и Самка Ибраимовски, Комисијата за избори и именување утврдила дека не може да го остварат ова право. Според Законот за пратеници, право на апажана не може да се ползува кога пратеникот исполнува услови за пензија, ако се вработи или биде именуван на друга функција врз која остварува право на плата или ако сам побара да не го оствари тоа право. Овие четворица пратеници кога им истекол мандатот веќе исполниле услови за пензија. Пратениците кои заминуваат во пензија добиваат отпремнина од Парламентот од две просечни плати.
Меѓу пратениците кои ќе земаат плата по престанок на функција се пратениците со долг стаж како Амди Бајрам, кој првпат станал пратеник во 1994, а паузираше од пратеничкото место три години додека беше во затвор, потоа Илија Димовски и Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ и Џеват Адеми од ДУИ кои на пратеничкото столче поминаа по 14 години, потоа Хари Локвенец од СДСМ и Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа пратеници два мандати. Апанажа ќе користи и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој за првпат станува пратеник во 2006, а од 2008 до 2016 е претседател на Собранието. Во собранискиот состав 2016-2020, Вељаноски повторно е само пратеник. На списокот за апанажа се и поранешните пратениците од ВМРО-ДПМНЕ –Јохан Трчуловски, Емил Димитриев, кој е и поранешен премиер, како и поранешниот министер за надворешни Никола Поповски. Апанажа ќе земаат и независните пратениците од ВМРО-ДПМНЕ -Елизабета Канчевска-Милевска, Нола Исмајлоска -Старова, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов. Меѓу оние кои ќе користат апажана е и Александар Кирацовски од СДСМ, кој едно време беше и генсек на партијата.
Видете и ова: Да се бара апанажа или не?Откако на пратениците ќе им престане мандатот тие имаат рок од 30 дена да одлучат дали ќе одат на апанажа или ќе се вратат на работното место на кое биле пред да станат пратеници.
Најголем дел од тие што побарале апанажа се пратеници од опозицијата, оти само мал дел од претходните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ беа ставени на листа за изборите. Од стариот состав пратеници останаа Антонијо Милошоски, Никола Мицевски, Дафина Стојаноска, Ане Лешкоска, Жаклина Пешевска, Благица Ласовска.
ДКСК - Апанажата максимално се користи
Државната комисија за спречување корупција(ДКСК) спроведе анализа за искористувањето на правото на апанажа од страна на функционерите. Анализата на ДКСК покажала дека за апанажа за минатите четири години се исплатени 1,8 милиони евра. Од 2014 до 2018 правото на апанажа го искористиле 107 функционери, од нив 78 биле од Собранието, а 29 од Владата. Од тие 107, 100 пред да бидат избрани или именувани за функционери биле вработени, но по истекот на нивниот мандат тие не се вратиле на претходното работно место, туку користеле апанажа.
Катица Николовска член на Антикорупциската комисија и автор на анализата вели дека ќе побараат измени на законот во врска со правото на користење апанажа и во делот на висина на надемостокот.
„Анализата покажува дека избраните и именуваните лица по престанокот на функцијата на која се избрани максимално го користат правото на апанажа, пред сè поради високиот износ што го добиваат, а кои согласно законите е во висина на месечната плата“, изјави на Николовска.
Месечната апанажа за поранешен пратеник изнесува 100 илјади бруто, или околу 65 илјади нето. Од 107 лица кои се предмет на анализата 89 лица по престанокот на користењето на апанажата повторно се вработиле и тоа 46 во државни институции, а 43 во приватниот сектор. Додека 18 лица по престанокот на апанажата не се вработиле. Седум од пратениците се вратиле на работните места каде работеле пред изборот на пратеници, но дури откако го искористиле 12-месечното право на апанажа.
Од Антикорупциска рекоа и дека 12 пратеници од минатиот собраниски состав не доставиле анкетни листови, а шестмина тоа го направиле со задоцнување, за што ќе бидат покренати прекршочни постапки.
Премиерот Зоран Заев неодамна рече дека на поранешните пратеници ќе им биде понудено да се ангажираат во државните институции, за како што вели, да се искористи нивното искуство и експертиза, а во спротивно да не земаат апанажа.
„Верувам дека повеќе од 50-60 проценти од овие апанажи веднаш ќе отпаднат затоа што им следуваат следни ангажмани“, рече Заев.
По последните предвремени парламентарни избори се актелизираше и можна измена во Законот за плати и други додатоци, но таа, како што објасни премиерот Заев, не може да важи ретроактивно.
Деветтиот собраниски состав со мандат 2016-2020 се распушти во средината на февруари, за да се одржат избори првично планирани на 12 април. Но поради пандемијата со коронавирусот изборите се презакажаа и се одржаа на 15 јули. Новото собрание се конституираше на 1 септември.