Повеќе од еден месец од конституирањето на Собранието и дваесетина дена откако новото парламентарно мнозинство го избра Талат Џафери за собраниски спикер, партиите постигнаа договор за собраниските комисии, без кои не можат да се носат закони.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат раководни места на по осум собраниски комисии, ДУИ на три , пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе раководат со две комисии, а Беса со една. Нив ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а потоа треба да бидат изгласани на собраниска седница со мнозинство.
Претседателот на Собранието Џафери најави дека в понеделник напладне ќе се одржи седницата на која на дневен ред ќе биде избор на составот на работните тела на парламентот, но на неа не се знае дали ќе бидат присутни сите од владиното мнозинство. Имено, се уште не е потврден мандатот на пратеникот кој би требало да дојде на местото на Јагода Шахпаска која стана министерката за труд и социјална политика, а пратеникот од ДУИ Арбен Зибери е хоспитализиран поради коронавирусот, па се чека да се види и неговата здравствена состојба.
Без нив двајца, владејачкото мнозинство има 60 пратеници, за еден помалку од потребните 61, но за оваа седница тоа не е клучно, бидејќи очекувањата се дека за работните тела ќе гласаат повеќето пратеници и од опозицијата, бидејќи до нивниот состав се дојде со консензус. Според Алберт Муслиу, аналитичар од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ, тесното мнозинство не би требало да преставува проблем за идната работа на Собранието оти дел закони вели се носат со просто мнозинство, односно мнозинство од вкупниот број пратеници присутни на седницата.
„Реално, може да бидат проблем закони за кои се потребни 61 глас. Теоретски, би било проблематично кога не би биле присутни пратеници од мнозинството, а од, друга страна, ниту еден од опозицијата не би бил во Собрание и поради тоа да нема просто мнозинство во работата на Собранието. Секако дека овие бројки кои ги има не му дава комоција на владиното мнозинство, секако дека ќе биде проблем и во иднина, но не толкав проблем, освен ако опозицијата не се одлучи на бојкот на Собранието“, вели Муслиу.
Дурловски независен, оти е натпартиски кандидат
Во меѓувреме, речиси два месеца по изборите кои се одржаа на 15 јули, податоците на интернет страницата на Собранието за пратеничкиот состав не се целосни, а од собранието велат дека секојдневно ги ажурираат, но дека работат со малку луѓе.
Во делот независни пратеници, неделава се случија најголемите забуни во јавноста, па се доведуваше во прашање и опстојувањето на владиното мнозинство од 62 пратеника, откако пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски се појави на интернет страницата како независен пратеник. Потоа тој рече дека се работи за техничка грешка, па повторно неговото име се најде заедно со другите сопартијци од ДУИ. Во делот независни беа наведени и Панчо Минов од СДСМ, кој, сега го нема во тој оддел, а таму засега, како независен, останува Игор Дурловски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дурловски e заведен во делот независни пратеници, оти беше натпартиски кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но е дел и припаѓа на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ “, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Поради се уште не целосните податоци, на пример како пратеници од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во моментов се наведени околу 30 пратеници, иако тие освоија 46, а слична бројка има наведено и кај ВМРО-ДПМНЕ иако тие имаат 44 пратеници.
Следно избор на заменици министри
Владиното мнозинство го сочинуваат 46-пратеници од коалицијата „Можеме“, 15-те на ДУИ и едниот пратеник од ДПА. Според Уставот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, а одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. По изборот на работните тела на парламентот, треба да се изберат и замениците министри. Премиерот Зоран Заев рече дека консултациите за кадрите се при крај и дека таа процедура би требало да заврши до крајот на месецов.
Вообичаено, при изборот на владите досега замениците се бираа дваесетина дена по изборот на владата, па така во 2017 година беа избрани 22 дена подоцна, а и во 2014 година владата, тогаш предводена од Никола Груевски, замениците ги доби по дваесетина дена. Овие избори, пак, беа распишани по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава не доби датум за почеток на преговорите со Европската унија лани во октомври и покрај промената на името во Северна Македонија. Но поради пандемијата со коронавирусот изборите првично закажани за на 12 април, се одржаа на 15 јули, а на нивно скоро одржување инсистираше СДСМ со објаснување дека во време на пандемија се неопходни функционални институции и парламент.
Инаку, собранието се распушти во средината на февруари, а светската пандемија со коронавирусот беше прогласена во март. Поради нефункционирањето на парламентот, кој требаше да ги носи законските измени потребни за справување со здравствената криза, претседателот Стево Пендаровски пет пати прогласуваше вонредна состојба со што и овозможи на владата да носи уредби со законска сила.