Многу сериозен дел од поделбата на владиниот колач, што партија со само четири пратеници во други околности не би можела да го добие би можел да биде главниот мотив за евентуален влез на опозициската Алтернатива во владата, велат политичките аналитичари со кои разговаравме.
Видете и ова: Заев во самоизолација од јавни премиерски настапиПред дваесетина дена не успеа гласањето за недоверба на владата, кога пратеникот Кастриот Реџепи од Беса се пишмани и не ја поддржа опозицијата, откако неговата партија ја напушти владината коалиција. Со тоа парламентот се доведе во невообичаена ситуација никој да нема мнозинство. Опозицијата во моментов има 60 пратеници, исто колку што има и владиното мнозинство.
Заради обезбедување мнозинство за функционирање на Парламентот, владејачката СДСМ преговара за влез на Алтернатива во власта, на местото на Беса која замина во опозиција.
Лидерите на СДСМ и на Алтернатива Зоран Заев и Африм Гаши денеска одржаа нова средба за евентуален влез на Алтернатива во Владата. По завршувањето на средбата, тие не дадоа изјава за новинарите, но владата испрати соопштение во кое се вели дека била „постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата“.
„Во деновите што следат, ќе продолжат консултации во партиите, по што ќе следи и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернатива, Гаши со нивните тимови“, се наведува во владиното соопштение.
Првата средба меѓу Заев и Гаши се одржа на 19 ноември, неколку дена по неуспешното гласање за недоверба на владата.
Во ваква ситуација четирите пратеници на Алтернатива вредат многу повеќе затоа што од нив може да зависи опстанокот на коалицијата СДСМ-ДУИ на власт. ТВ24, повикувајќи се на свои извори, објави дека Алтернатива очекува две министерски места, како и директорски места, меѓу кои дел и од оние со кои раководи ДУИ. Според неофицијалните информации, министерските места ќе се бараат во труд и социјала, здравство, култура, земјоделство и образование.
Професор Арсим Синани вели дека не гледа платформа за решавање на некое прашање, туку само за задоволување на партиските интереси.
„Не гледам дека има некој голем мотив. Би влегла само за да ги задоволи потребите што ги има една политичка партија. Не се ни политички, туку мислам дека се кариеристички мотиви, да се задоволат некои ега во нивната партија“, вели Синани.
Со сличен став е и политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Влезот во власта на половина пат значи дека ќе ја споделат одговорноста за сите грешки, а ќе имаат малку да се пофалат дека е направено поради нив.
„Зошто некоја партија којашто имала предизборна коалиција со Алијанса на Албанците, после поразот на СДСМ на локалните избори, после ситуација која е пата-пата би влегла во владата? Затоа што претпоставувам дека очекуваат да добијат повеќе отколку што реално би можеле да се надеваат во некоја понормална ситуација со нивните четири пратеници“, вели Божиновски.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ сака брзи избори, СДСМ во консултации за мнозинствоСпоред Божиновски, најголем ќар од евентуалниот влез на Алтернатива во власта ќе има ДУИ, затоа што најголема опасност за ДУИ би била на наредни избори да се соочи со обединета опозиција во албанскиот блок.
Во Алтернатива велат дека нивниот евентуален влез во власта би бил за да се продолжи евроатлантскиот курс на земјата, да се реши спорот со Бугарија и да почнат преговорите за членство во ЕУ, како и да се задржи политичката и економска стабилност.
Партискиот портпарол Орхан Муртезани пред неколку дена рече дека нивниот влез во власта ќе зависи и од тоа дали „актуелните владини партнери имаат волја да се откажат од дел од својата моќ за да се создаде рамнотежа во власта“. СДСМ навестува дека е подготвен да се откаже од дел од моќта во корист на Алтернатива, но такви навестувања нема од ДУИ.
Друг евентуален политички мотив на Алтернатива за влез во власта би можел да биде позиционирање во пресрет на наредните избори. Ако влезат во власта, ќе може да вработуваат луѓе, да делат тендери и да ги имаат сите бенефиции што ги носи власта, па потоа да го искористат тоа за да добијат гласачи. Божиновски вели дека на тој начин навистина би можеле да добијат одреден дел клиентелистички гласови, но би ги загубиле опозициски настроените гласови.