Брзи предвремени парламентарни избори бара ВМРО-ДПМНЕ откако пропадна иницијативата на опозициската партија за уривање на Владата. Но, за СДСМ избори не се опција и оттаму најавија разговори за обезбедување на парламентарно мнозинство.
ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица не успеа да обезбеди мнозинство од 61 пратеник за да се гласа за доверба на Владата во Собранието. На закажаната седница не дојде пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи поради што опозицијата немаше кворум за нејзино одржување.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки денеска рече дека
само брзи избори се решение за политичката криза кон која премиерот Зоран Заев ја туркал државата. На прашањето што доколку СДСМ обезбеди мнозинство во Парламентот, Ковачки додаде дека резултатите од локалните избори покажале кој ја добил довербата од граѓаните и СДСМ е делегитимирана.
„Тие може да купат уште пратеник, два или три. Меѓутоа тие немаат кредибилитет да продолжат да владеат и затоа бараме брзи предвремени парламентарни избори“, рече Ковачки.
Во врска со ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека Реџепи бил киднапиран, Ковачки рече дека нивното тврдење се базира на фактот дека пратеникот се јавувал само со статуси на Фејсбук.
„Пратеникот беше потпишан на иницијативата. Сите јасно го видоа потписот негов. Тој вчера не се појави во собраниската сала како пратеник и претставник на народот доколку беше се во ред тој ќе дојдеше, ќе ја образложеше својата одлука дали бил за или против. Меѓутоа видовме дека тоа не се случи. Видовме една многу неубава изјава која потсетува на страшни сценарија од Блискиот исток, така да мислам дека станува збор за киднапирање“, додаде Ковачки.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да поднесе оставка и дека владејачката партија не е време за брзи избори.
„Мицкоски треба да излезе пред граѓаните, да им се извини и да даде оставка. Криење зад брзи и вонредни избори навистина нема смисла пред граѓаните после толку кажани лаги. Сега не е време за избори. Време е за одговорност“, вели Кузеска.
За пресметките за парламентарно мнозинство и дали тоа би ги вклучувало пратениците од Алтернатива, Кузеска рече дека е факт оти вчера се потврдило дека мнозинството пратеници се за напредок, за влез во ЕУ и за стабилни меѓуетнички односи и добри односи со соседите.
„Следуваат разговори со сите демократски пратеници, со сите демократски сили и сите демократски партии кои што го поддржуваат токму тоа што вчера и го потврдија и секако дека во нареден период СДСМ интензивно работи и на обезбедување на напредокот на државата“, порача Кузеска.
Апсурдна лага, според Кузеска, се наводите дека Реџепи бил киднапиран и се повика на неговата најава дека во наредните денови ќе излезе и ќе ги каже информациите околу, како што рече, заканите кои може и на неговиот профил на Фејсбук да се видат од каде потекнуваат.
Лидерот на Алтернатива Африм Гаши синоќа изјави дека неговата партија никогаш нема да биде дел од Влада која не ги прокламира јасно, евроатлантскиот курс и политиките на добрососедството. Тој, исто така, посочи дека нема да влезат во Влада која нема да го реши спорот со соседна Бугарија.
„Во партијата имаме разговарано само за гласање на недоверба на Влада. Тоа денеска не помина. За да биде Алтернатива дел од некоја Влада ќе треба да разговараме во партијата, но морам да напоменам – нема Влада со партии кои немаат јасна цел, а тоа е ЕУ, НАТО и политиките на добрососедство“, изјави Гаши за ТВ21.
Тој посочи и дека немаат забелешки за СДСМ, туку има заслуги, бидејќи нејзината Влада ја внела државата во НАТО и има големи аспирации да стане дел од Европската Унија. Според него, Алтернатива не е за брзи избори, бидејќи, како што рече, народот веќе е изморен од одржување избори секоја година.
Алтернатива има 4 пратеници во Собранието. Додека пак Беса, која беше дел од владејчкото мнозинство има 3 пратеници. Министерот за земјоделство од редовите на Беса, Аријанит Хоџа најави оставка од функцијата.