Од изборната ноќ на 31 октомври кога поради поразот од ВМРО-ДПМНЕ ја најави оставката, премиерот Зоран Заев не се појавил на јавен настап пред медиуми од позиција на прв човек на владата. Радио Слободна Европа праша во македонската влада дали Заев доаѓа на работа и зошто нема јавни настапи.
Премиерот Заев секојдневно е на своето работно место, одговараат од владата, наведувајќи дека е „целосно посветен на сите приоритетни прашања од интерес на граѓаните и државата што се во надлежност на извршната власт и сите нејзини институции“.
„Агендата на премиерот Заев е исполнета со бројни состаноци, средби и консултации во текот на целиот ден и меѓу нив, како првенствени се оние за создавање услови за спроведување на утврдените политики на Владата кои се потврдуваат низ системот на институциите и низ постапката за нивна имплементација со одобрување на Собранието“, наведуваат од владата.
Во долгиот одговор во кој пишува и дека тој ги координира тековните стратешки процеси, консултациите со сите министерства за соодветна презентација на Буџетот за 2022 година, има активности поврзани со динамиката на реализација на капиталните инвестиции, нема одговор на прашањето зошто од 31 октомври нема јавни настапи од премиерската позиција.
Во меѓувреме, земјава влезе во енергетска криза, а се заканува и нов бран на ковид19. Истовремено во Собранието почна процедурата за носење на државниот буџет, кој е најобемен досега, а го споменуваат и во одговорот од Владата. Планот за трошење на државните пари вообичаено други години заедно со ресорните министри го презентираше самиот премиер. Оваа година тоа не е така, па на втори ноември буџетот го презентираше сам министерот за финансии Фатмир Бесими.
Несериозна е одуката на премиерот да не се појавува во јавноста смета политичкиот аналитичар Јордан Шишовски кој нагласува дека во овој случај „народот е работодавачот, а премиерот е работникот“ и поради тоа тој треба јавноста да каже јасни рамки.
„Во однос на најавената оставка би требало да излезе во јавноста со одредена временска рамка и да посочи колку време е потребно за да се случи тој трансфер на власта бидејќи вака изгледа како да не сака да го оствари ветувањето и тоа е многу лошо не само за довербата во него лично туку и во партијата и генерално во системот и во политичките елити“, вели Шишовски.
Засега во јавноста не е докрај јасно што се случува со најавената оставка. Во единственото кратко појавување пред новинарите вечерта по состанокот на партиските тела во седиштето на СДСМ рече дека има на Централниот одбор за одложување на оставките и дека ќе остане додека не се стабилизира парламентарното мнозинство. Тоа пак е процес што не се знае до кога ќе трае земајќи ги предвид најавите за контакти со потенцијалните нови членови на владиното мнозинство кои не се докрај прецизни со рокови.
Според Алберт Муслиу, политички аналитичар од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ појавувањето на премиерот ќе се случи во оној момент кога ќе се обезбеди владиното мнозинство.
„Премиерот е свесен за ситуацијата во која се наоѓаме по неуспешната иницијатива за уривање на оваа влада и мислам дека овие денови се занимава со обезбедување на зголемено мнозинство и мислам дека тоа ќе биде мотивот кога ќе се заврши да излезе пред јавноста“, вели Муслиу.
Инаку минатата недела не успеа иницијативата на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Левица и доскоро владината Беса да ја урнат владата предводена од Заев. Опозицискиот обид не успеа поради отсуствот на пратеникот од Беса Кастриот Реџепи поради што немаше кворум од 61 пратеник за одржување на седницата. Сега најавите се дека е можно Реџепи и Алтернатива која има четири пратеници да станат дел од владиното мнозинство.