Македонија нема соодветен развој на алтернативен туризам

Напуштени куќи во планинските села во Тетово се реновираат и стануваат сместувачки капацитети за планинско-рурален туризам.

Наша констатација е дека капацитетите кои ги имаме и сместувачки и други содржини не се соодветно развиени на потенцијалите кои ги нуди земјата за развој на алтернативниот туризам, вели за РСЕ, претседателот на Балканската асоцијација за алтернативен туризам, Балканија, Владо Србиновски.

Господине Србиновски во услови на пандемија на коронавирус може ли алтернативниот туризам да доживее подем?

Најпогоден сектор кај нас пред се е секторот економија, односно туризмот и угостителството. Во Македонија за да се справиме со последиците, барем делумно е конечно да се свртиме кон домашниот турист. Не само кон туристите од странство, а тоа ни налага и состојбата, бидејќи кризата доведе до промени во секојдневните навики на живеење на луѓето. За жал, наша констатација е дека капацитетите кои ги имаме и сместувачки и други содржини не се соодветно развиени на потенцијалите кои ги има земјата.

Кои се потенцијалите кои ги нуди земјата за развој на алтернативниот туризам?

Тој тип на туристи повеќе пати патуваат во текот на годината и истражуваат и посетуваат повеќе дестинации. Таа целна група е економски посилна. Поголем економски потенцијал има и повеќе троши патувајќи на разни дестинации. Тоа треба ние да го искористиме и да се ориентираме кон создавање на содржини и на туристичка понуда во согласност со потенцијалите што ги имаме. Имаме инзворедно културно, историско и археолошко богатство и инзворедни природни атракции. Спојот на овие две нешта како туристичка понуда секој пат дава резултати и туристите не можат да бидат незадоволни.

Видете и ова: Се полнат викендиците во Преспа

Дали очекувате ваучерите да бидат искористени и за алтернативниот туризам?

Секако ваучерите се со таа намена, да помогнат и на понудувачите, но и на луѓето коишто не можат да патуваат и да се подобри потрошувачката. Но, мораме да констатираме дека немаме соодветна достапност до местата коишто треба да бидат туристичка понуда за алтернативен туризам. Поконкретно инфраструктурата не е задоволителна и прави за некои места кои се атрактивни да не се доволно достапни и да не се доволно развиени за туристичка понуда.

Дали тоа значи дека нема слух кај властите за обезбедување на соодветни услови за развој на овој вид на туризам?

Долгорочно пристапот на сите досегашни институции и властите не беа насочени кон посериозен развој на алтернативниот туризам, бидејќи централната и локалната власт треба да ги создадат условите. Самите луѓе со своите иницијативи ќе најдат начин да се вклучат во туристичката понуда. За да се случи тоа треба да имаат одредени погодности Поконкретно како што се олеснувања, пристап до поевтини пари, намалување на давачки, субвенции за да го понтикнат овој вид на туризам. Тој тип на туризам ќе развие мали, семејни бизниси и ќе доведе до вработување и самовработување во руралните средини на возрасните лица и младите лица коишто помалку ќе ја напуштаат својата средина и нема да мигрираат кон градот и надвор од земјата доколку работата на сопствен имот и доколку ги задоволат своите потреби и се вклучат во туристички бизнис.