Албанија: секоја партија има сопствени криминалци?

Со поранешен министер на Суд за шверц со дрога, со лидер на опозиција осомничен за перење пари и со стотици судии за примање мито, Албанија се бори против корупцијата. Таа, пак, е најголемата закана за нејзините надежи за членство во ЕУ.

Владата инсистира на тоа дека ниту една друга земја која претендира да влезе во Европската унија ​не презела толку важни напори за справување со митото и организираниот криминал, со цел да и се приклучи на Унијата, а Европската комисија во последниот извештај и го забележа таквиот напредок.

Но, одлуката за преговори е одложена од членките на ЕУ кои страхуваат дека политичката борба ја задушува кампањата против корупцијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Случајот кој ја запали Албанија

Напорите на Албанија повторно се најдоа во центарот на вниманието со вчерашното отворање на судскиот процес на Самир Тахири, поранешен министер за внатрешни работи и политички сојузник на премиерот Еди Рама.

Тој кон крајот на 2017 година беше осомничен за шверц со канабис, откако неговото име се појавило во прислушуваните разговори на еден шверцер со дрога.

Тоа ја запали политичката атмосфера.

Рама го бранеше својот поранешен министер, наведувајќи дека „планина од кал е фрлена врз него само врз основа на клевета на неколкумина криминалци“.

Но, опозицијата го претстави Тахири како доказ дека владата била заплеткана во криминални врски.

Рама, кој е на власт од 2013 година, силно ги негираше обвинувањата на опозицијата дека тој и неговата Социјалистичка партија искористиле „криминални пари“ за купување на изборите.

Со месеци поддржувачите на опозицијата одржуваат неделни протести против Рама, барајќи оставка на владата и одложување на локалните избори на 30 јуни.

Но, во понеделникот и лидерот на опозицијата Љуљзим Баша, беше повикан под сомневање за перење пари и незаконско трошење за време на кампањата во 2017 година.

Тој пак, ги обвини властите за „политичко судење“ и „заплашување“.

„Ваквиот бран обвинувања ја заробува Албанија во еден маѓепсан круг, создавајќи впечаток дека секоја партија има сопствени криминалци“, оценува аналитичарот Африм Красниќи, кој го води Институтот за политички студии во Тирана.

Работите дополнително ги комплицира и албанскиот правен систем.

Во процесот на судски реформи, поддржан од ЕУ и САД, веќе неколку години се испитуваат приходите, корупцијата и организираниот криминал меѓу судиите.

Од 800 судии, околу 90 веќе се отпуштени или самите поднесоа оставка за да ја избегнат истрагата.

Тоа доведе важни тела, како Уставниот суд, фактички и да не постојат.