Жељасков - Од ЕУ ве делат уставните измени и говорот на омраза

Претседател на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери и претседателот на Народното Собрание на Бугарија, Росен Жељасков, Скопје, Северна Македонија, 14 ноември 2023.

Претседателот на бугарското Собранието се надева дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и Северна Македонија ќе почне преговори со ЕУ. А за да се случи тоа земјата треба да ги усвои уставните измени и да се спротивстави на говорот на омраза, вели Росен Жељасков. Неговиот колега, Талат Џафери вели дека од членството на Скопје во ЕУ и Софија ќе има бенефит

Повеќе соработка, помалку говор на омраза, усвојување на уставните измени и Северна Македонија ќе може да почне преговори со Европската унија, порача претседателот на Бугарското Собрание, Росен Жељасков при посетата на Скопје.

Тој положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, народен херој што двете држави си го сметаат за свој. Го посети и бугарскиот Културен центар во центарот на Скопје. Овие два настани беа проследени само од будното око на бугарските медиуми, не и на македонските, оти не беа информирани за планот на посетата. За тоа дека некој висок гостин е во посета на земјата, можеше да се види од силното полициско присуство и блокираните улици. Македонските медиуми добија приостап до гостите од Бугарија на средбата на Жељасков и неговиот македонски колега, претседателот на Собранието, Талат Џафери, а потоа и за време на посетата на Археолошкиот музеј во центарот на главниот град.

Двајцата собраниски спикери се среќаваат по трет пат и средбата ја опишаа како пријателска.

Џафери и Жељасков пред Архолошкиот музеј во Скопје.

Посетата на бугарската висока делегација, доаѓа во време кога во Северна Македонија е започна процесот на уставни измени со кои, меѓудругото, во македонскиот Устав, треба да се внесат и Бугарите, нешто што е неопходно за земјата да ги отвори поглавјата во преговорите со Европската унија (ЕУ).

За да се промени Уставот, потребно е за тоа да гласаат две третини од 120-те пратеници, колку што има во македонското Собрание. Но засега го нема потребното мнозинство за да се изгласаат уставните измени, оти најголемата опозициска партија во Парламентот ВМРО-ДПМНЕ, се противи на измените.

Видете и ова: Фон дер Лајен - Изборот е Ваш, сите партии имаат одговорност за иднината

Софија сака Скопје и Тирана заедно да чекорат на патот кон ЕУ

Позитивна е позицијата на Бугарија во однос на членството на Северна Македонија, вели бугарскиот гостин, кој заклучи дека за земјава нема друга алтернатива освен европската.

„Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште годинава ќе имаме можност да се восхитуваме на почетокот на преговорите со Европската комисија. За нас е исклучително важно Република Северна Македонија и Албанија да одат заедно по тој пат“, изјави на 14 ноември Росен Жељасков, по средбата со неговиот колега Талат Џафери во Скопје.

Тие зборувале и за исполнувањето на Договорот за добрососедство потпишан во 2017.

„Утврдивме дека довербата која треба да ја градиме треба да се спротивстави на говорот на омраза, а гаранцијата за тоа е ефективно почитување на правата на бугарската заедница, а промената на уставот е дел од тој пат“, рече Жељасков, апелирајќи медиумите да се воздржат од говор на омраза, оти како што вели на Балканот многу лесно се пали искрата на тензиите.

Претседателот на бугарскиот парламент Росен Жељасков во посета на Бугарскиот културен центар во Скопје

Можностите за соработка се бројни

Европските прашања беа во фокусот на разговорите, рече Џафери. Тој го информирал својот гостин дека земјава е при крај со скрининг процесот со ЕУ и дека во Собрание започна процесот за уставните измени.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Европската иднина во фокусот на средбата меѓу Жељасков и Џафери

„Можностите за соработка се бројни, а ние како избрани и одговорни политичари мораме да се заложиме добрососедските односи да отсликуваат прави европски вредности кои ќе придонесат Северна Македонија да стане што побрзо членка на ЕУ, од што и Бугарија ќе има бенефит“, рече Џафери.
Тој истакнал дека е од голема важност Балканот да се интегрира во ЕУ, особено ако се земат предвид актуелните политичко безбедносни состојби и промените на геополитичките околности.

И Џафери е за тоа во меѓусебните односи да се промовира позитивната реторика, која може да придонесе за градење на меѓусебна доверба.

Видете и ова: Ескобар - Бугарија уверува дека нема да има нови услови за Скопје на патот кон ЕУ

„Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј

Џафери и Жељасков од Собранието заминаа во Археолошкиот музеј на Македонија каде се отвори изложбата „Сребрена Тракија“, на која се изложени експонати од 18 музеи во Бугарија. Изложбата е резултат на соработката меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, а е под покровителство на министерствата за култура на двете земји. Џафери и Жељасков, како и министрите за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и Крастју Крастев и директорите на двете музејски институции Славица Бабамова и Христов Попов се обратија на свеченото отворање, а во нивните говори провејуваа пораките дека ваквите соработки се еден од начините на зближување и градење доверба помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Заедничка изложба на археолошки музеи од Северна Македонија и Бугарија, „Сребрена Тракија“, во Скопје

„Овие експонати со огромни димензии што се тука поставени докажуваат дека помеѓу нас постои волјата за зближување и соработка", рече бугарскиот министер Крастев.

Костадиновска-Стојчевска, порача дека „ова е и начин да де соочиме со фактите, како што е тој, дека историјата не се буди по потреба, туку се учи за да не разбуди.

Бугарски функционери на гости по подолга пауза

Подолго време во официјална посета на Северна Македонија не биле бугарски функционери. На почетокот на годината во посета на Скопје беше бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев на средби со македонскиот министер Оливер Спасовски. Тие договара одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев да помине без инциденти. Положувајќи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, Жељасков рече дека Гоце Делчев е заеднички херој и таквите личности и нивното дело треба да обединува, а не да се присвојува.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кој го посетува гробот на Гоце Делчев кога не му е роденден

Според Договорот за пријателство и добрососедство од 2017, беше формирана Заедничката историска комисија, која работи на препораки за заедничко чествување на личности од историјата. Но историчарите не успеаја да дојдат до заедничка препорака за чествување на револуционерот Гоце Делчев.

Лани во април во посета на Северна Македонија беа тогашните функционери, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и премиерот Кирил Петков. Но тие не беа во официјална посета, туку на отворањето на Културниот клуб Ванчо Михајлов во Битола на 17 април 2022. Овој клуб, но и бугарскиот клуб во Охрид, Цар Борис Трети“, кои дополнително ги влошија односите меѓу двете земји. Македонскиот Парламент донесе Закон со кој се забранува здруженијата да носат имиња на контроверзни личности од минатото, поврзани со фашисти.

Видете и ова: Бугарските културни клубови пред преименување или бришење

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.

Минатото лето Бугарија, како и Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).

За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата.