Владата има правна можност да ја поништи својата одлука од 27 јуни за спојување на двете концесии за експлоатација на бакар и злато во локалитетот Иловица за компанијата Еуромакс Ресоурцес“. Но поништувањето треба детално да го образложи - што било спорно во претходната одлука и кои закони биле прекршени со нејзиното донесување. Ваквите можности се предвидено во Деловникот и во Законот за Влада.
Најавата за ревидирање на одлуката за спојување на концесиите следи по протестите во струмичко против рудникот и по изјавите на дел од актуелните министри, дека одлуката за спојување на концесиите треба да се преразгледа.
Веќе постојат бројни случаи кога Владата поништила свои веќе донесени одлуки, меѓу последните е одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Олександр Онишченко.
Во член 30 од Законот за Влада се вели дека таа има право и должност да укинува или поништува прописи или други акти на министерствата, органите на државната управа и управните организации кои не се во согласност со Уставот, законите или другите прописи на Собранието или Владата.
Нови протести на жителите против рудникот
Спојувањето на двете концесии предизвика силни реакции на жителите и активистите од југоистокот на државата кои долги години се бореа против изградба на рудникот за бакар и злато „Иловица – Штука.“ Тие во оваа гледаат политичко – партиска заднина, што ја поврзуваа со компанијата Еколог на семејството Дестани, која преку својот холфинг компани во Холандија НД груп влезе со 25 отсто во уделот на Еуромакс ресорсис.
Видете и ова: Рудник „Иловица - Штука“ со владин амин „преку ноќ“Според професори од Правниот факултет со кои разговараше Радио Слободна Европа, Владата има две различни надлежности - една да врши надзор на законитост на општи подзаконски акти на органите на управата, врз основа на што може да укине, поништи или стави вон сила одредба или општ подзаконски акт на орган на управата, а друга да може да ги менува, укинува или става вон сила и сопствените општи законски акти и со тоа тие повеќе да не произведуваат правна сила.
Поништувањето како правен институт подразбира дека сите последици кои се појавиле од донесениот правен акт мора исто така да се поништат, велат професорите.
Компанијата Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје имаше добиено две посебни концесии за експлоатација на бакар и злато, но за нив бараше спојување.
Владата на 27 јуни гласаше двете концесии да бидат споени - едната концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село.
Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста, особено од активистите кои се борат против отворање на рудник во струмичко и сметаат дека драматично ќе ја загрози животната средина, по што неколку министри од Владата најавија ревидирање на оваа одлука.
Министерките за животна средина и за труд и социјала, Каја Шукова и Јованка Трнчевска гласале за спојување на концесиите само врз основа на информација презентирана од министерот за економија Бектеши, но и дека се против отворање на рудници, па во саботата се придружија на протестот во Струмица.
Видете и ова: Ковачевски- Рудник во Иловица нема да има, ако не сакаат граѓанитеПремиерот Димитар Ковачевски изјави дека на следната владина седница Министерството за економија ќе ги информира сите министри за понатамошната постапка, наведувајќи дека нивниот став е дека „рудник не може да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот“ каде што се дадени концесиите.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека одлуката за спојување на концесиите била донесена како дополнителна точка на седницата на 27 јуни и дека во такви случаи се потпирале на образложението „што го дава ресорниот министер“, во случајот министерот за економија Крешник Бектеши.
Тренчевска рече дека на утрешната седница ќе имаат поопширна информација од страна на Бектеши и од вработените во Министерството за економија, кои работат во правниот сектор каде што се доделуваат концесиите за им ги образложат сите судски одлуки и сите дополнителни документи што ги имаат издадено, а дека потоа ќе ја преиспитаат одлуката за спојувањето на концесиите.
Како се споиле концесиите?
Како биле споени двете концесии е образложено во соопштението на Министерството за економија. Таму се наведува дека основа за владината одлука за спојување на концесиите била пресудата на Управниот суд од 30.03.2023 година.
Видете и ова: Дали рудниците ќе бидат најголемиот предизвик на власта?Министерството наведува дека во пресудата се уважило тужбеното барање на тужителот „ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје“ и оспорената одлука на Владата на Република Северна Македонија за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица донесена на 16.12.2019 година.
Министерството наведува дека со пресудата, Владата и Министерството за економија како тужена страна биле задолжени да постапат и да го применат правното сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд. Но, професорите од правниот факултет велат дека Управниот суд не може да ѝ наложува на Владата како да постапува.
Од Министерството за економија наведуваат дека Управниот суд сметал дека спојувањето на концесиите претставува посебно правно прашање и постапка за која надлежниот орган Министерството за економија е должен да постапува и да донесе соодветен Управен акт, согласно правилата на управната постапка.
Професорите од Правниот факултет во Скопје за РСЕ велат дека во овој случај не станува збор за општи подзаконски акт, туку специфичен вид на поединечен акт – одлука за доделување на концесија на одреден субјект врз основа на Договор за склучена концесија.
Владата ваквиот договор за склучување на концесија не може да го поништи, велат тие, бидејќи престанок на ваква постапка се врши само пред надлежен суд.
Во случајот, Управниот суд како орган на судската власт одлучил да ја поништи одлуката за доделување на концесија, меѓутоа тоа не треба да се меша со она што сега се вели во јавноста, дека Управниот суд ја задолжил Владата да донесе одлука за спојување на концесиите, велат професорите.
Управниот суд не може да биде генератор на нови права, тој не може да ѝ наложува Владата и на органите на управата како да постапуваат, во случајов за спојувањето на концесиите, бидејќи тоа е нешто за што Владата или Министерството за економија одлучуваат сами во посебна постапка, велат професорите од Правниот факултет.
Видете и ова: Струмичани на протест поради Иловица, како што го нарекоа, „рудникот на смртта“Во Струмица во саботата на 15 јуни се одржаа протести, откако откако Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресорсес“ со која Владата претходно еднострано го раскина договорот за една од концесиите во 2019 година, а потоа ја донесе одлуката со која и едната постоечка концесија и поништената, па „воскресната“ од Управниот суд, да ги спои во една, по која „Еуромакс Ресорсис“ може да поднесе барање за експлоатација на злато и бакар до Министерство за економија.
Од Министерството за економија велат дека евентуалното непостапување на пресудата од Управниот суд може да резултира со нови судски постапки, кои ќе имаат сериозна штета на буџетот преку можни арбитражни постапки пред меѓународни судови.
Од Министерството за економија, премиерот Ковачевски, но и други министри тврдат дека нема да се дозволи отворање на рудник во Иловица без консултација со граѓаните. Жители на струмичко со години велат дека рудник во регионот ќе биде „рудник на смртта“ и стојат на ставот дека такво нешто не смее да се случи.