Достапни линкови

Струмичани на протест поради Иловица, како што го нарекоа, „рудникот на смртта“


Струмица протест 15.07
Струмица протест 15.07

Стотици струмичани на 15 јули излегоа на протест против последната владина одлука за спојување на концесиите на рудникот Иловица-Штука. Владата најави дека ќе ја преиспита одлуката за спојувањето на концесиите.

Итно и неодложно одземање на „криминално споената концесија“ за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии, е првото барање на стотици струмичани кои денеска изглегоа на протест во центарот на Струмица.

„Среќно семејство или рудник на смртта“ и „ Штука нема да отстапи ниту педа земја за убијците“ беа дел од транспарентите на демонстрантите.

Протестот се организира по информацијата дека Владата донела одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден, кои се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Одлуката е веќе излезена во Службен весник, а потенцијалната концесија ќе трае до 2042 година. Со објавата повторно се отвори пат да се почне со експлоатација на бакар и злато од струмичката околина.

Веднаш по одржувањето на протестот Владата најави дека ќе ја преиспита одлуката за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука и ќе побара дополнитени информации од надлежното министерство. Ова го изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчовска на прес конференција, откако со нејзината колешка министерката за животна средина Каја Шукова присуствуваа на протестот и изразија поддршка.

Еколошките активисти сметаат дека ова значи „отворена врата “ за изградба на рудникот Иловица-Штука, откако Управниот суд ја уважил жалбата на канадската компанија „Еуромакс“. Тие тврдат дека струмичката котлина која е една од најголемите производители на земјоделски производи е во опасност да создава отруен зеленчук поради рудникот со отворен коп.

Од импровизирана бина, актерката и активистка Оливера Аризанова-Мансбарт ја нарече „срамна“ одлуката на владата за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука.

„Донесена без никаква правна основа, за потоа Владата да се правда дека, ете, ‘така одлучил Управниот суд’. Но, ние знаеме од последната пресуда на Управниот суд дека барањето на ‘Еуромакс Ресоурсес’ – судот да наложи на владата спојување на концесиите – е отфрлено. Сега се поставува прашањето кој тука лаже, манипулира и зошто?!“, рече таа пред насобраната толпа.

Стојан Велков, активист од „Здрава Котлина“ посочи дека се собрани за да се борат на секое ниво, од општинските совети, па се до највисоките државни инстанци

„Ќе се бориме до крај и ќе зачуваме нашата природа за следните поколенија, таква каква што ни ја оставиле нашите предци. Само така ќе ја заштитиме природата, само така ќе ја заштитиме татковината“, рече активистот.

Тоа значи дека „Еуромакс Ресорсис“ сега треба да поднесе барање за експлоатација на злато и бакар до Министерство за економија.

Од Министерството за економија велат дека евентуалното непостапување на пресудата од Управниот суд може да резултира со нови судски постапки, кои ќе имаат сериозна штета на буџетот преку можни арбитражни постапки пред меѓународни судови. И додека од министерството тврдат дека нема да дозволи отворање на рудник во Иловица без консултација со граѓаните, тамошните жители веќе долги години опстојуваат на ставот дека рудник во тој регион не смее да има.

Струмичани денеска побараа и разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд, поради, како што се вели во соопштението на организаторот на денешниот протести невладината организација „Здрава Котлина“, тендециозна погрешна примена на законите и постапките, како и поради носење дијаметрално различни пресуди во зависност од моментот.

Според соопштението, кулминацијата била во последната пресуда за враќање на концесијата, што е различна од сите претходни 11 пресуди во, како што велат “ пинг-понг процесите изминатите 4 години, а е директно поврзана со влезот на НД Груп со 25% удел во Еуромакс Ресурси“.

За „Здрава котлина“ доказ за вмешаност на владејачката ДУИ се и документите од кои се гледа дека еден од судиите кои носи одлуки за „Иловица - Штука“ во Вишиот управен суд е и Субхи Јакупи. Тој исто така е поранешен член на Државната изборна комисија и заменик министер за правда од ДУИ.

Демонстрантите бараат и одговорност од надлежните министерства што биле вклучени во овој процесот на спојување на концесиите.

„Сите што се огрешиле пред законот треба да бидат соодветно санкционирани, зашто е очигледно груба манипулација тврдењето дека спојувањето е принудно поради одлука на судот. Во пресудата е јасно наведено дека судот одбива да ги спои концесиите и дека тоа е дискрециона одлука на Владата, дали ќе ги спои или не“, се вели во нивното соопштение објавени непосредно пред протестот.

За неформалната иницијатива „Здрава котлина“ која се противи на отворање на рудникот „Иловица - Штука“, ваквиот расплет на настаните е поврзан со тетовската интернационална компанија „Еколог“ и семејството Дестани.

Активистите од иницијативата претходно објавија дека 25 насто од компанијата „Еуромакс Рисорсес“ се продадени на компанија преку холандскиот холдинг „НД Груп“, во која е дел и компанијата „Еколог“ на бизнисменот Назиф Дестани. Според активистите, сигналите за промена на статусот на „Иловица - Штука“ лежат во политичка и судска трговија со влијание.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува СДСМ за носење одлука по наредба на ДУИ

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, симптоматично е што само 15 дена откако тетовецот Дестани ги купил акциите во „Еуромакс рисорсес“, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија, која пак како што пишуваат медиумите подолг период се жали пред македонските институции на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда

„Имено, Назиф Дестани кој важи за близок до високи владини функционери од ДУИ, е основач на компанијата „Еколог“, преку својата фирма во Холандија вложил дури три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс рисорсес“, чија цел е всушност отварањето на рудник на бакар и злато во струмичко,“тврди партијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека прашањето за рудниците во струмичко не е ништо повеќе од, како што рече, обична владина бизнис зделка пред се на ДУИ.

„Ова преставува јасна бизнис зделка на коалиционите партнери. Тука е ДУИ која што веќе и со сопственост влегува во оваа зделка и нормално тука е и помалиот коалиционен партнер, измеќарите од СДСМ коишто коленичат пред наредбите на ДУИ“, изјави Мицкоски за време на посетата на Демир Хисар.

Демонстрантите бараат од државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица, од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување, злоупотреба на службена положба и овластување, како и здружување и заговор помеѓу политичко-економски структури со извршната и со судската власт за потенцијално огромно оштетување на буџетот на државата.

Според нив постојат силни индиции за можна корупција и организиран економски криминал на повеќе нивоа, почнувајќи од влез во сопственичка структура, преку влијание во судот и извршната власт, до обезбедување документи и дозволи.

Министерките за животна средина и труд и социјална политика против изградба на рудникот

Поддршка за денешниот протест дадоа и министерките за животна средина и за труд и социјална политика, Каја Шукова и Јованка Тренчевска.

Шукова на прес-конференција на 14 јули изјави дека ја разбира загриженоста на граѓаните, но и дека таа лично е против нови рудници во државата.

„Ако можам денеска да го изнесам мојот личен став, јас сум исто така против нови рудници во државата. Сметам дека особено тој е земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието“, рече Шукова, по промоцијата на новиот Национален катастар за подземни води.

Таа додаде дека Министерството за животна средина не е пристигнато барање за отпочнување на постапка за оценка на влијание врз животна средина.

„Ако дојдеме до таа фаза, многу сериозно ќе пристапиме на разгледување на студијата, во зависност од тоа каков процес ќе биде понуден за евентуалана експлоатација на руда во тој регион. Она што веќе го направивме, во меѓувреме, се консултиравме со професори кои работат на оваа проблематика за начелно да имаме сознанија, тешка загадувачка индустрија e и мислам дека треба сите, вклучително и Владата, да бидеме многу внимателни со овој процес“, рече Шукова.

Од Еуромакс, пак тврдат дека целиот процес со рудникот е во согласност со законот, а ќе применуваат и најсовремени рударски практики.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG