Иако овошје и зеленчук се продава речиси во секој маркет, граѓаните со кои разговаравме и натаму преферираат да купуваат на локалните пазари. Причината за тоа, објаснуваат лежи во тоа што повеќе им веруваат на домашните производители.
„Повеќе од 10 години со мојот сопруг купуваме од овој пазар, никогаш немало проблем. Доматите, пиперките, кромидот, сите продукти секогаш се тазе“, вели за РСЕ, Љуба Милева, која ја сретнавме како пазарува во пазарот во населба Ченто во Скопје.
Во непосредна близина на пазарот се наоѓаат неколку познати поголеми маркети, но пазарот вели Милева, за неа секогаш е прв избор.
„Не велам дека таму не е добро, но овие луѓе директно од бавча ги продаваат овде производите, додека во маркетите се е увезено. Не секогаш се свежи производите, а ги прскаат и со хемикалии, па затоа само на изглед се поубави, додека овде пак, на пазарче, се е природно“, додава Милева.
Сепак како и на овој пазар, така и на другите пазари ширум Скопје но и во земјава исто така се продава и зеленчук и овошје увезено од други држави.
Но, и покрај тоа и производителите со кои разговаравме на пазарот велат дека граѓаните повеќе им веруваат.
„Ние садиме компири, краставици, зелка, морков, се има кај нас. Луѓето знаат дека е чисто бидејќи ги одржуваме бавчите, ја преработуваме земјата на природен начин, и ние се храниме од ова, досега се било во ред“, вели производителка за РСЕ која продава на пазарот во Ченто, објаснувајќи дека со нејзиниот сопруг имаат повеќе ниви во скопското село Раштак и со децении се занимаваат со оваа дејност.
Видете и ова: Кисело-слатката вистина за македонските јаболкаКолку овие земјоделски производи се безбедни е прашање што секогаш се поставува кога ќе биде откриен зелечук и овошје произведено во Северна Македонија кое содржи пестициди или други штетни материи. А тоа се открива кога тие производи, затоа што се подложни на повеќе контроли, не секогаш ја поминуваат границата и стигнуваат до пазарите во посакуваната дестинација.
Сомнителна пратка со зеленчук уништена на хрватската граница
Според последните податоци на системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија (РАСФФ), од Северна Македонија во Хрватска лани и на почетокот на годинава биле откриени вкупно четири пратки со зеленчук кои во себе содржеле голема доза на штетни пестициди.
Поради ова, пратките не ги поминале контролите на хрватската граница, а на страницата на РАСФФ стои дека тие добиле етикета како „потенцијално ризични“ по здравјето на граѓаните.
Последниот ваков случај е евидентиран на 19 февруари, 2024 година.
Станува збор за мешана салата која во себе содржела хлорпирифос, пестицид опасен по здравјето, кој според последните истражувања, објавени на страницата на РАСФФ системот, доколку се консумира, кај децата може да придонесе до нарушувања во развојот на мозокот, како и зголемена хиперактивност.
Количината на хлорпирифос која била откриена во спорната пратка изнесувала 0,055 милиграми во еден килограм, а дозволената количина на овој пестицид во одреден производ, според европските стандарди, е нула. Случајот го потврдуваат и македонските власти.
„Пред извесно време имаше информација од РАСФФ системот дека во една пратка од нашава држава биле откриени остатоци од хлорпирифос, пестицид кој не е дозволен и кај нас и во ЕУ. Па затоа пратката била поништена веднаш на самата граница“, вели за РСЕ директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски.
Видете и ова: Загрижува трендот на производи со сомнителен квалитетЗа тоа како се случило овој пестицид да остане во финалниот производ, Бабовски вели дека тој тип на контроли ги спроведува државниот земјоделски инспекторат.
Државен инспекторат: Залихи на опасниот пестицид уште се користат
Според државниот земјоделски инспекторат пак (ДИЦ), главниот проблем што се уште се регистрираат одредени пестициди во домашни производи кои се извезуваат, е во тоа што нашето законодавство се уште не е во целост усогласено со европското.
Најспорниот пестицид, хлорпирифос, во Европската Унија е забранет од април 2020 година, но во Северна Македонија, според Инспекторатот, се уште трае преодниот период за трошење на неговите залихи, иако според европските закони и тој период е изминат.
„По добивање на информацијата за забраната за употреба на хлорпирифос во ЕУ согласно националното законодавство, се издава преоден период за трошење на залихите од тие пестициди во времетраење од 18 месеци (12 месеци за продажба и 6 месеци за употреба на истите) за оние количини кои веќе се наоѓаат во нашата држава. Процедурата за уништувањето на истите претставува голем проблем како за нашата држава, така и за останатите земји“, велат од ДИЦ.
Видете и ова: Исти земјоделци и покрај казните недозволено садат качакВо однос на тоа дека овој преоден период од вкупно 18 месеци е одамна поминат, од Државниот инспекторат додаваат дека во наредниот период инспекторите ќе вршат засилени контроли на терен и ќе проверуваат дали и натаму се користи хлорпирифос, но и други штетни пестициди.
„За оваа година предвидено е земање на 203 мостри од повеќе примарни земјоделски производи. Редовно се земаат примероци кои се доставуваат во акредитирана лаборатории. Исто така, се спроведуваат и редовни и вонредни инспекциски надзори од страна на државните фитосанитарни инспектори кај производителите во однос на правилна употреба на пестицидите. Сите овие активности се спроведуваат во насока на спречување на појава на небезбедна храна, како на домашниот пазар, така и во пратките наменети за извоз“, додаваат од земјоделскиот инспекторат.
Зелечукот со пестициди уништен на граница
Покрај овој случај, во системот на РАФФС стои дека во 2024 година уште две пратки со зеленчук од Северна Македонија наменети за Хрватска не ја поминале тамошната граница.
Се работи за една пратка со свежи моркови, која од земјава била испратена во Хрватска на 15 февруари годинава, а која во себе содржела остатоци од пестицидот Хлорпирифос-етил во количина од 0,049 милиграми во еден килограм.
Но, за оваа пратка останува непознато што се случило со контаминираните свежи моркови, бидејќи таа информација ја нема на страницата на РАСФФ, иако Бабовски тврди дека неисправните производи не се враќаат назад во земјава.
Годинава е евидентиран и трет ваков случај, на 22 јануари, кога исто така на хрватската граница е пресретната и овојпат уништена пратка со мешана салата (овошје и зеленчук), која во себе исто така содржела остатоци од пестицидот хлорпирифос-етил.
Количината на откриените пестициди во оваа пратка изнесувале 0,068 милиграми во еден килограм, а во ниту една од пратките не е прецизирано колкава била нивната вкупна количина, односно колку килограми зеленчук биле наменети за хрватските пазари.
Видете и ова: По објави за „глушец во смрзнат зеленчук“, АХВ нареди да се повлече производотПокрај овие три случаи во првите три месеци од новата година, во РАСФФ системот стои дека досега од страна на Хрватска, била вратена уште една пратка со зеленчук од Северна Македонија која во себе содржела недозволени пестициди.
Станува збор за пратка со пиперки, која во септември 2023 година била регистрирана како „опасна“ од страна на цариниците на хрватската граница и не добила зелено светло за влез во оваа земја.
Податоците на РАСФФ покажуваат дека вакви спорни пратки со роба од Северна Македонија биле откриени и уништени само на хрватската граница, не и во други земји.
Бабовски: Храната во Северна Македонија е безбедна за консумирање
Ваквите случаи со извоз на храна од земјава во која се пронајдени пестициди или остатоци од пестициди се навистина многу ретки, а кај нас со сигурност можеме да кажеме дека се консумира безбедна храна, граѓаните можат да бидат смирени, уверува директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Бабовски објаснува дека во текот на минатата година биле спроведени над 57.000 инспекциски надзори, како и дека секогаш кога требало да се интервенира, прозиодите биле навреме отстранети од полиците.
Лани уништени над 186 килограми храна
Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, во текот на актуелната година извршени се 4.808 инспекциски надзори, од кои 2.474 редовни, 306 контролни и 2.028 вонредни надзори. Контролирани се и 3.269 пратки на увезена храна од неживотинско потекло.
До март годинава биле изречени вкупно 369 инспекциски мерки, од кои три прекршочни пријави, 312 решенија, 27 едукации и исто толку покани за порамнување со прекршочен платен налог.
Спроведени биле и 1.094 контроли за увезени пратки и 322 за пратки во транзит.
Видете и ова: ЕК: Напредок во делот на безбедноста на храната, но да се спроведат препораките од минатата годинаКако небезбедни производи од домашниот пазар во текот на минатата година, според регистарот на АХВ, биле повлечени виршли, сокчиња за деца, суви смокви, сладоледи, ѓумбир во прав, путер, минерална вода со додатоци и адитиви за пекарската индустрија.
Лани вкупно биле уништени 147.415 килограми храна, која била оценета како небезбедна, а биле уништени и три увезени пратки производи од неживотинско потекло со вкупна вредност од 38.636 килограми.
Ова значи дека лани вкупно во Северна Македонија вкупно биле уништени 186.051 килограми храна.
Исто така, минатата година биле забранети 14 пратки од увоз на храна од животинско потекло, чија количина изнесувала 216.979 килограми.
Храна со пестициди се обиделе да извезат и други земји во регионот
Поради надминување на прагот на дозволената количина на опасен пестицид, Холандија неодамна повлече од пазарот замрзнати вишни со српско потекло, објави РАСФФ системот.
Се работи за пестицидот димеотоат, а во примерокот тестиран на 6 март годинава, биле откриени остатоци од овој пестицид во количина од 0,044 милиграми во еден килограм, додека дозволената количина на овој пестицид е 0.01 милиграм.
Ризикот по здравјето на потрошувачите за оваа количина од овој пестицид се дефинира како „сериозен“, па поради тоа замрзнатите вишни веднаш биле повлечени од пазарот и биле уништени.
Видете и ова: Ванденшрик: Огромните загуби на храна во светот се скандалПокрај Србија, Турција лани и годинава во 11 наврати се обидела да извезе најразлични видови на овошје и зеленчук во Хрватска полни со опасни пестициди, но робата била уништена на самата граница.
Според податоците на РАСФФ, на хрватската граница биле откриени и две спорни пратки со домати и млад кромид од Албанија.
Во најголем дел од случаите кај овие пратки станувало збор за пестицидот хлорпирифос – забранет од ЕУ во 2020 година поради неговиот генотоксичен потенцијал и развојната невроткосичност кај цицачите.