Уставен ја одложи одлуката за јазиците

Седница на Уставниот суд, 11 декември.

Уставниот суд одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а дури потоа да одлучува. Двајцата судии Албанци бојкотираа, а судијата од турска националност реши ја напушти дискусијата. Како течеше денешната седница во Уставен?

Бројните полицајци и паркираните полициски комбиња на кејот на Вардар покрај згрдата каде е сместен Уставниот суд во центарот на Скопје, утрото на 11 декември навестуваа дека судиите внатре ќе дискутираат и одлучуваат за сензитивни прашања.

Законот за употреба на јазиците, по пет години откако стапи во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата. Дискусија имаше, но за одлука дали целиот Закон или делови од него се уставни или неуставни и ќе се укинат, ќе се почека неколку месеци.

Со пет гласа „за“ и еден „против“ Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани странки - и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но пред се експерти. Откако уставните судии ќе ги слушнат мислењата, ќе го стават Законот на дневен ред па ќе одлучуваат.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Уставниот суд не донесе одлука за Законот за јазици

Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, по седницата рече дека не сака денешната одлука да биде разбрана како слабост или подлегнување кон нешто туку како врвен чин на одговорен пристап и највисока почит и должност кон граѓаните кои не треба да се дозволи „да бидат манипулирани и лажени од политичарите“.

„Дека се доведувало во прашање правото на користење на албанскиот јазик. Лага, иста лага слушнавме и кога ги носевме одлуките за т.н. балансер. Тие се уставна категорија, ние не цениме уставност на Устав, тие се таму, нив ги чуваме. Сосема е друго прашањето нивната операционализација, како тие се операционализираат со законски и подзаконски акти. И во предметот со балансерот и во овој, ние не го задираме тоа право туку како тоа се операционализира“, рече Костадиновски на прес-конференција.

Лага, нечуено, апсурд, класична манипулација беа зборовите со кои тој ги квалификуваше и останатите обвинувања на адреса на Уставен суд изминатиот период – дека има политички влијанија, дека со ова ќе се прави дестабилизација, дека се нарушува Охридскиот рамковен договор итн.

Видете и ова: За што ќе одлучува Уставен од Законот за употреба на јазиците?

Законот пред Уставен беше оспорен со вкупно 12 иницијативи, поднесени од граѓани, адвокати, универзитетски професори, но и две политички партии - владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската Левица. Сите иницијативи Уставен ги спои во еден предмет.

„Воопшто не е едноставно прашање“, искоментира Костадиновки за време на седницата, каде кој беше дециден дека без разлика дали за еден, два или три месеци, „овој суд ќе донесе одлука“.

Членови и актуелни и поранешни фунцкионери на опозициската ДУИ, заедно со партискиот лидер Али Ахмети, ја дочекаа седницата насобрани пред влезот на судот. Од утринските часови, од поставеното озвучување ечеше албанска музика, која допираше и до салата каде заседаваа уставните судии.

Зошто подготвителна седница?

Предлогот да се одржи подготвителна седница пред да се одлучува, го даде уставната судијка Елизабета Дуковска како судија известител во предметот за Законот за употреба на јазиците. Оваа можност ја дава Актот на судот.

„Свесни за јавниот интерес, за обидите за политизација и етнизација на судот, сметам дека имаме можност да ги увериме граѓаните за нашата непристрасност. Нема ништо да изгубиме“, рече Дуковска.

За овој Закон е одржана една подготвителна седница, но таа се однесуваше само на делот што тој во 2018 беше објавен во Службен весник без потпис од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Меѓутоа, за материјалниот дел - содржината на законот, немало подготвителна седница што Дуковска го наведе како еден од аргументите за нејзиниот предлог.

Зголемување на транспарентноста и слушање на различни аргументи пред да се одлучува беа причините со кои се согласија останатите четворица судии го поддржаа предлогот на Дуковска.

Поддршка даде и претседателот Костадиновски, кој наведе три причини за тоа. Првата е што никогаш не гласал против подготвителна седница или јавна расправа. Втората, како што објасни, е што подготвителната седница што се одржала во 2019 година била само за аспектот на објавување на Законот без потпис од претседателот и што на неа од актуелниот состав на Уставен присустувал само тој, со оглед дека останатите судии тогаш се уште не биле избрани.

„Но, круцијален момент е дека подготвителната седница ќе помогне на некој начин да ги разобличиме и демантираме сите обиди за етнизација и политизација. Наша должност е да се обраќаме на граѓаните и нив да ги убедиме, не на политичарите бидејќи нивната политичка култура ни е позната“, рече Костадиновски.

Видете и ова: Законот за јазиците објавен во Службен весник, уставно или не?

Кацарска: Несериозно е да се држи подготвителна седница

Единствената против беше судијката Добрила Кацарска, која рече дека е несериозно по пет години да се држи подготвителна седница.

Наспроти информацијата на судијката известител Дуковска, која кажа дека побарала и „пријателски совет“ од Венецијанската комисија, Кацарска потенцираше дека ова советодавно тело на Советот на Европа веќе дало свое мислење во дури 98 точки. Таа посочи и дека за предметот веќе има готов реферат во кој се одговара на сите спорни прашања што се покренуваат во поднесените иницијативи.

„Сега кога имаме мислење од Венецијанската комисија во кое има јасни препораки, не знам што би добиле. Зарем преку подготвителна седница ќе ја покажуваме транспарентноста на судот? Не, седниците на овој суд се јавни, има брифинзи, прес-конференции, се одговара на новинарски прашања...“, рече Кацарска.

Во дискусијата таа посочи и дека ќе поддржела подготвителна седница ако имале прашања, на пример, од медицината или градежништвото за да објаснат експерти, но во ваков случај смета дека тоа не е потребно.

„Кој тоа треба да ни објасни дали е уставна или не оваа одредба? Кој треба да ни објасни дали со овој Закон може да се дерогираат двотретински закони? Не гледам кој тоа треба да ни го објасни нас, ние треба да го знаеме тоа“, додаде Кацарска.

Меѓутоа, таа не ги разубеди останатите нејзини колеги.

Судијката Ана Павловска-Данева потенцираше дека овој закон досега бил дебатиран само од политичари и аналитичари, но од политички аспект и смета дека е добро да има подготвителна седница за со предметот да се запознае „и стручната и лаичката јавноста“.

„Јас сум професор по управно право повеќе од 20 години, и има области што не ги знам најдобро, а некој ги знае подоборо, има области каде сметам дека знам најдобро. Не е идејата да си кажеме кој е добар, а кој е лош правник“, рече Павловска-Данева образложувајќи зошто смета дека треба да се слушнат експерти на подготвителна седница.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Пресметка“ меѓу Груевски и Џафери за Законот за јазиците

Кога ќе се одржи подготвителната седница, ќе се утврдува дополнително. Претседателот на судот посочи дека Дуковска, како судијката известител, за наредниот работен состанок треба да подготви предлог на спорни прашања и листа на учесници кои ќе бидат повикани за подготвителната седница со цел да може да се утврди и терминот кога таа ќе се одржи.

Уставниот суд се состои од девет судии. Шестмината кој присуствуваа на дискусијата за Законот за употреба на јазиците се сите од македонска националност.

Бојкот од судиите Албанци, судијата Турчин ја напушти седницата

Двајцата судии Албанци во актуелниот состав на Уставен, Осман Кадриу и Насер Ајдари, како што беше најавено, воопшто не присуствуваа на седницата.

Судијата Фатмир Скендер, кој е од турска националност, пак, ја напушти дебата за оваа точка откако не му беше прифатен предлогот таа да се тргне од дневниот ред за денешната седница.

Тој предложи за точката да се дискутира на некоја од следните седници кога ќе бидат присутни и Кадриу и Ајдари.

„Имајќи предвид дека не се присутни, мислам дека е пожелно и потребно тие да бидат тука. Сите да бидеме слушнати без оглед на разликата на ставовите. Да функционираме како едно семејство“, рече Скендер.

Меѓутоа, останатите судии не го прифатија предлогот. Тие посочија дека во 2019, кога биле поднесени иницијативите за Законот за употреба на јазиците бил донесен заклучок тогаш да не се дискутира затоа што судот не беше комплетен - 18 месеци функционираше само со пет судии бидејќи пратениците во Собранието никако не можеа да изгласаат нови.

Сега, посочија тој е комплетиран, а тоа што некои судии не сакаат да присуствуваат е друго прашање.

„Вашиот предлог се базира на надеж дека ќе дојдат. Јас не мислам дека ќе може да се ослониме на тоа бидејќи јасно ни беше ставено до знаеме дека тие нема да присуствуваат на дебата за овој предмет“, рече Костадиновски.

Видете и ова: Законот и примената на албанскиот јазик во практика

ДУИ незадоволна

Меѓутоа, ваквата ситуација беше причина за критики од опозициската ДУИ. Потпретседателот на партијата, Бујар Османи, изјави дека е „недозволиво во мултиетничка држава највисокиот орган да одржува седници со моноетнички состав“.

ДУИ се незадоволни и од тоа што е одлучено да има подготвителна седница бидејќи смета дека тоа е продолжување на процесот за укинување на Законот за употреба на јазиците.

„Единствената праведна одлука којашто требаше Уставниот суд денеска да ја донесе е да ги отфрли сите иницијативи и да се затвори ова прашање. Закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за јазици“, рече Османи.

ДУИ на 8 декември постави шатор пред Уставниот суд за како што рекоа, да стражарат за јазикот.

Што се оспорува?

Законот за употреба на јазиците, кој содржи 25 члена, беше изгласан во 2018 година, а стапи на сила во 2019 година.

Со иницијативите се оспорува и самиот негов назив, како и сите 25 члена. Се спори неговата проширена употреба во судските правосудните постапки, двојазичните униформи, симболите на парите, издавањето двојазички лични документи итн.

Видете и ова: Венецијанската комисија ги разгоре поделбите за двојазичноста

Венецијанската комисија во мислење од 2019 година забележа дека со ова законско решение не е прецизирано кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Комисијата тогаш оцени дека во одредени области законот може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка. Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенцијa за човекови права.