Не сакаме згради и дополнителна урбанизација, порачаа граѓани на населбата Лисиче кои протестираа откако минатата недела Општина Аеродром ненајавено и со дополнување на дневниот ред во последен момент, усвои Детален урбанистички план за кој тие сметаат дека „отвора пандорина кутија“ за дополнителна бетонизација на населбата и за создавање на урбанистички и сообраќаен хаос.
„За изгласаниот ДУП за градска четврт ЈИ О9 01 која ја опфаќа Населба Лисиче, Лисичани јасно кажаа не на насилната бетонизација! Борбата продолжува со сите средства и нема откажување“, рекоа граѓаните кои протестираа.
Но, ова е само последен случај на граѓански отпор против изградба на згради во Скопје, за кои во последниве 20 години беа узурпирани паркови, сечени дрвја, а во скопските населби добија и голема загаденост на воздухот. Граѓански отпор се случуваше во скоро сите скопски општини, но згради никнаа на секој чекор.
Видете и ова: Општина Аеродром за новиот ДУП: Планот решава важни комунални прашањаИако од Општина Аеродром велат дека се неточни тврдењата за наводна бетонизација на општината, наведувајќи дека со изгласаниот ДУП за Лисиче се предвидува изградба на една зграда и два парка, впечатокот на граѓаните и експертите е дека и натаму никој не го есапи интересот на граѓаните, додека инвеститорите лесно ги остваруваат своите планови и профити.
Не е само населбата Лисиче во Општина Аеродром која забрзано се урбанизира. Граѓани само во последниот период од неколку години се противеа на носење на детални урбанисти планови во општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров...
Аеродром е меѓу општините каде се изградија најмногу згради, а граѓаните загубија некои од битките како на пример притив изградбата на деветкатницата кај Мајчин дом.
Политиката посилна од граѓанското мислење
Политиката е длабоко навлезена низ советите на општините, а мислењето на граѓанскиот сектор не се почитува и сите овие ДУП-ви поминуваат, вели архитектот Мишко Ралев – претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
„Сето ова е задоцнето (противењето на граѓаните), бидејќи таа градежна индустрија претходно ги има добиено сите тие дозволи во нетранспарентни процеси. Ние можеме да зборуваме дека ќе се бориме за подобар град, но има и стари ДУП-ви донесени пред пет или десет години и сега доаѓаат за реализација. Единствено што преку правни механизми можеби може да се бара, е усогласеност на ДУП-те со Генералниот урбанистички план, но за жал мислам дека сме немоќни“, вели Ралев за Радио Слободна Европа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Не се слуша ниту стручната јавност
Во Центар беа уништувани шуми на Водно за градење на згради; целосно беше сменет изгледот на строгиот центар со спорниот проект Скопје 2014, населбата Дебар Маало која беше густо населена со куќарки, прерасна во погусто населена со изградба на десетици згради.
И тука не се застана. Меѓу последните случаи во Општина Центар е неодамна донесениот ДУП со кој на местото на поранешната фабрика Треска ќе се градат 30-тина нови згради.
Иако и за овој проект имаше граѓански отпор, заврши слично како и претходниот план за изградба на висококатници кај Холидеј Ин кој веќе забрзано е во процес на градба.
Јане Димески е советник во Општина Центар од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар, кој вели дека за носењето на ДУП-ви не само што не се слуша гласот на граѓаните, туку не се слуша ниту гласот на стручната јавност.
На пример за Треска, Димески вели дека Шанса за Центар во општината дала образложена и аргументирана иницијатива просторот да се уреди со јавен конкурс, но иако конкурсот бил спроведен општината и градоначалникот одбиле да ги презентираат конкурсните трудови кои биле оценети од стручна комисија и одлучиле да го спроведуваат постоечкиот план.
„Евидентно е дека живееме во ера на „инвеститорски урбанизам“ кој води сметка само за профитот на малкумина, а е на штета на јавниот интерес. Тој секогаш е во спрега со власта и партиите досега функционираа како негови заштитници и промотори“, вели Димески.
Тој го наведува и примерот за ДУП-от за Стара железничка станица каде вели дека без никакво образложение биле додадени нови објекти „покрај постоечките бетонски џиновски комплекси.“
Граѓаните не знаат што значи носење ДУП
И во Општина Карпош и натаму се забележуваат градилишта на секој чекор. Некогаш мирната населба Тафталиџе се уште е потенцијал за нови згради. Бизнисмени од градежниот сектор инвестираат во згради, а имаше случаи како во 2016 година кога се носеше ДУП пред Бадник.
Неодамна граѓаните добија повод за нови бурни реакции, откако се појави планот за изградба на висококатници кај поранешната фабрика Алумина.
Со планираниот Деталниот урбанистички план за „Алумина“ ќе се дозволи изградба на осум згради високи 35 ката и со висина од 108 метри.
Но, Невена Георгиевска – советничка во Општина Карпош и членка на граѓанската организација „О2 Иницијатива“ вели дека засега во општината е јасно дека не само тие, туку и другите советнички групи нема да го гласаат тој ДУП.
Но, таа посочува на други градежни работи кои во моментов се случуваат во Општина Карпош за кои веќе инвеститорите добиле дозволи за градење. Таа ја посочи изградбата на зградата во Карпош 3 и покрај тоа што Националната установа Конзерваторски центар донела негативно мислење.
„Прво проблемот го лоцирам таму што многу малку луѓе се запознаени што значи носење на ДУП и кога има јавни анкети и јавни презентации, обичниот граѓанин не може да се снајде во тие нацрти и планови ако некој архитект не му објасни што значи тоа. Обично граѓаните се запознаваат со тоа откако ќе се изгласа ДУП. Морам да кажам дека и самите советници не се запознаени за тоа што гласаат“, вели Георгиевска.
Видете и ова: Војна со градежната узурпација - мали победи против моќните инвеститориФирмите инвестираат во промена на ДУП-ви
Праксата во моментов е самите фирми да иницираат и инвестираат во промена на детални урбанистички планови, но и самиот инвеститор да одбира фирма која го врши планирањето и надзорот над градбата, вели Георгиевска.
Според неа, потребни се законски измени кои ќе спречат злоупотреби, а вели и дека треба самите општини не инвестираат во изработка на детални урбанистички планови. Освен промени во законот, Георгиевска вели дека целата постапка за давање на дозволи треба да биде потранспарентна.
„Според нас самите граѓани или општината да иницираат промена на нов ДУП и да го изработува самата општина. Нормално, да се остави простор ако има некој приватен инвеститор, но да имаат предност граѓаните и она што може општината да го финансира“, вели Георгиевска.
Бетонизацијата на Скопје не запре во Карпош. Бројни беа противењата и на жителите на Ѓорче Петров по носење на нови ДУП-ви во последните години, како на пример за изградба на висококатници од 33 метри, 17 згради кај кружниот тек кај црквата Св.Петар и Павле, 50 згради кај Дексион.
Исто така за бетонизацијата на мирниот Хром и уште неколку локации ги вознемирија жителите.