Ако се суди според прелиминарните резултати од изборите во Србија, новиот парламентарен состав ќе има и мнозинство пратеници кои отворено се против воведувањето санкции против Русија. Заедно со партиите од актуелната власт, против се и две десничарски коалиции и една малцинска листа.
Србија во Европската Унија не ја сакаат ниту коалицијата НАДА, „Ние гласот од народот“ на Бранимир Несторовиќ и малцинската руска партија.
Ќе имаат 27 од 250 пратеници во Собранието.
Десничарската, проруска коалиција Двери и Заветник, која имаше 14 мандати во последниот состав остана под цензусот.
„Тие беа носители на најдиректната соработка со Москва, игнорирајќи каква било соработка со Европската Унија. А тоа е затворање на еден канал на руско влијание“, вели надворешнополитичкиот аналитичар Бошко Јакшиќ.
Сепак, тој истакнува дека Москва го „зачувала своето главно упориште“ преку победата на коалицијата околу владејачката Српска напредна партија (СНС).
„Во текот на целата измината деценија тие покажаа колку им се важни односите со Москва и колку и дозволуваат на Москва да ги следи своите интереси во Србија“, изјави Јакшиќ за Радио Слободна Европа.
И покрај тоа што се залагаат за членство во Европската Унија, партиите од владејачката коалиција одржуваат блиски врски со Кремљ, одбиваат да воведат санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, а некои од нив се залагаат за свртување кон земјите од БРИКС.
Листата на СНС освои мнозинство со 128 пратенички места во Собранието.
Опозициската проевропска коалиција „Србија против насилството“ е втора со 65 мандати. Нејзините членки немаат единствен став за воведувањето санкции против Русија.
Прогресивците „не му вртат грб“ на Кремљ
„Во тешки моменти не се врти грб на пријателите“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ зборувајќи за санкциите против Русија за време на изборната кампања на СНС на 24 ноември.
Вучиќ не беше кандидат на овие избори, но листата на партијата чиј основач е тој, го носеше неговото име. Претставници на СНС им рекоа на гласачите за време на кампањата дека проевропската опозиција ќе воведе санкции против Русија доколку таа дојде на власт.
Видете и ова: Протест на листата „Србија против насилството“: Да се поништат изборите во БелградРусија ја гледа јавноста како „традиционален пријател“, а истражувањата на јавното мислење покажуваат дека мнозинството српски граѓани се против воведување санкции против Русија.
Ставот на властите во Србија е дека го поддржуваат територијалниот интегритет на Украина. Тие ја осудија агресијата гласајќи за резолуции во Обединетите Нации.
Сепак, тие не ги прекинаа врските со руските претставници од почетокот на инвазијата и одбиваат да воведат санкции кон Кремљ.
„Русите да не се грижат по овие избори. На крајот на краиштата, се гледа дека веднаш испратија честитка, бидејќи можат да бидат задоволни“, смета Јакшиќ.
Портпаролот Дмитриј Песков ден по гласањето во Србија на 18 декември изјави дека Москва го „поздравува успехот“ на Александар Вучиќ.
Песков изрази надеж дека победата на СНС ќе придонесе за понатамошен развој на Србија и очекување дека ќе продолжи „патот на натамошно зајакнување на пријателството, заемно корисната соработка и почитување“ меѓу двете земји.
Русија ја поддржува Србија во оспорувањето на независноста на Косово, прогласена во 2008 година.
„Мислам дека Европејците се помирија со фактот дека Вучиќ не сака да воведе санкции кон Русија“, оценува Јакшиќ.
Тој смета дека притисокот од Брисел сега е насочен кон решавање на косовското прашање.
„Зближувањето на Србија во Европската унија е прогласено за стратешки, геополитички приоритет и таму ништо нема да се промени. Проблемот е што тоа не се реализира во пракса“, додава тој.
Политичарите од црната листа на САД се уште со СНС
Во коалицијата со СНС има и политички актери кои се на црната листа на Соединетите Држави поради нивната блискост со Кремљ.
Поранешниот шеф на агенцијата за разузнавање и основач на Социјалистичкото движење, Александар Вулин, е осомничен за „овозможување на малигни руски активности во регионот“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од редовите на неговата партија, во септември годинава до Собранието беше испратен предлог за резолуција за пристапување на Србија во БРИКС, група составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.
Претходниот состав на Собранието не расправаше за предлогот на оваа резолуција.
Под санкции на САД поради врските со Русија е и Ненад Поповиќ, лидерот на Српската народна партија, коалиционен партнер на прогресивците.
Со помал број пратеници, 18 наместо досегашните 31, во Собранието влегува и проруската Социјалистичка партија на Србија, која со СНС е на власт повеќе од една деценија.
Претседателот на СПС и поранешен министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го опиша како „стар добар пријател“.
Душан Бајатовиќ, функционер на таа партија, во предизборната кампања се појави со симбол на руска агресија врз Украина.
Инаку, Бајатовиќ беше на чело на „Србијагас“, државна енергетска компанија чија работа зависи од Русија од каде што увезува гас.
За прв пат во парламентот проруски теоретичар на заговори
Новите лица во српскиот парламент се претставници на десничарската проруска листа „Ние - гласот на народот“, предводена од д-р Бранимир Несторовиќ, познат по своите теории на заговор. Тој ќе има тринаесет мандати во Собранието, а Несторовиќ не ја исклучи можноста да ја поддржи владејачката коалиција.
За време на кампањата, меѓу другото, рече дека поддршката за нивната листа е „поддршка за сојузот на Србија со братска Русија“.
Кандидат за заменик на таа листа е Драган Станојевиќ, малку познат во Србија, но опишан како силно проруски играч, кој е под украински санкции.
Во Србија, како што јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа, регистрирано е претставништвото на руската невладина организација „Друга Украина“.
Таа организација е основана од Виктор Медведчук, поранешен украински политичар обвинет за предавство.
Станојевиќ повеќепати јавно го изразуваше своето восхитување од политиката на рускиот претседател Владимир Путин и ја поддржа воената агресија против Украина.
Десничарската коалиција НАДА со сличен број пратеници
Опозициската десничарска коалиција НАДА, која ја сочинуваат Новата демократска партија на Србија и Движењето за обновување на Кралството Србија, во новиот состав ќе има 13 претставници. Ова е резултат сличен на лани, кога во последниот состав на парламентот НАДА имаше 14 мандати.
НАДА, како што е наведено во нивните програмски цели, се залага за „почитување и зајакнување на принципот на воена и политичка неутралност на Србија“.
Наместо за членство во Европската Унија, тие се залагаат за економска, трговска, културна и академска соработка во Европската економска област.
Лидерот на коалицијата, Милош Јовановиќ, во неколку наврати изјави дека за нив санкциите против Русија се „неприфатливи“, а дека Русија е „сојузник на Србија во многу домени“.
Фокусот на кампањата на Јовановиќ беше силно противење на договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, постигнат под покровителство на Европската Унија.
Во февруари и март годинава, премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ дадоа усна согласност за договорот и планот за негова имплементација.
Видете и ова: Вучиќ прогласи победа, но неизвесно е кој ќе биде власт во БелградЗа коалицијата НАДА ова е „црвена линија што не треба да се помине“.
„Успехот на коалицијата НАДА и помага на Русија, бидејќи тоа е коалиција која е антиевропска и проруска, а истото секако може да се каже и за коалицијата предводена од Несторовиќ“, вели Јакшиќ.
Руската партија како малцинство во Парламентот
За прв пат во парламентот влезе руската партија која на изборите учествуваше како малцинство. Според првичните резултати таа ќе има еден пратеник.
На чело на партијата основана во Шабац во 2013 година е Слободан Николиќ, по професија економист и претседател на Друштвото за српско-руско пријателство „Владимир Путин“.
Русофилизам, социјален конзервативизам, евроскептицизам, антиглобализам,српски национализам - вака е опишана идеологијата на оваа партија на веб-страницата на Руската партија.
Руската партија се залага за влез на Србија во Евроазиската економска унија и полноправно членство на Србија во воената Организација на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ). Столбот на двете организации е Русија.
Таа се залага за зголемување на соработката со Русија на полето на економијата, културата и образованието.
При поднесувањето на кандидатурата на изборите, листата доби малцински статус и покрај противењето на дел од членовите на Републичката изборна комисија дека списокот не е вистински малцински.
Руската партија и на локалните избори во главниот град доби статус на малцинска листа, иако некои членови на изборната комисија изразија сомнеж за валидноста на потписите за поддршка на таа партија.
За разлика од западните меѓународни набљудувачи, кои по изборите укажаа на нерегуларности, руските набљудувачи оценија дека изборите поминале во „фер и коректна атмосфера“.
На покана на Изборната комисија на Република Србија, изборите ги следеше сенаторот Дмитриј Василенко, кој е под санкции од САД, Велика Британија и ЕУ поради поддршка на инвазијата и анексија на украински територии.